Нада Прља: АДАН ВО ГРАДОТ НА ОГНОТ

Музеј на современата уметност

27. декември, 2019 – 21. февруари, 2020

Под влијание на глобалната криза, Нада Прља на изложбата „Адан во градот на огнот“ поставува редица прашања што рефлектираат на глобалната криза во светот денес од кој се наѕираат и бројни дилеми што навестуваат дека неговиот можен крај не е само имагинарен. Една од тие се поизразени дилеми се однесува и на тоа што значи да се биде уметник денес?

Поточно, едно од основните прашања е како и што да се создава кога сите ресурси забрзано се исцрпуваат и кога на производството на нови добра и нови вредности се гледа како на исклучок? Дали и како овие состојби влијаат на работата на уметниците и дали и како тоа може да го промени начинот на кој ние ја вреднуваме културната продукција. Ова може да се прошири и на размислувањето дали оваа криза ќе влијае и на тоа како го вреднуваме нашето постоење како човечки суштества. 

Изложбата „Адан во градот на огнот“ е обид да се постават и промислат овие прашања и обид да се побараат нови креативни методи соодветни на светот во кој живееме. Со цел да ги испита овие можни нови методи, Нада Прља создава свој алтер его – Адан, лик од стрип, кој во серија стрип новели истражува како и што значи да се создава уметничко дело во денешно време.  Адан нуди три модели на создавање: со позајмување на уметнички дела да се рефлектира на историјата на субверзивен начин ; со повторна употреба или рециклирање на материјалите и идеите од позајмените дела, па дури и од сопствените дела; и конечно со демистификација или “де-уметнификација“ на уметничкото дело и негово отворање за друга употреба. Три стрип новели во кои се артикулираат овие постулати, ќе бидат отпечатени и дистрибуирани во текот на траењето на изложбата. Првата новела (Пилот), во која се појавува ликот Адан, ќе биде претставена на отворањето на изложбата.   

Нада Прља, Скулптура, 2019 (во состав на инсталацијата: Јордан Грабулоски, Скулптура, 1966, камен, 30х40х15 сопств. на МСУ Скопје), метални профили, бетон, камен, лиени фрагменти, метална прашина, ready made објекти, 280x280x280 см.; Фотографија © Ana Maljanovska / HO1000D

Како резиме на овие идеи и обиди за модификување на начините на работење и на гледање на културата, Прља не води во 3030 година со цел на гледачот да му понуди малку поизострена визура на нашата денешна цивилизација, која според приказната на Адан исчезнала на 20. 02. 2020 година. Според приказната, една нова цивилизација во 3030 година ја открива тајната на Адан во нејзиното создавање, пресоздавање и рециклирање на уметнички дела од Адан во очи на денот на пропаста на цивилизацијата.

Во духот на делото на познатиот американски концептуален уметник Он Кавара (кој го бележеше секој изминат ден со сликање на платно), Прља (АдаН) во страв од пропаста на светот рачно ги пресликуваше годините и местата на природните катастрофи, чиј број се повеќе се зголемува од 2000 година. Насловот на ова дело е „Дневникот на катастрофи“ и во него пресликувањето на зборовите и бројките е нанесено директно на едно постаро дело на Прља насловено „Лоши вести“ од 2004 г. во кое црни квадрати на празен лист ја покажуваат количината на рекламни огласи во еден единствен весник. Прља (АдаН) смета дека делото од 2004 година е веќе ирелевантно и затоа го пресликува со теми кои се понови и поактуелни, применувајќи ја на тој начин една од нејзините методи за пре-создавање или рециклирање на сопствените дела.


Даниел Серафимовски, Паст перфект, 2016/2019, (две фотографии), 42х55см.; Со љубезна дозвола на уметникот; Фотографија: © Andrijana Tilik

Последната инсталација на изложбата ги комбинира делата на Нада Прља, Олга Јевриќ и Даниел Серафимовски. Во него, уметницата го поместува фокусот на конкретната опсервација на нашито град Скопје (ЕјпокС): делото на Јевриќ го претставува уништувањето на урбаниот простор како последица на Втората Светска Војна; Прља зборува за запуштањето на урбаниот простор во Скопје со собирање и составување на бетонски отпадоци оставени на скопските улици; Серафимовски пак, ги бележи најновите модификувања на градот Скопје.

И најпосле, во визуелно најрафинираното дело „Прада, Прада“, Прља ги преобликува кошулите дизајнирани од најпознатите модни креатори, Прада, Бурбери, Еквипмент и др. со цел да го преиспита нашиот систем на продукција и потрошувачка во еден чин каде брендираните кошули се претвораат во обичен текстил.

За Нада Прља: работи како професионален уметник од 1998 година и како универзитетски предавач од 2005 година. Магистрирала во Лондон на Кралскиот уметнички колеџ, по дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Нада Прља ја претставуваше Република Северна Македонија на 58. Биенале во Венеција во 2019 г., а учествувала и на 5. Биенале во Москва; 7. берлинско Биенале; Манифеста 8, во Мурсија, Шпанија; 4. Биенале „Крај на Светот“ во Буенос Аирес и во Сантијаго де Чиле; 28. Интернационалното графичко биенале во Љубљана.

Самостојно Прља излагала на голем број изложби во најугледните институции и галерии во Европа, САД, Јапонија и Македонија.