Изложби Тековни Следни Минати
EN AL
Изложби Тековни Следни Минати

БЛАГОЈА МАНЕВСКИ: 40 години творештво

23/09/2026 - 30/10/2026

 

Низ четири децении посветено уметничко творење (1985–2025), ликовниот опус на еден од најистакнатите индивидуалисти во македонската уметност – Благоја Маневски (1957), открива длабок и еволутивен дијалог помеѓу сложеноста на визуелниот говор и императивите за осовременување во еден преоден и клучен период за македонската уметност. Во ликовната средина која поседува содржајна културна меморија и постојаност на обидите во формирање на автохтон ликовен пејзаж, чекорејќи со својата генерација, Маневски ги поставува појдовните основи на она што понатаму ќе се развие како отклонување од модернизмот, проодување низ постмодерната и антиципација на современата уметност. Коинцидирајќи со ликовните вредности утврдени од општата светска историографија на уметноста, а во конкретниот амбиент на македонската уметност тој пристапува кон соединување на ’традицијата‘ и ’духот на просторот‘ [ortgeist] со личните визуелни настојувања. Определбата за различни ликовни дисциплини и визуелни медиуми кај Маневски е синтетизирана преку работата во доменот на сликарството, слики-објекти, објекти, амбиенти и акумулации, просторни инсталации, големоформатен цртеж, цртеж-објект, фотографија-објект, хепенинг. По раните дела изработени во широк и слободен потег на сликарската фигурација, Маневски го напушта (нео)експресионистичкиот идиом, пристапувајќи кон широк распон на пластички решенија. Ликовната насоченост корелира со дисасоцијативната и постгеометриска апстракција, со монохроматскиот и апстрактно-ескпресионистички експеримент, со монтажата како стуктурен принцип, со сликарството на боеното поле и сликарство на острите рабови [hard-edge], како и преку конвергенција помеѓу минималистичкиот и постминималистичкиот израз и сликарството на материјата. Настапува целосно укинување на фигурата и дијалектичко движење на и под површината на перцептивното. Имајќи ја пред себе генерацијата на автори кои ги присвоиле и автентизирале (на индивидуален начин) основните курсеви на апстракцијата, Маневски ја зема како своја обврска, не – апстракцијата како субјект, туку апстракцијата како предмет, кој понатаму станува база и упориште за истражување на односите во внатрешниот свет на делото, преку експериментирање, преобразување, доближување, но во иста мера и одвојување, оддалечување од веќе исцртаните контури на апстрактниот предзнак. Неисцрпниот потенцијал на творечката енергија за Маневски значи останување во проблемските аспекти на уметничкото истражување кое резултира со создавање на серија на дела или циклуси: рани дела (1983-1984); „Балканско јадро“ (1985/86); „Симултана многузвучност“ (1986-1987); „Ѕвезди и рабови“ (1987-1990); „Sponsus & Sponsa“ (1990); фотографија-објект, просторно специфични проекти и објекти (1992-1995); дискурзивно-специфични инсталации и амбиенти (1994-2006); хепенинг/настан (1997-2003); цртежи (1985-2017). Присуството на значајни уметнички манифестации, меѓу кои Југословенската Документа (1987 и 1989), Биеналето на млади југословенски уметници во Риека (1987), Венециското биенале (2007) и други релевантни национални и меѓународни изложби, го поставува неговото творештво во поширокиот контекст на современите уметнички текови. Неговото творештво се карактеризира со нагласен авторски пристап, истражувачка конзистентност и постојана потреба од преиспитување на границите на ликовното дело. Ретроспективната изложба по повод четири декади творештво, потврдува дека Благоја Маневски – еден од клучните автори, антиципатори на втемелувачките аксијали на македонскиот современ ликовен дискурс, трага и несоменено ја пронаоѓа автентичната димензија на сопствената творечка линија.

Натали Рајчиновска-Павлеска

Валентино Димитровски издвојува три доминантни периоди и преокупации во изминатите децении: сликарски искуства од средината на 80-тите до почетокот на 90-тите, реализација на дела во манирот на првична концептуалност и објектност во 90-тите години и концептуални инсталации, „ликовни“ акумулации, „ликовни“ амбиентализации и перформанси од втората половина на 90-тите и наредните децении. Едно од најспецифичните својства во неговата уметност, според Димитровски, е константата на двојно или повеќеслојно кодирање во разнородните јазични обрасци, кое се постигнува со едно софистицирано длабинско контрапунктирање и иронизирање со значенските и изразните елементи во делата.

Бојан Иванов констатира дека делото на Благоја Маневски го бележи дамарот на историското време. Имено, според Иванов, секое од творечките соочувања на Маневски со можностите препознаени во одреден историски миг, наново го збогатува и усложнува неговиот ликовен чин со бременити, цврсти, и напати мошне вешто длабокo затскриени наслојки на самосвојно одживеаните искуства.

Толкувањето на Љиљана Неделковска сугерира дека Маневски ја поставува уметноста во зона на амбигвитет, каде што визуелното и концептуалното поле се отвораат за контингентни интерпретации. Сликата станува скулптурална ситуација во која се отвора дијалог помеѓу архитектурата, сликата и објектот, дијалог кој не се однесува само на формалната, туку и на социјално-културната димензија. Сликарските инсталации на Маневски се издвојуваат како тивок, но моќен чин на отпор. Тие не се само естетски настан, туку и концептуален гест кој се спротивставува на ентропијата на современата визуелна култура. Отпорот што го артикулира Маневски не е само естетски гест, туку и етичка позиција, бидејќи ја афирмира енергијата на раката и телото како критичка практика во постредимејд контекст. Неговите дела ја истакнуваат рачната работа, вложениот труд и телесноста како реакција на актуелните модели на продукција во современата уметност, каде што се фаворизира концептуалната брзина и технолошката медијација. Со тоа уметноста се враќа кон материјалниот процес на создавање, каде што секој потег на раката носи значење и отвора простор за снажна материјална појавност.

 

Благоја Маневски е роден во 1957 година во Скопје. Дипломирал во 1986 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на одделот за сликарство, во класата на Петар Мазев. Магистрирал на истиот факултет.

Во текот на деведесеттите години работи како конзерватор во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Република Македонија. Од 2002 година е вработен на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што во 2010 година бил именуван за продекан за настава. Со решение на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во два наврати е назначен за декан на ФЛУ. Се пензионира во 2025 година.

Од 1982 година активно учествува на македонската и меѓународната ликовна сцена. Досега има реализирано над дваесет самостојни изложби и учествувал на бројни групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на повеќе значајни награди, меѓу кои и наградата за животно дело „11 Октомври“.

Во контекстот на македонската уметничка сцена од 80-тите години, Маневски се профилира како еден од најзначајните претставници на постмодернистичкиот уметнички дискурс, еден од антиципаторите на современата уметност во Македонија. Неговото творештво од тој период е во знакот на сликарството, каде што преку постапката на монтажа врши деконструкција и преобликување на модернистичките парадигми. Од 90-тите години неговиот уметнички интерес се проширува кон различни дисциплини и постапки: цртеж, фотографија, објекти, инсталации, амбиенти, ленд арт, уметнички акции и релации.

И покрај широкиот дијапазон на уметнички практики, Маневски никогаш не го напушта сликарството. Напротив, му дава нова димензија на значење во просторното конципирање и обликување на неговите проекти, редефинирајќи ги неговите граници, можности и потенцијали.

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

ЛАЗЕ ТРИПКОВ: Имерзивна трансформација на глаголицата

21/08/2026 – 05/09/2026

ПРЕКИН ВО ТЕК

29/07/2026 - 20/08/2026

ТАПЕТИ

02/06/2026 - 30/07/2026

АНАРХИЧНИ ТЕЛА: Согласност да не се биде едно

30/05/2026 - 21/08/2026