14/10/2024 - 03/11/2024
Kуратори на изложбата:
Владимир Јанчевски / Благоја Варошанец / Ива Петрова Димовски
Со изложбата насловена „Откривања: Дела од шпанската колекција на МСУ-Скопје“ со дела од шпанската колекција на Музејот на современата уметност – Скопје сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Шпанија и Северна Македонија. Оваа изложба е резултат на соработката на Музејот на современата уметност – Скопје и Амбасадата на Шпанија во Р.С. Македонија и претставува дел од одбележувањето на 12 Октомври – Националниот ден на Шпанија.
По катастрофалниот земјотрес што го погодил градот Скопје во 1963 година и основањето на МСУ-Скопје во 1964 година, се забележува придонесот и на шпанските уметници, што преку директните контакти, низ годините резултирал со една забележителна збирка на донации. Таа била и дополнително проширувана, а уметници од Шпанија се вклучени и во некои од современите изложби.[1↓]
Во колекцијата на МСУ-Скопје се чуваат вкупно над 5300 дела, помеѓу кои значајно место има шпанската колекција со 42 дела од 19 уметници, како што се Анхел Дуарте, Маноло Миес, Мил Луброт, Рафаел Каногар и други, како и 8 дела од 4 уметници со шпанско потекло, а живееле и работеле во странство и се наоѓаат во други колекции како Француската и Бразилската: Доротео Арнајз, Хуан Рабаскал, Изабел Понс и секако Пабло Пикасо. Уметниците – дарители се носители на еден творечки континуитет во текот на целиот 20 век.
Иако во споредба со некои други, станува збор за помала збирка, делата од Шпанската колекција, квалитативно претставува суштински дел од колекцијата на МСУ-Скопје, како репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на 1960тите и 1970тите години, вградени во основниот концепт врз кој се темели Музејот. За тоа зборува и фактот што дела од шпански уметници редовно биле изложувани во постојаните поставки на музејот (1970, 1982, 1991, 2014), потоа и во рамки на изложбите на Подарени дела, како и изложбите со избор на дела од Графичката колекција (1972,[2↓] 1983, 1988, 1991).
Во текот на повеќедецениската комуникација на двете држави остварени се повеќе соработки на полето на ликовната уметност. Во МСУ-Скопје одржани се и некои други значајни гостувачки изложби меѓу кои по своето значење се издвојува изложбата на шпанскиот енформел во 1983 година,[3↓] настан кој предизвикал голем интерес и отворил полемика околу доминантниот уметнички дискурс.[4↓] Исто така, дела од шпански уметници се вклучени и на најзначајните гостувачки изложби како неодамнешните во Кунстхале Виена (10 април 2023 – 28 јануари 2024)[5↓] и Националната галерија во Прага (21 март – 29 септември 2024),[6↓] каде што се вклучени делата на Пикасо и Рабаскал.
Досега Шпанската колекција не е посебно претставена, и со ова се прави првиот пообемен издвоен преглед, преку изложба и издавање на публикација што ги опфаќа авторите од шпанската колекција, како и авторите со шпанско потекло. Сметаме дека е особено е важно нивното претставување во денешниот момент, со цел да се истакне отвореноста и стремежот МСУ-Скопје за унапредување на интернационална соработка.
Изложбата насловена „Откривања“ претставува избор од слики, графики, фотографии, таписерии и мозаик, создавани во период од 1937 година па сѐ до 2006 година, од повеќе генерации шпански уметници кои живееле и создавале во Шпанија, но и надвор од неа. Претставени се вкупно 39 дела на 26 уметници, вклучувајќи 27 дела од 19 уметници од Шпанската колекција на МСУ-Скопје (Р. Каногар, М. Милјарес, Лиза Рехштеинер, Луис Ортега, Жерар Ломен, Хозе Луис Галиција и др), како и 6 дела од 4 уметници со шпанско потекло или родени во Шпанија (Изабел Понс, Х.Рабаскал). Исто така, како надополнување,во изложбата се претставени и 6 дела од 3 уметници инспирирани од Шпанија (Албер Сулилу од Франција; Бруно Талпо од Италија и Иво Вељанов од Македонија). Изложбата ја надополнува и изборот на документи, каталози и фотографии од архивата на МСУ-Скопје, кои го осветлуваат контекстот во кој се создавала колекцијата на МСУ и го регистрира шпанскиот придонес во неа.
Преку презентираните дела на значајните автори кои се дел од светското уметничко наследство, оваа изложба ја наметнува и основната интенција за истакнување на универзалните вредности и актуализирање на потребата од понатамошно надополнување на колекцијата со дела од автори отворени кон современоста преку иновативен и критички пристап во уметноста. Оваа изложба која се отвора на денот кога се одбележува Националниот ден на Шпанија во годината кога се чествуваат и 60 години од основањето на МСУ-Скопје е потсетување на светската солидарност – на што се темели Музејот – и важноста на меѓународната соработка што е основа за справување со заедничките предизвици во современоста.
Кординација на изложбата
Јулија Манојлоска
Конзерваторски тим
Јадранка Милчовска, Љупчо Иљовски
Визуелен идентитет
Нада Прља Серафимовски
Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска помош на Амбасадата на Шпанија во Скопје.
[1] Се издвојува учеството на Даниел Гарсија Андухар на изложбата „Сé што ни е заедничко“ (All That We Have in Common, МСУ-Скопје, декември 2019, курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова).
[2] Борис Петковски, Изложени слики и скулптури од колекцијата на МСУ. Публикација од изложбта од постојаната поставка отворена во новиот објект на 13 ноември 1970 година.
[3] Енформел во современото шпанско сликарство, МСУ -Скопје, мај – јуни 1983. Организација на изложбата Викторија Васева Димеска. Текст Сеферино Морено.
[4] Владимир Георгиевски, „Апстракцијата во уметноста: Кому му е потребен „шпанскиот“ енформел?“, Коментар (по повод изложбата „Енформел во современото шпанско сликарство“, МСУ Скопје, мај – јуни 1983) Објавен во Нова Македонија, Скопје 04.06.1983; Без наслов – Коментар од рубриката Културен живот по повод полемиката помеѓу Владимир Георгиевски и Стручниот колегиум на Музејот на Современата уметност од Скопје, Објавено во Нова Македонија, Скопје, 11.06.1983.
[5] Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста МСУ-Скопје (No Feeling is Final. Skopje Solidarity Collection, Kunsthalle Vienna 10/04/2023 – 28/01/2024. Изложба курирана од WHW,вo соработка со МСУ-Скопје.
[6] Ниедно чувство не е конечно: Колекција на солидарноста МСУ-Скопје No Feeling is Final. Skopje Solidarity Collection, National Gallery of Prague 21/03 – 29/09/2024. Изложба курирана од WHW и Радо Ишток (Rado isztok) вo соработка со МСУ-Скопје.
Откривања: Дела од шпанската колекција
14/10/2024 - 03/11/2024
Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски
26/09/2024 - 17/11/2024
СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација
5/09/2024 - 5/11/2024
НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко
5/09/2024 - 5/11/2024