Изложби Тековни Следни Минати
EN

Сè што ни е заедничко: ИНСТИТУЦИЈА ШТО ДИШЕ

27/11/2025 - 01/03/2026

 

Изложбата „Сè што ни е заедничко: ИНСТИТУЦИЈА ШТО ДИШЕ ги воведува теоретските и политичките основи на „борбеното дишење“ како критичен метод за дејствување и читање на воздухот како политички медиум во институционалната сфера.
Дишењето на ист воздух не значи дека дишеме подеднакво. Останувањето без здив по правило го следи животот на маргинализираните. Франц Фанон ги опишува соништата на колонизираното тело како „мускулести соништа: соништа за акција, соништа за агресивна виталност, за „борбено дишење“. Во овие соништа за простор за слобода, белите дробови се инструмент и мускул, понекогаш атрофирани од токсичноста на колонијалните атмосфери, но секогаш подготвени да извлечат ненадеен здив во деколонијалните напори.

Во време кога систематската злоупотреба ги гуши обесправените и катастрофалните владини или корпоративни практики го одземаат здивот на непривилегираните, предизвик е да дишеме длабоко и со полни гради. Вдишуваме кога ни е тешко и издишуваме кога сме ослободени од тежок товар, со намера јасно да му покаже на светот што се случува кога луѓето се исклучени, лишени од права, угнетувани.

Оттука, инспириран од поимот „борбено дишење“ и распространетата метафора за останување без здив поврзана со угнетувањето, изложбата „Се што ни е заедничко (Институција што дише)“ прикажува како уметничките практики интервенираат, визуелизираат и демонтираат атмосфери на колонијализмот, империјализмот и капитализмот во рамките на институционалното и секојдневно живеење. 

Форензичка архитектура ги документираат „токсичните облаци“ на воени и индустриски операции кои ја претвораат атмосферата во оружје; во делото на Џумана Мана воздухот станува продолжение на територијата: колонизиран и надгледуван; Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман ја истражуваat историјата на колонијалната екстракција и невидливиот воздух како траума што патува низ простори и тела; проектот Gaza Remains the Story на Палестинскиот музеј сведочи за постојаното задушување на една територија, политички, физички и симболички; делото на Дурмиш Ќазим го открива задушениот воздух во изложбите и архивите на институциите во кои ромските тела и дела не се видливи; Зорица Зафировска, преку својата интервенција за загадениот воздух во Скопје, го отвора локалниот хоризонт на оваа тема: дишењето како секојдневен политички чин во град кој живее под постојана токсична закана.

Сите овие контексти се поврзани и сите произлегуваат од исти структури на насилство: капиталистичка екстракција, колонијални хиерархии и систематско исклучување. Проектот има за цел да го разоткрие насилството што се правиме дека не го гледаме, во нашата околина и културни простори и неговите материјални, социјални и политички склопови. Оттука, најважно прашање е како можеме да научиме да ги детектираме шепотењата на маргинализираните апнеични тела и преку уметнички практики да размислуваме како да oвозможиме да дишат повторно?

Уметници: Форензичка Архитектура, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска, Палестински музеј

Кураторки: Мира Гаќина и Јованка Попова

Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на РСМ и пријатели на МСУ Скопје: Тиквеш Кавадарци

Насловна илустрација: Форензичка архитектура, Студии на облаците (Бејрут) 

Архуња Нојман и Дениз Фереира Да Силва, Облаците на претците, барањата на претците, 2023, видео, 49'. „Облаци од предците, барањата на предците” е филм кој го следи воздухот и она што тој го носи — прашина, облаци, идеи, приказни и гласови — како водилка и аналитичка рамка. Снимен во Чиле, во пустината Атакама, филмот ги истражува преплетеностите и преклопувањата меѓу историските настани, минатото, сегашноста и иднината на овој простор. Поведувајќи не на визуелно патување низ меѓународниот астрономски центар, обсерваторијата АЛМА, и низ рудниците за литиум во Атакама, филмот прикажува како материјалните траектории во голема мера се испреплетени со просветителските идеи, како и нивната трансформација во современи неолиберални авторитарни структури и нивното ширење низ светот. Воздухот кој е безвремен, множински и недофатлив, преку честичките, сеќавањата и барањата на предците, е призма што го открива она што ни останува скриено пред очите — темелите на западната мисла што ги поддржуваат колонијалните наследства на нееднаквост, расна исклученост и човечки екстрактивизам. Филмот е дел од видео-инсталација, која ги проширува идеите за ветерот и облаците, вклучително и „соба со облаци“ исполнета со истражувачки архив на проектот.

Форензичка архитектура, Студии на облаците, 2020, видео, 32'59'' . Од Палестина до Бејрут, од Лондон до Индонезија и границата меѓу САД и Мексико, колективот Форензичка архитектура истражува, разоткрива и разобличува како моќта го преобликува воздухот што го дишеме. Облаци од солзавец распрснуваат отров во воздухот на местата каде што се групираме, облаци од бомби ги бришат зградите, хемиското оружје задушува цели населби, а загадениот воздух ги погодува најмаргинализираните. Нашиот воздух е претворен во оружје. Нашите облаци се токсични. Видеото „Студии за облаците“ ја претставува и првата фаза од едно големо истражување на Форензичка архитектура за еколошкиот расизам долж бреговите на реката Мисисипи во Луизијана. Афроамериканско население, коие е мнозинство на оваа територија и чии предци биле поробени токму на овие простори, денес го дише најтоксичниот воздух во САД. Оттука и целиот регион е познат под името „Алеја на ракот“.

Изглед од поставката: Во преден план, Зорица Зафировска, институционални градини, 2025, инсталација, видео, маслинка, и семенски топчиња за споделување. Во позадина, Форензичка Архитектура, Студии на облаци, видео проекција. Зорица Зфировска гради долготраен проект кој вклучува мали акции, работилници и активности во соработка со ученици и наставници од ОУ Коле Неделковски, членови на Зелената арка и општествената градина Бостание, биологот и еколог Кирил Арсовски, градинарот Андреј Рајатовски и вработени од Музејот на современа уметност, волонтери и случајни минувачи. Проектот „Институционални градини“ ги истражува можностите на екологијата како простор на заедничка одговорност, грижа и емпатија. Во контекст на современото општество, екологијата повеќе не се разбира само како наука или активизам, туку како начин на живеење и соработка, што ги поврзува културните, социјалните и политичките процеси на секојдневието. Проектот ја нагласува потребата од преосмислување на институциите како живи екосистеми – отворени, флексибилни, одговорни и одржливи. Преку серија на мали акции, јавни активности и соработнички работилници, проектот промовира еколошка свесност, колективна грижа и нови форми на заедничко дејствување. Во време на забрзана урбанизација, климатски кризи и растечка фрагментација, овој проект предлага град како жив организам, каде што секој јавен простор може да стане градина — место на обновување, учење и заедништво.

Зорица Зафировска, Семенски топчиња – земи, засади, создади живот! 2025, инсталација со семенски топчиња. Секој посетител ќе има можност да земе семенски топчиња, мали еколошки капсули составени од почва, семиња и природно ѓубриво, подготвени да дадат ново растение без многу труд. Доволно е да ги засадите во вашата градина, на балкон, или едноставно да ги фрлите во природа на место каде што има потреба од повеќе зеленило. Земи едно семенско топче и дозволи природата да продолжи да расте!

Изглед од поставката: Во преден план, Зорица Зафировска, институционални градини, 2025, инсталација, видео, маслинка, и семенски топчиња за споделување. Во позадина, Палестински музеј, Газа останува приказна, Претставување на дигитална збирка материјали од Музејот за современа уметност-Палестина.

Џумана Мана, Собирачи, 2022, видео, 63'24“. Делото „Собирачи“ ги прикажува драмите околу собирањето диви јадливи растенија во Палестина/Израел со ироничен хумор и медитативно темпо. Снимен во Голанската Висорамнина, Галилеја и Ерусалим, филмот се користи со фикција, документарн пристап и архивски снимки за да го прикаже влијанието на израелските закони за заштита на природата врз овие обичаи. Ограничувањата забрануваат собирање на мајчина душица („акуб андза’атар“), растение слично на артичок, и резултираат со казни и судења за стотици фатени кoi ги собираат овие автохтони растенија. За Палестинците, овие закони претставуваат еколошки превез за законодавството што дополнително ги лишува од нивната земја, додека државните претставници на окупаторот инсистираат на нивната научна експертиза и должност да ги заштитат растенијата. Следејќи ги растенијата од дивината до кујната, од брканиците на собирачите од страна на патролата на природата, до одбраната пред суд, „Собирачи“ ја доловува радоста и знаењето отелотворени во овие традиции, заедно со нивната отпорност кон законот за забрана. Со преформулирање на условите и ограничувањата на зачувувањето, филмот покренува прашања околу политиката на истребување, имено кој одредува што ќе исчезне и што ќе продолжи да живее.

Дурмиш Ќазим, Портрет на Ром, 2016, пастел на хартија. Со внимателно изведен пастел, Дурмиш Ќазим создава портрет што го отвора прашањето на видливоста и застапеноста на Ромите во јавниот и институционалниот простор. Портретот, кој е подарок од уметникот и дел од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, го поставува ликот на Ромот таму каде што речиси никогаш не бил присутен — во институционалниот контекст на уметноста. Со тоа, делото не само што прикажува лице, туку и впишува присуство, отворајќи можност за поинакво читање на репрезентацијата и на позицијата на маргинализираните во рамките на современото општество.

Палестински музеј, Газа останува приказна, 2025, серија плакати. „Газа останува приказна“ ја прикажува причината и контекстот на палестинското искуство. Изложбата се стреми да информира, едуцира и раскажува приказни за историски локации и културни практики во Газа, давајќи увид во уметноста, аспирациите и уникатноста на Газа - што останува од неа во овие сурови времиња. Додека оглушувачката бучава од бесконечното бомбардирање го задушува секојдневниот живот, наследството, уметничкиот израз и креативноста на народот на Палестина, оваа изложба се стреми да погледне зад завесите на театарот на војната и освојувањето. Со раскажување на приказните за Газа и спротивставување на дезинформациите, „Газа останува приказна“ има за цел да ѝ обезбеди на глобалната публика информации и референци за контекстуализирање на Газа во рамките на Палестина, регионот и светот. Оваа изложба користи аудиовизуелен материјал за да ги истражи историските, економските, географските, демографските и креативните аспекти на животот во Газа.

Архуња Нојман и Дениз Фереира да Силва, Облаците на претците, барањата на претците, 2023, видео, 49'.

Палестински музеј, Газа останува приказна, 2020. Претставување на дигитална збирка материјали од Музејот за современа уметност – Палестина „Газа останува приказна“,

Визуелниот идентитет на изложбата, дизајн на Албана Бектеш

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Ремек-дела за сите: Музеј во куфер

24/11/2025

15. Биенале на млади уметници: „Утрото започна вчера“

18/11/2025 - 28/11/2025 & 28/11/2025 - 12/12/2025

Оливер Мусовиќ: БИЛНИ ПРИЛАГОДУВАЊА

24/10/2025 - 19/11/2025

Континуитети:  Насекаде дома

13/10/2025 - 10/11/2025