Изложби Тековни Следни Минати
EN

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

„Сè што ни е заедничко“ е меѓународна изложба составена од дела на уметници кои се во потрага по заемни мрежи на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност, со намера да го отстранат прекаријатниот општествено конструиран дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и историски неправди.

Изложбата третира теми од редица историски и современи случувања, вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Ставена е нагласка на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво.

Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние кои допрва доаѓаат.

Во она што се нарекува шок од антропоцентричност, уметниците размислуваат за генерирање на нови политички аргументи, нови наративи, нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање, за итно преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од воспоставените стандарди за вреднување и однесување.

Како резултат на тоа, изложбата има за цел да го истражи „колаборативниот опстанок“ развиен преку уметнички дела во кои антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив за преживување, следејќи различни форми на поврзување, зависности и симбиози за заемно спасување.

Истовремено, ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на емоциите, политиката, екологијата и заедницата.

Уметници: Дарко Алексовски (С.Македонија), Мерием Бенани (Мaроко/САД)  и Ориан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија Прокопиев (С. Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (С.Македонија), Дриант Зенели (Албанија/Италија), Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија).

Кураторкa на изложбата е Јованка Попова. Изложбата е организирана од Музејот на современа уметност – Скопје и ќе биде отворена на 20 октомври (петок) 2023 година, со почеток од 20 часот.

Графичкиот дизајн за изложбата е на Илиана Петрушевска и е инспириран од типографијата „Архетип отворена форма“ на Христина Иваноска.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култура на РС Македонија и Тиквеш.

Насловна фотографија: Игор Грубиќ, Дали животните … ?, 2017, фотографија; објавено со љубезна дозвола од уметникот.  

 

 

Јакуп Фери, "Фреквенцијата на искреноста", 2012-2022 Инсталација, везови, цртежи. Со љубезна дозвола од уметникот. ||| Јакуп Фери истражува и воспоставува трајни односи на соработка со маргинализирани и фолклорни уметници, согледувајќи ја нивната вредност и вклучувајќи рачно изработени материјали, килими, стакло, дрво и текстил како и локално специфични начини на изработка, во неговата уметничка практика. Темите кои се предмет на негов интерес вклучуваат потреба од контакт и чувство да се биде дел од заедница, искуствата на неуспех и прашања поврзани со идентитетот. Под влијание на народната уметност, иако претежно воден од сопствената интуиција и фантазија, Фери црта различни видови суштества кои комуницираат, соработуваат и коегзистираат во заедништво. Растенијата, животните, луѓето и хибридите го делат истиот волшебен килим за излет, препознавајќи се во меѓусебни роднински и пријателски врски. Мунициозните, минијатурни и детални цртежи на уметникот се местото на неговите размислувања. Тие служат и како модел за неговите слики, везови и килими, кои се изработуваат во соработка со традиционални занаетчии. 

Дарко Алексовски, "Никогаш незаљубен"; Инсталација, цртеж, пастел и јаглен на гипс-картон; писма на хартија. Со љубезна дозвола од уметникот. /// „Никогаш незаљубен“ е интердисциплинарно-партиципативен уметнички проект составен од две посебни дела: „Љубовни писма до осаменоста“ и „Бранови“, кои взаемно се надополнуваат во изложбена поставка. „Љубовни писма до осаменоста“ се интимни исповеди во форма на писма, кои немаат одредена хронологија, а се изложени со можност читателот да влезе во личен свет со интимни емотивни прашања и состојби кои се тешко преводливи во зборови. Овие неадресирани и неиспратени писма – но наменети за конкретни личности – се пишувани, уредени и исчукани во континуитет од 2018 година. Процесот на уредување се води од потребата да се пронајдат минатите верзии на себството, а чукањето на машина е употребено како рачен процес кој ја нагласува материјалноста на писмото како предмет во оваа еднонасочна преписка. Бранови“ претставува сајт-специфична инсталација, која прикажува непрекинат морски пејзаж кој не претставува конкретно место, туку место извлечено од сеќавањето. Цртежите се изработени со намера да го пренесат читателот на писмата во специфично изграден амбиент што евоцира контекстуално толкување на љубовните писма инспирирани од холандското жанровско сликарство на XVII век. Проектот е за првпат изложен и продуциран од PrivatePrint Studio.

Илија Прокопиев, "Реликвии на заемно разбирање", 2015-2023; Серија на асамблажи; Со љубезна дозвола од уметникот и PrivatePrint Studio. /// „Реликвии на заемно разбирање“ е инсталација која претставува истражување на човечкото искуство како колективен наратив, патување обележано со флексибилност, кревкост и сила. Делата на Прокопиев се сведоштво за сложените врски што нè поврзуваат, приказните што нè дефинираат и убавината што произлегува од нашата колективна ранливост, нагласувајќи ја заедничката хуманост и меѓусебната поврзаност со постоењето на останатите видови. Прокопиев ја слави издржливоста на природата и деликатната рамнотежа помеѓу органското и изработеното. Неговата работа е метафора за заедничката кршливост, но и цврстината и отпорот во рамките на поширокиот екосистем.

Зорица Зафировска, "Простори на бездомност", 2016; Инсталација, мурал, публикација и видео; Со љубезна дозвола од уметницата. /// Во последниве децении во кризните региони човечкиот живот е сѐ помалку вреден. Сѐ повеќе луѓе се принудени да ги напуштаат своите домови поради прогон, законски прописи, економска криза, насилство и војни. Бегалците, мигрантите и барателите на азил се принудени на постојана мобилност, на долги и ризични патувања, сѐ додека не успеат да стигнат до следната дестинација, која најчесто не нуди сигурност и услови за подобар живот, туку соочување со дискриминација, изнуда, грабежи, сексуална и трудова експлоатација, ропство или се оставени на немилост на трговците со луѓе и со органи. Проектот „Простори на бездомност“ е резултат на волонтерски практики, истражувања и серија на дела создадени во Скопје, Табановце, Њујорк и Берлин, кој вклучува реконтекстуализирани простори и сведочења во кои бегалците, ранливите групи и барателите на азил се принудени да престојуваат. Истовремено, тоа е и обид на уметницата да ги приближи и да ги внесе посетителите во контакт со дехуманизирачките услови и судбини со кои секојдневно се соочени поединци, семејства и групи на луѓе. Проектот ги следи и преиспитува јавните политики и нашите позиции во однос на правата на раселените, и ја преиспитува селективната солидарност и волја за ублажување на состојбите кај нас и пошироко. Проектот за прв пат е изложен во институционален простор.

Капвани Киванга, "Цвеќиња за Африка", 2013 - тековен проект; Инсталација; Со љубезна дозвола од уметницата и Kapwani Kiwanga Studio; Продукција на цветен аранжман: студио за цветен дизајн "Цветна фабрика“. /// „Цвеќиња за Африка“ е тековен проект кој започнува со истражување на визуелните архиви за независност на африканските земји. Киванга лоцира архивски слики со цветни аранжмани користени во клучните политички преговори и церемонии што довеле до сувереност на различни африкански земји. Потоа, уметницата ги споделува овие фотографии со локален цвеќар, со инструкција што поверно да ги рекреира букетите што се наоѓаат на фотографиите, со цвеќиња кои се достапни во дадениот локален контекст. Свежите аранжмани се изложуваат и се оставаат да овенат во текот на изложбата, исто како што бледнее и меморијата со текот на времето. Кетлин Ритер – 2021 година

Дриант Зенели, "Колку длабоко вилинско коњче може да плива под океанот?", 2021; Видео, 11’23’’, Со љубезна дозвола од уметникот . /// „Колку длабоко вилинско коњче може да плива под океанот?“, второто поглавје од трилогијата „Животните. Еднаш многу одамна... во сегашно време.“, ја раскажува приказната за вилинско коњче, кое и покрај тоа што може да ги движи крилјата, е осудено никогаш да не лета, па така, и да не избега од океанот. Вилинското коњче, симбол на духовната длабочина, моќта, промената на перспективата и адаптацијата, потсетува на вистинито случување од животот на Рилонд Ристо, кој минал 21 година во изолација во албанските затвори, креирајќи механички инсекти кои летаат, од различни орудија што можел да ги најде во затвор. Вилинското коњче се движи во внатрешноста на Пирамидата во Тирана, меморијален споменик на албанскиот диктатор Енвер Хоџа изграден кон крајот на 80-тите години на XX век. Од 90-тите години на минатиот век, оваа зграда доживеа разновидни трансформации, со низа различни функции. Во моментов се пренаменува со намера да прерасне во нов центар на Тирана. Внатре во архитектурата на бруталистичкиот споменик, вилинското коњче се храни со фосил од октопод за да преживее, но, истовремено, тоа е и она што го задржува и го оневозможува да полета и да се оддалечи од Пирамидата. Уметникот ја користи оваа претстава како метафора за повеќегодишниот обид на човекот да се одвои од контекстот наметнат од општеството.

Лана Чмајчанин, "Балканска суровост", 2020, Инсталација, Sиден принт; Со љубезна дозвола од уметницата. /// „Балканска суровост“ го истражува степенот до кој културата и уметноста учествуваат во создавањето на поимите за антихерои, со нагласок на забелешката „ние не сме како нив“. Делото се базира на графичкото портфолио „Балкангројел“ од Готфрид Зибен. Портфолиото е создадено во 1909 година откако Босна и Херцеговина била анектирана кон Австроунгарската Империја по Берлинскиот конгрес, за време на кој биле прераспределени колониите меѓу европските сили. Реализирано во различни формати и јазици, графичкото портфолио било наменето за елитата и било многу популарно во тоа време. „Балкангројел“, којшто, всушност, бил порнографски материјал изедначен со воена пропаганда, го дехуманизирал непријателот кој бил прикажан како балкански дивјак, додека женското тело стереотипно ја преземало улогата на територија која била предмет на узурпација и освојување. Ѕидната инсталација „Балканска суровост“ повторно ги користи овие мотиви, но тие може да се воочат само со повнимателно разгледување. Инсталацијата го спротивставува поимот за „егзотичните“ балкански земји, кој е сеуште доста присутен и жив, наспроти сеопфатниот дизајн во кој се вградени горенаведените мотиви. Дезенот на тапетите се потпира врз виенската варијанта на Туал д' Жуи со атрактивни украсни мотиви карактеристични за луксузните ентериери во XIX век. Цветните мотиви се креирани од 12 ендемски цвеќиња за кои се знае дека растеле на териториите на Балканот од XIX век. На прв поглед, овие прекрасни елементи доминираат во делото, но еден потемелен поглед ги открива насилните мотиви, оние преземени од Балкангројел: 12 мотиви, од 12 страници во графичкото портфолио, на кои се прикажани војници што носат униформи од балканските земји. Со примена на ваква двојна орнаментика, оваа ѕидна инсталација укажува на популарноста на предрасудите за Другите и за Истокот, што во исто време служи за истакнување на сопствената исклучителност и наводна цивилизираност.

Игор Грубиќ, Дали животните...? 2017; Мултидисциплинарен проект; Плакати; Со љубезна дозвола од уметникот. /// „Дали животните…?“ е мултимедијален проект заснован врз истражување на некогашни кланици во Северна Италија. Како непоколеблив поборник за правата на животните и активист, Грубиќ го истражува психолошкиот ефект од овие фабрики на смртта врз човечката свест. Делото е составено од серија со пет плакати, со фотографии од сега празни кланици, врз кои се напишани прашањата кои уметникот ги поставува во форма на анонимни реклами. Тивки и студени, но, истовремено, и изразито вознемирувачки, сликите визуелно го трасираат патот на животното од животот до смртта, од светлината до темнината. Преку надреален повик за јавна морална одговорност, уметникот ја запознава пошироката јавност со своето истражување на конфликтните чувства на човештвото кон животните, користејќи се со предностите на комерцијалните мејнстрим медиуми и билборди.

Мерием Бенани и Ориан Барки "2 гуштера", 2020, Видео, 22’26’’; Со љубезна дозвола од уметниците. /// „2 гуштера“ претставува надреалистички поглед на раните месеци од пандемијата „Ковид-19“ во Њујорк. Протагонисти во филмот се два анимирани антропоморфизирани гуштери кои преживуваат во градот во време на пандемија, продолжена изолација и потреба од реформи за социјална правда. Видеото ја нагласува беспомошноста и неизвесноста на специфичниот период кои сите го доживеавме, како и неочекуваните моменти на споделено заедништво и поврзаност. Првично, објавувано како епизодна серија од осум различни дела на инстаграм-профилот на Бенани, видеото „2 гуштера“ имаше прва институционална проекција како наративен филм во Музејот „Витни“ во Њујорк и стана дел од колекцијата на МоМА.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023

Ѓорѓе Јовановиќ: Горчлив шеќер

19/09/ 2023 – 16/02/ 2024