22/02/2025 - 29/05/2025
Поставката „КАЛДЕР: Флуидна модерност“ е првата од четирите изложби коишто ќе се одржат оваа година и што ќе овозможат препрочитување на избраните дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје.
Куратор: Нада Прља
Уметници: Роберт Адамс, Ај-O, Боб Бони, Виктор Вазарели, Жанета Вангели, Анхел Дуартe, Александер Калдер, Никола Карино, Ивон Крахт, Борко Лазески, Геза Пернецки, Бриџит Рајли, Хербет Фаерлихт, Жужа Сенеш, Мирослав Шутеј, со дела од колекцијата на МСУ-Скопје. Специјално поканета уметничка е Дорит Крајслер со звучното дело „Калдер свири (на) теремин“.
Нашето современо општество, кое го одбележуваат брзите промени, неизвесноста и непостојаноста во општествените, културните и економските сфери, често се толкува преку призмата на „течна (флуидна) модерност“1. Поимот флуиден укажува на тоа како општествените структури – како што се семејството, работата и другите институции – стануваат сѐ поеластични (флексибилно работно време, некохерентни семејни релации итн.). Во овој контекст на брзи промени и нестабилност, се поставува прашањето за улогата и разбирањето на уметничките колекции од дваесеттиот век, како што е онаа на МСУ-Скопје, која опфаќа над 5.300 дела, претежно од модернистичкото наследство во периодот од 1945 до 1989 година.
Изложбата прави обид да одговори на прашањата како современите генерации, обликувани од флуидната модерност, пристапуваат кон уметничките дела од дваесеттиот век и како ги толкуваат? Кои концепти, идеи и последователно, уметнички дела навистина наоѓаат одѕив во современите гледишта?
Истражувајќи го, сѐ уште, присутниот магнетизам и привлечноста на редуктивниот пристап во апстракцијата (геометриската апстракција и оп-артот), концептуалната и другите нефигуративни форми на уметност, оваа изложба е отворен повик за гледање и толкување на делата од минатиот век селектирани од колекцијата на МСУ-Скопје од перспективата на флуидната модерност.
КАЛДЕР / КРАЈСЛЕР
Во 1964 година, Борис Петковски, првиот директор на МСУ-Скопје, го посетил ателјето на Александер Калдер во Франција, за да избере уметничко дело за колекцијата на Музејот. Меѓу изложените дела, „Црвен полигон“ веднаш го привлекло вниманието на Петковски. Претставено тука, ова дело не служи само како историски артефакт, туку и како истражување на фундаменталната уметничка комуникација, поттикнувајќи прашања за левитацијата, движењето, светлината и геометријата, додека малите метални компоненти во структурата на скулптурата создаваат сопствени кинетички патерни. „Црвен полигон“ го отелотворува етосот на флуидноста и во неговата форма и во неговото значење.
Покрај скулптурата на Калдер е претставено звучното дело на Дорит Крајслер „Калдер свири (на) теремин.“ Инструментот на Крајслер, теремин, бил активиран од движењата на мобилот2 на Калдер, каде што произведениот звук послужил како основа за создавање на звучното дело. Заедно, овие дела заземаат централна позиција во изложбата, проширувајќи ги модернистичките концепти во современата практика. Преку начинот на кој што се поставени заедно, изложбата не само што оддава почит кон трајното влијание на Калдер, туку и ги поканува посетителите — преку звучното дело на Крајслер—да размислуваат за континуираниот дијалог помеѓу модернизмот и флуидната, понестабилна природа на нашето време.
ВАНГЕЛИ / Ај-О
Трите дела прикажани во ова последно „џепче“ од изложбата припаѓаат на концептуалната уметност и флуксусот, сугерирајќи дека бројни модернистички движења може повторно да се прочитаат од перспективата на современоста. Навраќајќи се кон радикалниот предлог на Марсел Дишан од почетокот на XX век — дека значењето на уметничкото дело намерно треба да остане енигматично — овој сегмент, балансирајќи меѓу визуелниот аспект, насловите на делата, па дури и имињата на авторите (Ај-O), истражува како омекнувањето на фиксните толкувања во концептуалната уметност им овозможува и на уметникот и на публиката непрекинато да го преобликуваат значењето и читањето на делото.
Во овој контекст, делото на Жанета Вангели, „Автореференцијална пластика или Chao“, одбива да се придржува кон еден, недвосмислено дефиниран наратив, дозволувајќи му да остане во постојан флукс — усогласено со потребата за постојано прилагодување и преосмислување на вредностите и идентитетите од позиција на флуидната модерност.
Од Калдеровата „геометрија“ во движењето, па сѐ до непредвидливото во истражувањата на Вангели и Ај-O, оваа изложба потврдува дека наследството на XX век е сѐ уште витално, токму затоа што остава простор за флуидното, променливото и недофатливото – истакнуваат од МСУ-Скопје.
…
Фусноти:
…
Медиумски односи: Ангелика Апсис, конзервација: Јадранка Милчовска, кординација на изборот на дела од колекција на МСУ-Скопје: Ива Петрова Димовски, Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Техничка подготовка: Иванчо Велков, Јордан Арсовски и Тоислав Каревски.
МСУ-Скопје изразува благодарност кон учениците од интернационалното школо НОВА, кои помогнаа при инсталцијата на оваа изложба и на Амбасадата на Австрија за соработката околу делото на Дорит Крајслер.