Изложби Тековни Следни Минати
EN

Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава.

28/11/2024 – 30/3/2025

Изложба на дела од колекцијата на Музеј на современата уметност – Скопје и дела од современи уметници
28 ноември 2024 година – 30 март 2025 година

Современи уметници: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/ Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/ Германија), Карла Закагини (Бразил/ Шведска) и Ивана Сиџимовска (Северна Македонија/ Германија)

Графички дизајн и уметничка интервенција – Илиана Петрушевска
Изложбен дизајн – Јован Ивановски, Ана Ивановска, архитекти
Кураторски тим (МСУ): Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски, Нада Прља
Соработник на концепт – Тихомир Топузовски
Конзерватори – Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска
Изложбата е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музеј на современата уметност – Скопје.

Изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ претставува репрезентативен избор на дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, некои од нив ретко или воопшто изложувани, дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот или светот разбиран како европоцентрична „геополитика на знаење“, како и дела на современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни, често пати исклучени од доминантите наративи, но се со голема еманципаторска моќ.

Прекршеното време, одговарајќи на задачата на наследството, отвора простор за уметнички дела, приказни и сеништа кои не биле подеднакво изложени, замислувајќи ги можните идни читања на збирката на МСУ – Скопје, кои се неизбежно прогонувани од минатото.

Генералната идеја на изложбата е преку контекстуален и критички пристап кон делата во колекцијата да се преиспитаат историски и критички теми како што се колонијалната историја и неоколонијализмот, феминизмот, хегемониската експлоатација, хибридноста на културните формации и трансформации и соодветните отпори и борби, како и сложените реалности на земји (и групи) што се конципирани како „периферни“. Изложбата ја градат дела од збирката на МСУ кои потекнуваат од Глобалниот југ—сфатена како хетерогена и детериторијализирана категорија—или оние кои не учествуваат во глобалниот пазар со хегемонистичка позиција и се архивирани под национален предзнак, односно дека потекнуваат од Аргентина, Бангладеш, Боливија, Бразил, Венецуела, Египет, Ирак, Иран, Јужна Африка, Казахстан, Куба, Кувајт, Мароко, Мексико, Узбекистан, Уругвај, Чиле, но и од други земји каде што уметници од наведените земји биле активни. Овие дела, од една страна се ставени во релација со дела од земјите од поранешна Југославија (Северна Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора) како наследници на политиката и наследството на Движењето на неврзаните, посебно активни на културен план, и од друга страна со дела од современи уметници кои на критички начин ги преиспитуваат локални и глобални хегемонии. Некои од уметниците кои се дел од оваа изложба а се дел од колекцијата на МСУ – Скопје се светски познатите Мариа Бономи, Роберто Мата, Аида Карбаљо, Феликс Белтран, но и Ремо Бианседи, Роберто Варкарсел, Самсон Флексор, Фајга Островер, Анезиа Пашеко е Шавес, Герти Сахуе, Питер Кларк, Макс Арукипа Чамби, Мариа Аусилијадора Силва и други.

Избраните дела на поканетите современи уметнички (Јунис, Халаби, Кјамби, Закагини и Сиџимовска) во оваа изложба не се доживуваат како изолирани дела, туку нудат можност за постојани дијалози меѓу нив и со изложените дела од колекцијата на МСУ-Скопје. Постколонијалноста, политичките дејствувања и уметнички форми на отпор, женски тела и женски гледишта и производство, уништувањето на животната средина и колонијалната екстракција, опседнатите колонијални и модерни наративи, модернистичката мисла и архитектура, форми на солидарност и деконструкции на националното, се некои од темите со кои уметниците се занимаваат, но не исклучиво, бидејќи повеќе од една од овие теми може да се следат во секое дело.

Преку доведувањето на делата од колекцијата во релационалност со дела од современи уметници се отвора потенцијален фрејминг за контекстуални и критички приказни за постколонијалната солидарност, трансформативна еманципација и соработка и обид за воспоставување на друг репрезентативен антихегемониски идентитет на музејот. Несомнено, вака поставената колекција на МСУ, може да се користи за преиспитување на постоечките изложувања, како и знаењето (епистемологијата) за збирката, кое воедно ќе биде и своевидно отповикување на моќта (политиката) која ја претставувала.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Откривања: Дела од шпанската колекција

14/10/2024 - 03/11/2024

Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски

26/09/2024 - 17/11/2024

СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација

5/09/2024 - 5/11/2024

НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко

5/09/2024 - 5/11/2024