01/06/2023 - 25/08 2023
Изложба на Карол Раѓишевски во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2023
Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се отвори на 1 јуни во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски, која ќе биде отворена до крајот на месец август.
Мултидисциплинарната и архивската практика на Раѓишевски во рамките на изложбата се презентира преку два долгорочни проекта: фагазинот ДИК, периодично списание, основано, издавано и уредувано од Раѓишевски од 2005 година, единственото списание за уметност фокусирано на машката хомосексуалност во централна и источна Европа (подоцна проширено и на квир-определбата) и Институтот за квир-архиви, параинституција основана во 2015 година од страна на Раѓишевски. Изложбата ја претставува неговата серија „Галерија на портрети“ (2020 – во тек) која претставува продолжување на монументалното дело „Почет“ (2017), составено од дваесет и два портрета на потомци на нехетеронормативни ликови од Полска од минатиот милениум. Специфичната стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики, тапети и други материјали употребувани од Раѓишевски, е презентирана со серијата „Сида“ (2012 – во тек), дел од проектот Кишеленд. „Зумбул“ (2019-2020), уште едно суштинско дело на Раѓишевски, е исто така дел од изложбата. Делото го насочува вниманието кон значајноста на „Операцијата Зумбул“, масовна полициска акција од 1985-87 година, насочена кон создавање датабаза од сите полски хомосексуалци. Ангажираноста на Раѓишевски со националните и државните историски наративи и архиви и нивното предизвикување во изложбата се поставува во дијалог со радикална квир-хронополитика, односно преработка, повторно замислување, вреднување и контекстуализација на спомените, искуствата, фантазиите и сликите од неговото квир-детство. Тоа е прикажано преку неговите цртежи на ѕид, дел од „1989“ (2017 – во тек), за кој Раѓишевски ги префрла скиците на цртежи од детството од феминистички и феминизирани фигури и суштества, меѓу кои и религиозни цитати или цитати издадени од владата, направени за време на значајна политичка и општествена транзиција на серија слики и мурали. Со оглед на широкиот обем на неговите уметнички практики, во просториите на МСУ се проектираат и два филма на Раѓишевски. Првиот е „Кишеленд“ (Kiseiland, 2012), документарец на кој е прикажана средбата со Ришард Кишел, личноста зад првиот источноцентрален европски гејзин, „Фило“. Вториот филм е „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021) и е направен од стотици фотографии во кои се раскажува приказната за последните советски војници кои ја напуштиле Полска во деведесеттите години на 20 век.
Карол Раѓишевски (1980, Полска) работи со филм, фотографија, инсталација, сликање и создава интердисциплинарни проекти. Методологијата, заснована на архиви, испресечува многубројни културни, религиозни, општествени и родови референции. Од 2005 година е издавач и главен и одговорен уредник на фагазинот ДИК, а во 2015 година го основа и Институтот за квир-архиви. Користи уникатни алатки при уредувањето на материјалите, при што комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавања; нè насочува во поинаква насока за да прикаже алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните искуства туку и ги документира и историите на заедниците, при што не се ограничува единствено на Полска.
Делата на Раѓишевски се поставувани во институции како што се Музејот на модерна уметност, Националната галерија за уметност Захета, Националната галерија за уметност, Центарот за современа уметност Замокот Ујаздовски, Варшава; Галеријата Вајтчепл, Лондон; Кунстхале Виена, Виена, Њу мјузиум, Њујорк; Видео Бразил, Сао Пауло; Музејот за фотографска уметност во Токио; Музејот за современа уметност Метелкова, Љубљана; Современиот музеј во Вроцлав и Музејот Штуки во Лоѓ. Учествувал во неколку меѓународни биеналиња, вклучително и ПЕРФОРМА 13, Њујорк; 7. Биенале во Гетеборг; 4. Биенале во Прага и 14. Балтичко триенале. Неговите филмови се прикажувани на Меѓународниот филмски фестивал Њу хорајзн на Т-мобиле, Вроцлав (2014, 2012); Филмскиот фестивал во Варшава (2022, 2019, 2013); ЛГБТИК+ филмскиот фестивал во Лондон БФИ Флер (2014) и Меѓународниот фестивал на кратки филмови Оберхаузен (2011); меѓу другите. Во 2021 година, „Стернберг прес“ ја издаде книгата „Моќта на тајните“ посветена на архивирањето на Раѓишевски.
Овогодишниот тематски фокус на фестивалот е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии, а проблемите што ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Постерот и календарот кој ја содржи деталната програма на Викендот на гордоста може да се погледнат на следниот линк. Каталогот претставува посебно издание што вклучува зборник од култни теориски текстови на темата КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.
Откривања: Дела од шпанската колекција
14/10/2024 - 03/11/2024
Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски
26/09/2024 - 17/11/2024
СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација
5/09/2024 - 5/11/2024
НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко
5/09/2024 - 5/11/2024