Изложби Тековни Следни Минати
EN

Ѓорѓе Јовановиќ: Горчлив шеќер

19/09/ 2023 – 16/02/ 2024

Проектот „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ е составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот; фрагменти кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации што се однесуваат истовремено на локалниот контекст, но и на влијанијата и меѓузависноста со глобалните текови.

Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, како и со  комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика), се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и на истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект ја интегрира неговата претходна творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ се труди да создаде повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост.

Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични, и трагикомични приказни, работени според идеи на Јовановиќ, како и раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски и др). Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините, и преку прикажување на екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.

Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има за цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации, и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од бројни кризи и егзистенцијална неизвесност.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се  прашањата за интеграцијата  и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето  на себеси во потесен  и поширок контекст на распадот на  старите  и создавањето на нови вредности. Работи  инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи  и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи  ја флуидноста на современиот контекст.  

Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство, меѓу кои: „Обезглавените“ – Прима центар Берлин (Берлин, 2020), „Chocolate Drops“ – галерија „Хоаст“ (Виена, 2018), „Радио Слободно Скопје“ – Центар за современи уметности (Скопје, 2015-16), „Изуми за вас, прекрасни луѓе!“ – Музеј на современата уметност (Скопје, 2014), „Исповедите на еден јадач на колачи“ (Ровињ, 2013), „Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција“ (Њујорк, 2010), „It’sComplicated“ (Грац, 2010) итн.

Резиденцијални престои: IAAB – Базел, TICA – Тирана, La Cité internationale des Arts – Париз, Watermill Centеr Њујорк, „Апартмент проект“ – Истанбул, ISCP – Њујорк, CCN – Грац.

 

Куратори на проектот: Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Откривања: Дела од шпанската колекција

14/10/2024 - 03/11/2024

Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски

26/09/2024 - 17/11/2024

СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација

5/09/2024 - 5/11/2024

НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко

5/09/2024 - 5/11/2024