06/11/2025
          
Куратор: Рик Долфијн
Учесници: Феран Лега – Кристијан Алонсо, Катаржина Пастушак – Ирена Чаврилска, Сигне Лиден – Рик Долфијн, Хан Ксијаохан – Кристина Коскентола, Сунах Чои – Алекс Таек-Гванг Ли, Тихомир Топузовски, Шинтаро Мијаваки – Тошија Уено
Отворање: 6 ноември (четврток) 2025 година во 19 часот
Од мочуриштата до висорамнините, од архипелазите до тундрите, земјата е составена од безгранична низа локални и транслокални системи кои опстојуваат, комуницираат и се поврзуват. Овие системи не прествавуваат само материја, тие се во постојани состојби на издржување, приспособување, учење, замислување, сеќавање и реагирање на секој контакт. Тие во себе ги носат сопствените истории и, воедно, ги насетуваат световите што надоаѓаат.
Модерните наративи долго тврделе дека само луѓето ја поседуваат привилегијата да размислуваат. Токму овој мит ја оправдувал човековата доминација врз светот, светот кој е повеќе од човечки, привилегија што низ историјата ѝ припаѓала само на избраната група, на човекот кој е бел, кој доаѓа од западот, од повисока класа. Векови наназад, нивните идеи, а со нив и нивните постапки, ги избришале историите на планетата, оставајќи зад себе непресметлива трага на уништување.
Денес, самата структура на оваа реалност е решително доведена во прашање. Оттаму, се прашуваме дали можеме да ги следиме биолозите кои ги мапираат начините на кои размислуваат растенијата? Дали може да се согласиме со антрополозите кои сериозно го прифаќаат домородното знаење и истражуваат како шумите сонуваат и зборуваат? Додека филозофите се насочуваат кон интелигенцијата на октоподите, делфините и гавраните, суштества чии облици на свест се различни од нашите, но не се помалку сложени.
Но, што е со самата земја? Основата што нè одржува, што го создава целиот спектар на живот, со еони генерирала заплеткани, зачудувачки сложени екосистеми – светови во светови, во кои човештвото игра само минорна улога. Ова промислувачко создание кое го нарекуваме Земја, сигурно не е импресионирано дури ни од најдраматичните еколошки кризи кои доаѓаат. Она што за човештвото претставува закана од истребување, за Земјата може да биде само уште еден пресврт, уште една трансформција, промена на мислата – можеби дури и потврда за нејзината бескрајна креативност.
На оваа изложба, седум филозофи од различни делови на светот влегуваат во дијалог со седум уметници со кои почувствувале интензивна резонанца околу прашањата за земјата. Оттаму, преку зборови, слики, звуци, мириси и движења кои се издигнуваат од самата почва, изложбата отвора простор во кој филозофите и уметниците, посетителите и кураторите, како и светот кој е повеќе од човечки и неговите обележја слободно се поврзуваат. Во тој простор тие заеднички ги замислуваат димензиите и насоките што нè поврзуваат со земјата, преку мислата, движењето и промената.