13/10/2025 - 10/11/2025
ЛУ Народен музеј – Велес, 13–27 октомври 2025
НУ Завод и музеј – Битола, 28 октомври – 10 ноември 2025
Изложбата „Континуитети“
Потеклото на колекцијата е поврзано со катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, кога по иницијатива на францускиот писател и критичар Жан Касу и преку ангажманот на првиот директор на МСУ, д-р Борис Петковски, бројни француски уметници подариле свои дела на градот како чин на солидарност. Подоцна, со истражувањето и публикацијата на Силвен Лекомбр (2015), оваа збирка доби нова научна и историска рамка што го потврди интернационалниот и солидарен дух на музејот како уникатна институција во европски контекст.
Француската уметничка сцена на 20 век се издвојува со отвореност, интернационализам и еманципираност, создавајќи простор за слободен израз и рамноправно учество на уметници без разлика на нивното потекло или пол, или уметничкит израз и стил. Изложбата го истакнува токму тој дух на инклузивност и креативна размена, потсетувајќи дека уметноста е поле на заедништво и универзални вредности кои се актуелни и денес.
Преку делата на Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Ана-Ева Бергман, Зоран Мушич, Марта Пан, Асадур Бездикијан, Зора Стак, Хуан Рабаскал и други, изложбата ги осветлува креативните континуитети што ја обликувале европската уметност на 20 век и го реафирмира духот на светската солидарност – идеал врз кој е изграден и самиот МСУ – Скопје.
Во 2023 година, изложбата „Континуитети“ одбележа 30 години дипломатски односи меѓу Франција и Северна Македонија и 60 години од скопскиот земјотрес, а во 2025 година беше воспоставена нова соработка со Музејот на современа уметност во Лион. На тој начин, низ различни генерации, личности и институции, се гради континуитет на културен дијалог и меѓусебна поддршка, кој ја потврдува трајноста на меѓународната соработка како темелна вредност на музејот.
Во својата суштина, изложбата „Континуитети“ ја слави трајната човечка и уметничка поврзаност што ги обликува нашите заеднички културни сеќавања. Таа ја претставува уметноста како витална мрежа на односи – меѓу уметниците и публиката, меѓу минатото и сегашноста, меѓу локалните и глобалните наративи – што и денес ја дефинираат динамиката на современата уметност и светот во којшто живееме денес.
Куратори: Владимир Јанчевски, Благоја Варошанец и Ива Димовски