Среда, 10/12/2025, 18:30 – 20:30 ч.
Филмска програма МСУ 2025
Во создавање: Изведи | Исцрпи
Кустос: Софиа Григориаду
Среда, 10/12/2025, 18:30–20:30 ч.
Кино сала на Музејот на современата уметност
Оваа филмска програма истражува аспекти на креативното творештво, аспекти што често остануваат незабележани. Таа обединува дела од различни формати (краток игран филм, уметничко видео и долгометражен документарен филм) за да отвори прашања поврзани со креативноста, родот, истрајноста, прегорувањето, меѓузависнота (човечка и не-човечка), стремежот и (не)видливоста.
Програма:
ЗАЈАК
Ханис Багашов · 2025 · Бугарија, С. Македонија · 20 мин.
Во овој духовит и сатиричен портрет, Ева, млада режисерка, се обидува да го развие својот прв филмски проект, додека го балансира и својот личен живот – сето тоа протолкувано од фиктивниот лик во нејзиниот филм.
Со Сара Климоска, Феликс Марито, Нура Ал Кадри (глас). Монтажа: Касијана Ангелова. Камера: Косара Иванова. Звук: Дарко Спасовски, Марко Рикалоски.
Ханис Багашов (роден во 1999) има завршено филмска режија на НАТФИЗ во Софија. Бил двоен учесник на Berlinale Talents, а учествувал и на Sarajevo Talents и на IDFA Academy. Негови фототографии беа изложени во Музејот за современа уметност – Скопје во 2017 год. Како актер, игра во „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, „Сестри“ на Дина Дума и ,,Беле раде” на Гвозден Илиќ. Селектор е на студентската програма на ИФФК Браќа Манаки.
* * * * *
ДОМАЌИН ИЛИ ПАРАЗИТ: ВРЕЛО ТЕЛО
Елена Чемерска и Ивана Мирчевска • С. Македонија • 2023-24 • 8 мин.
„Домаќин или паразит: врело тело“ е инсталација што го истражува испреплетувањето на Земјиното загревање и човековото прегорување, како нуспојава на тековните динамики на пазарот на трудот. Согледувајќи како планетарното вриење се поклопува со исцрпувањето на виталноста од страна на неолибералниот капитализам, се вртиме кон последиците на телесниот умор. Бараме како да се издуваме оптоварени од постојаното максимизирање на нашите телесни капацитети. Ако го разбираме телото како извор на бескрајни капацитети и можности кои не можат да бидат целосно подјармени, на кој начин тоа да им се противи на динамиките на подјармување? Домаќин или паразит: врело тело влегува во личен и спекулативен свет, каде што нашите тела и пештерата Врело близу Скопје стануваат сцена на која се одигруваат релации на гостопримство, непријателство, соживот и нерамноправни размени. Одбивајќи да се изведува според однапред зададените норми и ориентации – идеосинкратски движења, ромонливи пораки, нискофреквентни шумови и растопени површини создаваат пат отаде тврдата, индивидуалистичка и антропоцентрична оска, кон растреперена меѓузависност. Видеото е дел од инсталација што го носи истото име.
Звук: Јован Близнаковски. 3Д анимација: Маја Цибрева.
Елена Чемерска е интердисциплинарна уметница и истражувачка која ја истражува меморијата и улогата на преживеаното искуство на телото во реконструкцијата на фрагментираната историја. Преку сликарство, слики во движење, инсталација и соработки, таа се интересира за личниот и колективниот трансформативен капацитет. Таа е добитничка на Prince Claus Seed Award (2021) и наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к) чка. Елена моментално го продуцира својот прв документарен филм “Урнатини”.
Ивана Мирчевска (1992, Скопје) е интердисциплинарна уметница и истражувачка која работи со слики во движење, скулптура, текст, звук и инсталација. Нејзината практика се заснова на истражување на материјалноста на сликите и нивната технолошка мутација, вклучувајќи ја хаптичката перцепција и меѓутелесноста како процеси на создавање слики, сетилно истражување и соработка. Во нејзините дела, телата, сликите, површините, пејзажите и нечитливите „други“ соработуваат низ призма на грижа, прекарност и делување, пружајќи интимен отпор кон андроцентричните и антропоцентричните визуелни перспективи. Мирчевска е добитничка на Prince Claus Seed Award (2024), стипендијата WHW Akademija Fellowship (2023) и наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија (2022).
* * * * *
ТАА Е ДРУГИОТ ПОГЛЕД (Sie ist der andere Blick)
Кристијана Першон • Австрија • 2018 • 90 мин.
Таа е дгругиот поглед претставува низа интервјуа со пет визуелни уметнички: Ренате Бертлман, Линда Кристанел, Лоре Хојерман, Карин Мак и Марго Пилц. Повеќето од овие уметнички ги започнале своите кариери во 1970-тите години, во Виена, а филмот ја истражува врската помеѓу нивната практика и феминизмот. Додека ги гледаме како работат во своите студија, како настапуваат пред камера или коментираат некои од нивните дела, тие се сеќаваат на тешкотиите, ограничувањата и отпорите со кои се соочиле на почетоците од нивните патишта. Таа е другиот поглед поседува единствен тон (минималистички, потопен во белина, без музика), но секој сегмент го гради како посебна соработка помеѓу уметничката и режисерката, во интергенерациски дијалог чии траги се видливи на екранот. Освен тоа, секоја од претставените уметнички има уникатен пристап и специфична уметничка визија, но на еден или на друг начин, нивните траектории се обликувани од жените прашања: борбата против патријархалните структури, недостатокот на видливост, интимниот однос кон предметите од секојдневниот живот во домот, тешкотиите при усогласувањето на семејниот живот со уметничките амбиции. (Вијенале 2018, Кристина Алварес Лопез)
Кристијана Першон: Родена во 1978 година во Баден, близу Виена. Уметничка и режисерка. Студирала на Академијата за ликовни уметности во Виена и работела во Австриската радиодифузна корпорација (ORF), во Австрискиот аудиовизуелен архив, а била и кураторка во Австрискиот музеј на филмот. Нејзините филмови освоиле бројни награди и биле прикажани на меѓународни фестивали (Internationale Kurzfilmtage Oberhausen, Visions du Réel, Festival International de Cinéma Nyon). Sie ist der andere Blick (Таа е другиот поглед, 2018) е нејзин прв долгометражен филм.