Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје ја додели наградата за најуспешен автор и дело на 12-тото Биенале на млади уметници на визуелниот уметник Никола Радуловиќ, за неговата мултимедијална инсталација Book of Sclavin.
Наградата која се доделува по петти пат ја додели жирито во состав Јованка Попова, историчар на уметност и куратор, Ана Франговска, историчар на уметност и куратор и Ѓорѓе Јовановиќ, ликовен уметник. Одлуката е донесена поради целовитоста на авторскиот концепт и интердисциплинарен пристап. Во своето дело Book of Sclavin, Радуловиќ успешно ги инкорпорира визуелниот и наративниот израз преку ликовни, текстуални елементи и анимација, притоа создавајќи дело кое преку дистопискиот аспект на приказната кореспондира со актуелната политичка и социјална реалност.
Book of Sclavin е електронско илустрирано/анимирано книжно издание. Илустрациите во книгата се претставени во GIF формат и сочинуваат циклуси на анимација кои се повторуваат бескрајно. Централен објект во книгата е мистериозна капсула која е објект-управувач со кој се навигира низ содржината на книгата Book of Sclavin.
Никола Радуловиќ (1987, Куманово) дипломирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек-сликарство, а магистрирал на Националната Художествена Академија во Софија, насока – Илустрација. Добитник е на наградата “Борко Лазески” во 2010 год. Позначајни самостојни претставувања му се изложбите Waking Lilith во Арт Институт во Скопје (2010) и Old man’s world во Музеј на Град Скопје (2011). Изложувал и на неколку групни изложби во земјава и странство. Предмет на негов интерес се дигиталните медиуми и интернетот како простор на изложување, класична анимацијa и изработка на илустрирани книги во различни изданија.
Музејот на современа уметност на наградениот автор Никола Радуловиќ ќе му овозможи реализација на самостојна изложба во наредната 2019 година.
Изложбата со дела од 12-то Биеналето на млади уметници насловено Ќе биде ли доцна ако времето запре, организирано од Музејот на современа уметност Скопје, а курирано од кураторите Ивана Васева, Бојана Јанева Шемова и Владимир Јанчевски, ќе биде отворена за посетители до 28 март 2018.