18/04/2018 - 05/06/ 2018
Да се живее во еден бездомен свет, да се наоѓаат неговите амбивалетности и нејаснотии отсликани во поле на фикцијата, или неговата расцепканост и раскршеност изведени во уметничко дело, значи и да се потврди длабоката желба за општествена солидарност: барам како да се вклучам… сакам да се вклучам… сакам да се вклучам. (Хоми К. Баба)
Во текот на минатата деценија, употребата на терминот прекаријат значително се шири во различни социјални, политички и културни контексти, примарно дефинирана како состојба која артикулира несигурност, како егзистенцијална категорија поврзана со ранливоста на човечкиот и не-човечкиот живот. Во нејзината проширена дефиниција Изабел Лори (Isabell Lorey) прекаријатноста ја одредува како политички предизвикана состојба на доминација, во која одредени популации страдаат од неуспех во социјалните и економски мрежи на поддршка и следствено стануваат различно изложени на симболични и материјални несигурности. Како таква, прекаријатноста е услов за структурна нееднаквост, каде социјалните, политички и економски односи на истата се произведени низ систематска и насилна категоризација и хиерархизација. Финално, Лори зборува за владина прекаризација, проблематизирајќи ја интеракцијата помеѓу инструментот на владеење и условите на економска експлоатација и режими на субјективација.
Повикувајќи се на кажаното, селекцијата на осумнаесет уметници не запознава со дела кои даваат вовед во низа специфики на прекаријатот од различни истории и култури, и покажуваат како истите постојано се наметнуваат врз сегашноста, барајќи ангажирано да ги трансформираме сопствените искуства и познавања во однос на крос-културните релации. Проблематиката и ситуациите на кои тие се осврнуваат, често трагични, културно условени, социјално изманипулирани, политички оштетени, паразитски зависни од низа нестабилни одлучувачки фактори и бирократски структури, ја прикажуваат прекаријатската природа на современиот живот и беспокојството чии последици се насекаде. Манифестирани во форма на воени интервенции, масовна хистерија, миграции, невработеност и сиромаштија, глобални кампањи, лични трагедии, тие се совршени документи на општата несигурност.
Окарактеризирана како состојба предизвикана од широк спектар на процеси, која се протега низ просторот и времето во домен на различни услови, но и ситуации и области кои се преклопуваат, несигурноста не е автономнoст која постои во себе во онтолошка смисла на зборот, туку секогаш релациона а со тоа и социо-онтолошки определена во “да се биде-со”, вклучувајќи ги и останатите прекаријатни животи.
Следствено, се поставува прашањето до кој степен дисперзираните несигурни субјективитети, всушност може да станат заеднички. Ако општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но, исто така, она што нѐ разликува и нè одвојува од останатите во прекаријатноста, дали можеме да пронајдеме практики кои се насочени кон заедничко добро и заедничка политичка акција?
Изборот на дела нѐ позиционира по прашања за начините на кои ние ја разбираме прекаријатноста, нејзините механизми и одредени импликации; дозволува да размислуваме како личната визија може да е споделена социјално; можностите и ограничувањата со кои се соочуваме; со прашањето кои се нашите очекувања во однос на моќта и слободата; кои нивоа на лични искушенија или неволји се на прагот на толеранцијата и издржливоста; мноштво прашања и дилеми во однос на личната одговорност и етиката, акцијата и последиците.
Оттука, во претставената рамка ретко кога станува збор за физичките простори, туку повеќе за врамување на односи и можности, констелација на влијанија чии репрезентации се од значење сега и во иднина.
Куратори на проектот: Мира Гаќина и Јованка Попова
Учесници: Ана Адамовиќ (Србија), Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина), Жанета Вангели (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија), Христина Иваноска (Македонија), Славица Јанешлиева (Македонија), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Шејла Камериќ (Босна и Херцеговинa), Албан Муја (Косово), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу (Грција), Рената Пољак (Хрватска), Анри Сала (Албанија / Франција), Флака Халити (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Иштван Ист Хузјан (Словенија), Јане Чаловски (Македонија), Билјана Џурџевиќ (Србија).
Откривања: Дела од шпанската колекција
14/10/2024 - 03/11/2024
Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски
26/09/2024 - 17/11/2024
СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација
5/09/2024 - 5/11/2024
НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко
5/09/2024 - 5/11/2024