Изложби Тековни Следни Минати
EN

Ткаење светови: Колекции во разговор

24/04/2025 - 08/02/2026

Mодерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова, Љубљана, Словенија

 

Селска веселба, одмор на нива, семеен групен портрет, ѕевгар/пар впрегнати волови, толпа луѓе пред куќата на гатачката, шумата над селото, величествени дрвја, јагне во прегратка…  Луѓе и животни стојат во простодушна едноставност на живите битија. Оваа референца на поетската интерпретација на Ото Бихаљи-Мерин за наивната уметност, стилски и контекстуално сфатена како предаденост на сè земско и тивка побуна против прекумерните тегоби, стои во суров контраст со она што го живееме денес. Делата на наивците создавани околу средината на минатиот век сведочат за бесконечното уживање во благодетите на природата. Денес, антропоцентричното надвладување на природата под влијание на капиталистичките апетити ја искористило речиси до последните капацитети.

Потценувањето на важноста на релацијата човек – нечовек, култура – природа, нѐ доведе до досегашната асимилација и уништување на природата. Антропоценот или Капиталоценот сфатен како прекумерно влијание на човекот во природата под влијание на ексцесивните апетити на капиталот ја измени структурата на природата до ниво на речиси целосно исчезнување. Дали веќе експлоатацијата на природата и екстракцијата која нѐ води во катаклизма го бара сега назад спасот во сѐ уште преживеаните и драгоцени искуства на симбиозата на човекот со природата? Но, што е тоа што земјата, водата, отфрлените дрва, волната, живиот свет – вончовечкото – може да нѐ научат ако внимателно слушаме, т.е. ако се поставиме не како узурпатори туку како соработници, како можност за етичка релационалност која конституира мрежи на интерконекција со сите форми на живот? 

Мантрањето на селанката во документарниот филм „Медена земја“, „пола за мене, пола за тебе“ изговорена додека се грижи за нејзините пчели, го отелотворува етосот на рамнотежата и грижата. Овој едноставен принцип го илустрира потенцијалот на луѓето да се занимаваат со природата не како освојувачи, туку како учесници со почит во заедничкиот свет.

На филозофско ниво, многу е актуелно прашањето за рамноправниот однос на живиот и неживиот свет, на тоа што е човечко и „повеќе-од-човечко“.

Филозофи како Роси Браидоти ги реобмислуваат изворите на етиката. Во оваа рамка, етичките односи формираат мрежи или ризоми или форми на меѓусебна поврзаност кои се протегаат надвор од човечката другост и вклучуваат не-луѓе, пост-луѓе и ин-луѓе. Оваа перспектива ја нагласува човечката меѓузависност во најширока смисла и повикува на негување на релациска етика на постанување, онаа која негува афирмативни врски и го препознава нашето заедничко постоење со повеќе од човечкиот свет. 

Од друга страна, керамиката, таписеријата, везот, ткаенината, се уметничка рачна изработка, создадени во директен контакт со некои елементи од природата и се дел од минатoвековниот светоглед на хармонија со природата, наспроти доминантните текови. Но, овие техники, најчесто разгледувани низ призмата на применетата уметност, индоктринирани со второстепена и најчесто утилитарна вредност се целосно во фокус на сегашниот глобален уметнички свет во трескавична потрага по алтернативни егзистенцијални решенија. 

Југословенскиот идеализам е поинаков во однос на прашањето на еманципацијата на народот како генерално класно прашање, на соживот на сите, на социјалистичкиот човек како градител во соработка со природата. Техниките на керамика, таписерија, вез итн. се рамноправен дел на уметничкото изобилие на овој контекст. Во 1978 година за прв пат земјава преку МСУ – Скопје е носител на југословенската презентација на Венециското биенале под насловот „Од природата кон уметноста, од уметноста кон природата“ во чиј фокус е деалиенацијата на човекот од природата. Или како што пишува Соња Абаџиева, „прогресивно ангажираните акции на југословенскиот човек“, во смисла на негативните консеквенции на индустриската цивилизација, „се насочени кон социјализација и демократизација на уметноста во најтесна корелација со животот, природата или поточно, на една цврста и хомогена синтеза на човекот (животот) и уметноста – и нивна потполна идентификација и неделивост – апсолутен органски интегритет“.

Прашањето е зашто локалната продукција во земјава, посебно кога ќе се селектираат делата како таписерија, керамика и работа со природни материјали на едно место, доминираат како продукција, но и како тематика? И дали можеби тие градат и (политички) дискурс, посебно кога ќе се погледне низ призмата на нивниот досегашен второстепен субординативен третман и скромна презентација? Дали станува збор за локална модернистичка варијанта или гради некој сосема нов наратив со епистемолошка потенцијалност?

Изложбата Ткаење светови: Колекции во разговор ја градат дела од 87 автори и тоа најмногу од С.Македонија, а потоа и од речиси сите поранешни југословенски републики, посебно во делот на наивната уметност, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужна Африка, Иран, Куба, Шпанија и Романија. Вака селектирана и поставена, изложбата отвора процеп за создавање поинаков свет помеѓу западноцентричниот светоглед и специфичниот поглед кон локалните тенденции наспроти дела кои реферираат на поднебјето кое ги изртило и каде има континуитет на изработка. Тука се делата на наивната уметност и природните материјали кои изобилуваат, земја, сено, ливадско цвеќе, но вклучени се и фотографии од документирани акции во природа и критички настроени инсталации кон екстракцијата и уништувањето на природата. 

Изложбата е резултат на конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции –  колекцијата на солидарноста на Музејот на современа уметност во Скопје и колекцијата Артист 2000+ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана – истакнувајќи ги само делата кои се изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. „Ткаење светови: Колекции во разговор“ (првата од двете комплементарни изложби кои го откриваат потенцијалот за ткаење на светови и нуди критичко-филозофски приод кон самите колекции) се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот.

Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти:

1. Изложбата поизлегува од делот „Заборавен свет“ – дела кои користат природни материјали:  земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или пак реферираат на нив во конципирањето. Во овој дел се вклучени уметниците: Милјановски, Стојановски, Овидска, Веласко Уалин, Коцо, Спировска, Хаџи Бошков, Грабул, Узуновски, Николоски, Стефанов, Аврамова, Шемов. 

Изложени се серија на керамики како дел од една традиција која била широко практикувана во македонскиот контекст, најчесто со флорални или зооморфни претстави во делата на уметниците: Перчуклиевски, Јанева, Аврамчев, Лазаров, , Туша Иљовска, Мишевски, Андонова, Јаневски, Андреевски, Јосифов – Ромбо, но и Салваро, Ахмед, Сарновски.

2. Делот насловен „Свет налик“ го градат инсталации кои се инспирираат од односот кон природата или тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Тука влегуваат: Рамиќевиќ, Вренцовска, Шијак, Беди, Кондовски, Калчевски, Спировска, Цапев, Кардиљо, Казанџиу, Перчинков, Хамагучи, Демниевска, 

3. Навраќајќи се на односот кон природата „Свет во настанување“ го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата и се критички кон индустријализацијата и искористувањето на природата, а вклучени се уметниците: Смрекар, Тошевски, Прокопиев, Пулејкова, Арукипа Чамби, Нихат, Бономи, Кларк, Милјарес, Дружината од Шемпас, Лам, Григореску, Вилфан, Фишкин, како и Шијаковиќ, Кузмиак, Кичин, Јовановиќ, Папиќ, Скурјени, Брашиќ, Триндаде Леал, НА, Живковиќ, Хорват, Књазовиќ, Хамос, Кан, Столник, Вујчец, О.Вењарски, Рабузин, Ј. Вењарски, Бахунек, Максимовиќ, Фогаса, де Падуа, Силва, Гуанабара, Домше, Басталец, Смајиќ, Славковски, де Леон Чарлео, Осилијадора Силва, де Андраде Силва, Лацковиќ Кроата, Наумовски.

 

Уметници:

Борка Аврамова (С. Македонија), Владимир Аврамчев (С. Македонија), Македонка Андонова (С. Македонија), Томе Андреевски (С. Македонија), Макс Арукипа Чамби (Боливија), Мохамед Абдала Ахмед (Судан/Велика Британија), Стјепан Басталец (Хрватска), Антун Бахунек (Хрватска), Ибрахим Беди (С. Македонија), Мариа Бономи (Бразил), Јанко Брашиќ (Србија), Јано Вењарски (Србија), Oндреј Вењарски (Србија), Јернеј Вилфан (Словенија), Гордана Вренцоска (С. Македонија), Фрањо Вујчец (Хрватска), Јордан Грабул (С. Македонија), Јон Григореску (Романија), Лухдес Гуанабара (Бразил), Валдемар де Андраде – Силва (Бразил), Силвиа де Леон Чарлео (Бразил), Евгенија Демниевска (С. Македонија), Ладир Харис Домше – Пулу (Бразил), Дружината од Шемпас (Словенија), Богосав Живковиќ (Србија), Драгослава Јанева (С. Македонија), Војко Јаневски (С. Македонија), Милосав Јовановиќ (Србија), Гоце Јосифов – Ромбо (С. Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Ристо Калчевски (С. Македонија), Луциа Кан (Бразил), Ример Кардиљо (Уругвај), Стјепан Кичин (Хрватска), Питер Кларк (Јужноафриканска република), Јано Књазовиќ (Србија), Димитар Кондовски (С. Македонија), Димче Коцо (С. Македонија), Иван Кузмиак (Хрватска), Михаил Лазаров (С. Македонија), Вифредо Лам (Франција/ Куба), Иван Лацковиќ – Кроата (Хрватска), Боривоје Максимовиќ (Хрватска), Доне Милјановски (С. Македонија), Маноло Милјарес (Шпанија), Душко Мишевски (С. Македонија), Вангел Наумовски (С. Македонија), Непознат автор (Иран), Петре Николоски (С. Македонија), Аџем Нихат (С. Македонија), Јоланта Овидска (Полска), Мариа Осилијадора Силва (Бразил), Јулије Папиќ (Хрватска), Душан Перчинков (С. Македонија), Раде Перчуклиевски (С. Македонија), Жусара Пимента де Падуа (Бразил), Илија Прокопиев (С. Македонија), Кристина Пулејкова (С. Македонија), Иван Рабузин (Хрватска), Исмет Рамиќевиќ (С. Македонија), Ханибал Салваро (Хрватска), Јузеф Сарновски (Полска), Еленос Силва (Бразил), Матија Скурјени (Хрватска), Педро Соарес Фогаса (Бразил), Крсте Славковски (С. Македонија), Петар Смајиќ (Хрватска), Маја Смрекар (Словенија), Мира Спировска (С. Македонија), Мена Спировска – Менче (С. Македонија), Глигор Стефанов (С. Македонија), Душко Стојановски (С. Македонија), Стјепан Столник (Хрватска), Игор Тошевски (С. Македонија), Жералдо Триндаде Леал (Бразил) Марија Туша Иљовска (С. Македонија), Патриција Веласко Уалин (Боливија), Симон Узуновски (С. Македонија), Вадим Фишкин (Словенија), Јозо Хамагучи (Јапонија), Вилма Хамос (Бразил), Петар Хаџи Бошков (С. Македонија), Јосип Хорват (Хрватска), Ѓорѓи Цапев (С. Македонија), Симон Шемов (С. Македонија), Томо Шијак (С. Македонија), Ѓорѓе Шијаковиќ (С. Македонија).

Куратори: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Бојана Пишкур.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

КАЛДЕР: Флуидна модерност

22/02/2025 - 08/06/2025

Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции

08/04/2025 - 29/05/2025

45 години ФЛУ

03/04/2025

Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава.

28/11/2024 – 23/3/2025