Настани Филмски фестивал: Има ли пустина среде градот?
EN

Филмски фестивал: Има ли пустина среде градот?

10/07/2025 - 17/07/ 2025

Летното кино на МСУ за 2025 година го претставува филмскиот фестивал насловен „Има ли пустина среде градот?“, кој се движи низ урбаните пејзажи и областите на гентрификација што постојано се менуваат, (шпекулативниот) урбанизам, недвижностите и туристичката индустрија во услови на глобален капитализам. Филмовите истражуваат како ваквите феномени ги обликуваат градските пејзажи и им нанесуваат лузни, претворајќи ги градовите во места во кои луѓето се натпреваруваат за просторот. Филмската програма ги спојува нишките што ги поврзуваат висококатниците, постојано растечките трговски центри и хотели, оградите, скелињата, бојата и пукнатините во ѕидовите, фабриките од модерноста и нивните урнатини со животите на оние што се засегнати од урбаните промени и коишто учествуваат во нив во Бејрут, Шангај, Перник, Лисабон, Атина, Марсеј, Хаора и на други места.

Избраните филмови се и документарни, секој во различна мера. Тие ја следат „сеизмичката“ гентрификација и туристификација, но и формите на отпор или преживување во градовите што се преобразуваат во огромни преноќишта за посетители. Се занимаваат со осиромашувањето и прекарното вработување во градежништвото и во туризмот, со дискриминацијата, раселувањето и затвореноста во ограничен простор. Внимателно ја испитуваат естетиката и материјалноста на феномените што ги снимаат, преку звук, градски пејзажи и пронајден материјал. Паралелно со процесите и политиките на сеќавање и заборавање во јавните простори, филмовите се осврнуваат и на прекинати, честопати интимни, сеќавања на други места, времиња и луѓе. Кои се секојдневните реалности отаде реториката на напредок, удобност и експанзија? Како глобалниот капитализам ги гради – и ги разградува – градовите во коишто живееме? Како ги преобликува урбаните пејзажи, трудот и секојдневниот живот?

Кустос: Софија Григоријаду

 

Четврток, 10/07/2025, 20:30 – 21:40 ч.

ШАНГАЈ, АТИНА, ЛИСАБОН

 

Шангај

Премин • режија Ди Ху • Кина • 2016 • 11 мин

Филмот го прикажува архитектонското и урбано истражување на одредена област во Шангај. Мостот што го гледате во овој филм е реновиран пред Шангајскиот Светски саем во 2010 година. Тој е не многу добра копија на мостот „Александар III“, покрај кој се наоѓа супермаркетот „Карфур“, кој неколку години претходно бил украсен со огромен мурал со сцени од парискиот живот и се наоѓа на местото на Големиот дворец. Причината зошто одбрав да го снимам овој дел е тоа што многу наликува на населбата во околината на Големиот дворец во Париз. Од емоционална гледна точка, длабоко сум приврзана кон двата града, бидејќи живеев и во двата многу години. Од попрактична страна, го направив овој филм за да ја изразам мојата загриженост во врска со безумната глобализација на Шангај, која го трансформираше градот во пејзаж сличен на научна фантастика преку мешање на социјалистички и хипермодерни елементи.

Ди Ху е уметник-истражувач кој живее и работи во Даблин и Шангај. Неговата работа на полето на филмот, видеото и фотографијата го истражува наследството на киното преку толкување на формите, кодовите и наративите на филмовите. Неговата уметничка практика, исто така, ги испитува и последиците од доминацијата на технологијата во општеството. https://www.hudi-art.com

 

Атина

Заспан град • режија Димитра Кондилату • Грција • 2023 • 10 мин 

Фиктивна кратка приказна за град кој се претвора во преноќувалиште. Секојдневните активности исчезнуваат во овој град, каде што посетителите (преноќувачите) пристигнуваат да спијат, а жителите остануваат будни, за да работат во преноќувалиштето. Кога, од различни причини, сите го губат сонот, се јавува конфузија околу функцијата и идентитетот на градот. Визуелната нарација на видеото се состои од слики, релевантни за брзата експанзија на туристичката активност во Атина: документација на фасадите во центарот на градот и на зградите што се претвораат во хотели, архивски материјал од Грчкиот книжевен и историски архив (ELIA), рекламни спотови на Националната туристичка организација (EOT), статии и видео перформанси.

Димитра Кондилату живее во Атина. Работи на креирање видеа, монтажа, пишување и хостирање. Заинтересирана е за границите на уметноста и нејзината поврзаност со туризмот и секојдневниот живот. Нејзината методологија почива на информираност и ги минува границите и на други дисциплини, преку нејзиното учество во уметнички резиденции и колективни проекти, како и презентација на нејзината работа на фестивали, изложби, конференции и публикации.

 

Лисабон

Терамотуризам • режија Ротација налево • Португалија • 2016 • 43 мин 

Во режија и продукција на колективот „Ротација налево“ (Left Hand Rotation), „Терамотуризам“ е субјективен портрет на еден град и неговата трансформација во текот на последните 6 години. На 1 ноември 1755 година, земјотрес го уништи градот Лисабон. Неговото влијание беше такво што го истисна човекот од центарот на креативната изградба. Неговите урнатини го озаконија Просветлениот деспотизам. Лисабон денес повторно трепери, потресен од туристички земјотрес што го трансформира градот со брзина на крстарење. Овој земјотрес ги истиснува жителите од центарот на градот. Кои нови апсолутизми ќе го најдат своето алиби тука? Додека правото на жителите на градот се урива, удавено во дискурсот на идентитетот и автентичното, градот крцка најавувајќи го колапсот и итноста од потребата да почнеме на нов начин да гледаме на нас, да реагираме на трансформација, овој пат предвидлива, која очајот на капитализмот лажно ја прикажува како неизбежност.

„Ротација налево“ е уметнички колектив активен од 2005 година кој развива проекти што артикулираат интервенција, апропријационизам, снимање и видео манипулација. Секоја акција на колективот е силно свесна за важноста на аудиовизуелниот запис, како за неговата вредност како сурова снимка, така и за потенцијалот на секој видео клип да стане јазична единица чија комбинација и манипулација овозможуваат пренесување на сложени пораки засновани на секојдневни детали. www.lefthandrotation.com

 

Вторник, 15/07/2025, 20:30 – 22:30 ч.

МАРСЕЈ, БЕЈРУТ 

 

Марсеј

Среде градот имаше пустина • режија Јоаким Гати и Гаел Марсо • Франција • 2019 • 13 мин

Филм што ги спојува краткиот расказ од Елио Виторини, објавен во 1941 година, и секојдневниот живот во Ла Плен, населба во Марсеј која е во процес на реконструкција. Подигнат од градскиот совет за да се спречи секаква окупација, огромен ѕид ја отсекува населбата од нејзиното срце и ја опседнува одвнатре. Во подножјето на ѕидот, зборовите на италијанскиот поет и борец на отпорот наоѓаат нова и чудна резонанца.

Јоаким Гати е уметник чија пракса обединува документарно искуство, милитантно истражување и колективно креирање. Тој развива проекти засидрени во различни контексти – соседства, паркови, здравствени центри, итн. Неговото творештво зазема повеќе форми: видео, радио, пишување, дрворез.

Гаел Марсо, политиколог и режисер, ги истражува пресеците помеѓу уметноста и политиката. Неговите филмови, честопати сместени во урбани контексти како што се Марсеј и Сантијаго кои се менуваат со голема брзина, ги испитуваат граѓанските мобилизации, трансформациите на јавните простори и предизвиците во поглед на зачувување на сеќавањата.

 

Бејрут

Вкус на цемент • режија Зиад Калтум • Сирија, Обединети Арапски Емирати, Германија, Либан, Катар • 2017 година • 85 мин 

Во Бејрут, сириски градежни работници градат облакодер, додека, во исто време, нивните куќи во Сирија ги гранатираат. Либанската војна заврши, но сириската сè уште беснее. Работниците ги заклучуваат на градилиштето. Не им е дозволено да го напуштат по 19 часот. Либанската влада воведе ноќен полициски час за бегалците. Единствениот контакт со надворешниот свет за овие сириски работници е отворот низ кој излегуваат наутро за да започнат нов работен ден. Отсечени од својата татковина, тие се собираат ноќе околу мал телевизор за да ги дознаат вестите од Сирија. Измачени од чемер и вознемиреност, додека страдаат од лишеност од најосновните човекови и работнички права, тие продолжуваат да се надеваат на поинаков живот. Добитник на Златниот сестерец за најдобар долгометражен документарец на фестивалот „Визии на реалноста“ (Visions du Réel) 2017 и номиниран за наградите на Германската академија за 2018 година.

Зијад Калсум е сириски режисер, сценарист и филмски консултант кој моментално живее во Берлин. Во 2012 година, тој започна да работи на својот прв долгометражен филм „Бесмртниот наредник“ (премиера на Филмскиот фестивал во Локарно, 2014 година) додека ја отслужуваше задолжителната воена служба. Одбивајќи да се бори против сопствениот народ, тој дезертираше од сириската армија во 2013 година и избега во Бејрут, каде што почна да работи на „Вкус на цемент“. Моментално работи на својот долгометражен филм „Последно патување“.

         

Четврток, 17/07/2025, 20:30 – 23:00 ч.

ЊУЈОРК, ХАОРА, ПЕРНИК 

 

Портите на фабриките

Работниците ја напуштаат фабриката • автор Харун Фароки • 1995 • 36 мин

Работниците ја напуштаат фабриката – тоа беше насловот на првиот филм што некогаш бил прикажан јавно. Во текот на 45 секунди, оваа сè уште постоечка секвенца ги прикажува работниците во фабриката за фотографски производи во Лион, во сопственост на браќата Луј и Огист Лимиер, како брзаат, збиени, надвор од сенките на фабричките порти и кон попладневното сонце. Само тука, при заминувањето, работниците се видливи како социјална група. Но, каде одат? На состанок? На барикадите? Или едноставно дома? Овие прашања преокупираа генерации документарни режисери. Затоа што просторот пред фабричките порти отсекогаш бил сцена на социјални конфликти. И покрај тоа, оваа секвенца стана икона на наративниот медиум во историјата на киното. Во својот документарен есеј со ист наслов, Харун Фароки ја истражува оваа сцена низ целата историја на филмот. Резултатот од овој напор е фасцинантна кинематографска анализа во медиумот на самата кинематографија, која по опфат се протега од „Модерни времиња“ на Чаплин до „Метрополис“ на Фриц Ланг и „Акатоне!“ на Пјер Паоло Пазолини. Филмот на Фароки покажува дека секвенцата на браќата Лимиер веќе го носи во себе зачетокот на еден предвидлив општествен развој: евентуалното исчезнување на оваа форма на индустриски труд (Клаус Гроненборн).    

Харун Фароки (1944-2014) беше германски режисер и предавач по филм, автор на над 90 филмови, продукции и бројни инсталации. Тој беше писател и уредник на списанието „Филмкритик“ во Минхен. Неговите дела беа изложени во „Карнеги Интернешенел“, Музејот на уметност „Карнеги“, „Документа 12“ во Касел, „Тејт Модерн“, Музејот на модерна уметност во Њујорк, и на други места.

Проекцијата на филмот е овозможена со љубезна дозвола на Гете институтот во Скопје 

 

Њујорк, Хаора

Излиени во Индија • режија Наташа Рахеја • Индија, САД • 2014 • 26 мин

Амблематични и сеприсутни, илјадници капаци за шахти се расфрлани по улиците на Њујорк. Оживувајќи ги секојдневните предмети околу нас, овој краток филм фрла поглед на работниот живот на мажите зад капаците за шахти во Њујорк. Во „Излиени во Индија“, Наташа Рахеја отвора прашања околу различните услови што ги обликуваат географиите на производство на секојдневните урбани предмети. Каква работна инфраструктура се крие зад изградената инфраструктура на Њујорк?

Наташа Рахеја е Асистент Професор на одделот по Антропологија на Универзитетот Корнел. Има докторат по Антропологија, како и диплома по Култура и Медиуми на Универзитетот во Њујорк, каде што има завршено и тренинг по правење филмови, на Уметночката школа Тирш. Нејзините истражувачки интереси се од областите на миграција, материјални текови и припадност.

 

Перник

Пукнатини • режија Димитра Кофти • Германија • 2018 • 55 мин

Блескави супермаркети стојат покрај дотраените фабрички згради во бугарскиот град Перник, една од некогаш најважните индустриски области на Балканот. Филмот ги истражува секојдневните животни искуства и сеќавања во град обележан со историја на индустријализација и деиндустријализација, каде што коегзистираат повеќе епохи и телеологии на модерноста. Животот на луѓето минува низ филтрите на индустрискиот подем и пад на Перник и на преминот од социјалистичката во постсоцијалистичката ера. Наративот се фокусира на работниот живот на луѓето, преку кој се одвиваат приказните: тековни работни практики, сеќавања од напуштените фабрики, приказни за миграција, наративи за прекаријат, штрајкови, дневни стратегии за справување. „Пукнатините“ се очигледни во урбаните пејзажи и во наративите. Во филмот се употребени како метафори што ги нагласуваат точките во кои се сретнуваат повеќекратни темпоралности; пукнатините впишуваат промени и епохи, а воедно и ги поврзуваат.  

Димитра Кофти е антрополог заинтересирана за работењето, прекаритетот, променливите темпоралности и филмот. Има спроведено истражувања за променливите работни односи, во контекст на флексибилизација на трудот во постсоцијалистичка Бугарија. Таа е доцент на Одделот за антропологија на Универзитетот Пантеон за социјални и политички науки (Атина, Грција).

 

МСУ Скопје им изразува благодарност за помошта во реализацијата на програмата на Гете институтот во Скопје, Делфин Лекас, Видеоарт Миден, Живко Грозданоски.

 

МИНАТИ НАСТАНИ

Матине

22/2/2025 12ч. Сабота

Ајде да зборуваме

20/2/2025 19ч. Четврток

ПРЕКРШЕНО ВРЕМЕ: Филмска програма

Сабота, 28 декември, 16:00

Миша Кубал: КОГА ЅИДОВИТЕ БИ ЗБОРУВАЛЕ

19/12/2024 (четврток) во 12:00 ч. Јавен простор: тремот на МСУ-Скопје