Новости Награди на 13. Биенале на млади 2021
EN

Награди на 13. Биенале на млади 2021

Доделена наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13.Меѓународно биенале на млади уметници Жири комисијата во состав: Ива Димовски (историчарка на уметноста), Велимир Жерновски (ликовен уметник) и Јане Чаловски (ликовен уметник), едногласно одлучија наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13.Меѓународно биенале на млади уметници – „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современа уметност – Скопје, рамноправно да ја доделат на следните автори: Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, видео, 2020; Дарко Алексовски (Македонија), за делото „“Never Not in Love/Никогаш незаљубен“,просторна и видео инсталација, 2019 и Дритон Селмани (Косово), за скулптурата „But No But (or vice versa) / Ама нема ама (или обратно)“, 2019.

За првпат наградата, која се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, се доделува на тројца автори и дела, кои жири комисијата ги доживеа за најубедливи достигнувања претставени на биеналето.Истовремено со оваа одлука се потенцира и потребата од поголема изложбена застапеност на младите автори во музеите, поддршка во развојот на нивната уметничка пракса и потенцирање на потребата за уште посуштинско и критичко промислување на темите, кои овие автори во овој момент се подготвени да ги отворат и споделат со публиката.

Земајќи го ова предвид, жирито им честита на сите учесници на годинашната изложба и го потенцира високото ниво на продукција и концепциска релевантност кај изложените дела. Исто така, жирито сака да ја потенцира суштинската поврзаност на концептот „Страст за лутање“ (под кураторство на Артан Садику, Јованка Попова, Благоја Варошанец и Ива Димовски) со ефектниот модел на локациска дисперзија на биеналето со што се анимираат нови можности за презентација на делата и анимација на публиката. Наградените автори ќе имаат можност да остварат самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје во 2022 година, со средства што ќе бидат обезбедени од годишната програма на Министерство за култура на Република Северна Македонија.

За избраните дела жири комисијата ќе каже: Интимната природа во нарацијата и јасниот визуелен јазик на видеото „Ткива на идентитет“ на Наташа Неделкова, претставено во Музејот на Македонија, лесно ја доловуваат субјективноста во исчитувањето на идентитетот во контекст на урбаната трансформација на Скопје. Во ова дело, автентичниот глас на авторката е алатка која го ориентира гледачот во процес на доживување на нашата сопствена присутност, потисната и прекриена во јавниот простор, единствено ослободена во „терапевтска привременост“ на кревката природа на интимноста. Просторната и видео инсталација „Never Not in Love/Никогаш незаљубен“ на Дарко Алексовски претставена во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, е досега најзрело дело на авторот. Архитектурата на просторот во кој е поставена инсталацијата дополнително допринесуваат во доживувањето на изложениот тактилен и аналоген материјал. Метафоричноста во сликата на бранот, кој постојано се навраќа е во дијалог со концептот за споделена интима како чин на ослободување. Убавината на ова дело е токму во апстрахираното време и неговата репетитивност, каде, некогаш доживеаните чувства се судруваат со сегашниот контакт на публиката. Скулптурата „But No But (or vice versa) / Ама нема ама (или обратно)“ на косовскиот уметник Дритон Селмани, ја промислува идејата за деконструирање на социјалните, политички и културни перцепции отелотворени насекаде околу него. Тој ја дефинира скулптурата како реконструкција на личните убедувања во визуелни артефакти засновани врз неговите верувања и сомнежи. Во ова дело импонира едноставниот начин на кој Селмани успева да остане доследен на концептот на материјализација на нематеријалното, кое истовремено е ефемерно и монументално, разбирливо и аптстрактно, лично и општествено, чувство кое сугерира паралелна присутност и отсутност.