Изложби Тековни Следни Минати
EN AL

ВРСКИТЕ НА МСУ-СКОПЈЕ СО БИЕНАЛЕТО ВО САО ПАОЛО

20/11/2026 - 23/03/2027

Отворање: 20 ноември во 12:00

 

Историјата на Музејот на современата уметност – Скопје е нераскинливо поврзана со идејата за меѓународна солидарност, уметничка размена и културна соработка. Основан во 1964 година, како резултат на меѓународната поддршка по катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година, Музејот уште од своето формирање ја развива својата колекција како простор на средба меѓу различни уметнички култури, естетики и концептуални пристапи.

Изложбата „Врските на МСУ – Скопје со Биеналето во Сао Паоло“ ја истражува меѓународната историја на музејската колекција преку учествата на уметници чии дела се чуваат во МСУ, а кои биле претставени на едно од најзначајните меѓународни биеналиња во втората половина на XX век. Основано во 1951 година, Биеналето во Сао Паоло станува важна платформа за меѓународна уметничка размена, отворајќи простор за средба на модернистичките и современите уметнички практики од различни делови на светот. Во југословенскиот контекст, оваа историја ја одбележуваат Петар Лубарда, Крсто Хегедушиќ, Ордан Петлевски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Миодраг Миќа Поповиќ, Мариј Прегељ, Златко Прица, Владимир Величковиќ, Габриел Ступица, Јанез Берник, Едо Муртиќ, Коста Ангели Радовани, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Мирослав Шутеј, Вјенцеслав Рихтер и Славко Тихец. По осамостојувањето на Македонија, меѓународното претставување продолжува со учествата на Јован Шумковски, Виолета Блажевска и Богдан Грабуловски. Меѓународниот опсег на колекцијата се открива и преку присуството на значајни автори од европската и светската модерна уметност: Фернан Леже, Пјер Сулаж, Андре Масон, Пјер Алешински, Анри-Жорж Адам, Виктор Вазарели, Зао Ву-Ки, Алберто Бури, Винсент Хложник, Антони Клаве, Маноло Миљарес, Пјеро Дорацио, Дејвид Хокни, Ханс Хартунг, Ана-Ева Бергман, Александар Калдер, Џаспер Џонс, Рафаел Каногар и други. Посебно место има словачкиот уметник Рудолф Кривош, чие учество на Биеналето во 1963 година, заедно со Винсент Хложник е поврзано со подоцнежната донација на негово дело во МСУ. Врските со латиноамериканската уметничка сцена ги претставуваат Алфредо Волпи, Карлос Круз-Диез, Хесус Рафаел Сото, Роберто Мата, Марија Бономи, Луис Камницер и Вифредо Лам. Нивните учества и изложбени претставувања сведочат за географската и естетската разновидност на Биеналето, но и за неговата улога во меѓународната циркулација на уметничките идеи. Преку овие автори и нивните изложбени траектории, изложбата ја претставува музејската колекција како жива архива на меѓународни контакти, културни релации и историски сведоштва. Таа ја поврзува Скопје со Сао Паоло и ја истакнува улогата на МСУ како институција што не само што ги чува уметничките дела, туку ги истражува и актуализира нивните пошироки историски и културни значења.

Изложбата ја обновува основната идеја врз која е создаден Музејот – дека уметноста ги надминува географските и политичките граници и дека меѓународната соработка и солидарноста се трајни предуслови за културен развој.

 

Куратор: Благоја Варошанец

Ко – куратор: Ива Димовски

Насловна илустрација: Марија Бономи, Оживување 1962, дрворез на хартија, 75 х 102 см. Графичка збирка на МСУ Скопје 

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

ПИКАСО, СЛИКАТА НА МУЗЕЈОТ: Избор на дела од колекцијата на МСУ - Скопје

14/10/2026 - 28/10/2026

СОЛИДАРНОСТА КАКО ИДНИНА

29/09/2026 - 28/10/2026

БЛАГОЈА МАНЕВСКИ: 40 години творештво

23/09/2026 - 08/11/2026

ЛАЗЕ ТРИПКОВ: Имерзивна трансформација на глаголицата

21/08/2026 – 05/09/2026