Изложби Тековни Следни Минати
EN

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

 

Изложбата Континуитети претставува избор од слики, скулптури и графики, создавани во средината и втората половина на 20-от век, во периодот од 1933 до 2001 година и кои претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници, кои живееле и создавале во Франција.

Збирките на МСУ Скопје бројат вкупно 5291 уметнички дела, од кои 300 дела се од над 150 уметници од Франција. Според белешките на првиот директор на МСУ, д-р Борис Петковски, по катастрофалниот земјотрес кој го разрушил градот во 1963 година, меѓу првите реагирал францускиот писател и критичар Жан Касу. Тој преку писмена коресподенција анимирал значителен број уметници, кои подариле свои дела на Скопје. Студискиот престој во Париз на Петковски во 1964/65 година му овозможил директни контакти со уметниците, што резултирал со една голема збирка подароци, која и дополнително била проширувана.

Во 1966 година за првпат се промовира француската колекција преку изложба на подарени дела. Прикажана е уште неколку пати во текот на историјата на музејот, а делата на уметниците од Франција имале клучно место и во сите верзии на постојаната музејска постaвка.

Историјатот на оваа колекција е заокружен од Силвен Лекомбр во 2015 година со издавање на публикација што ја обработува од повеќе аспекти, дополнувајќи ја со ревалоризација и нови сознанија, со заклучок дека меѓународната колекција го означува Музејот на современата уметност Скопје како единствена таква институција во Европа.

Може да се каже дека во најголем број уметниците-дарители се носители на еден творечки континуитет во текот на целиот 20 век, како импулс во насока да се задржи и продолжи приматот на Париз како еден од најважните центри на уметноста. Привлекувајќи го вниманието на уметниците од различни делови на Европа и светот, во Париз во тој период живееле и твореле уметници како: Пабло Пикасо, Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Вифредо Лам, Хисао Домото, Зао Ву Ки и многу други, па оттука и Француската колекција во МСУ-Скопје го поседува овој карактеристичен интернационален дух кој ја одбележува уметноста на 20 век.

Изложбата Континуитети ги претставува делата на Хисао Домото, Фернан Леже, Пјер Сулаж, Зао Ву Ки, Едуард Пињон, Андре Масон, Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Асадур, Ана-Ева Бергман, Вилфредо Лам, Зора Стак, Брам Ван Велде, Хуан Рабаскал, Семјуел Бури, Бернар Бифе, Барбара Квасниевска, Зоран Мушич, Марта Пан, Етјен Ажди, Софи Лекомт.

Со изложбата сe одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Франција и Северна Македонија, како и 60 години од скопскиот земјотрес.

Куратори се: Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Откривања: Дела од шпанската колекција

14/10/2024 - 03/11/2024

Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски

26/09/2024 - 17/11/2024

СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација

5/09/2024 - 5/11/2024

НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко

5/09/2024 - 5/11/2024