13. Биенале на млади уметници /ˈwɒndəlʌst/страст за лутање

Музеј на современата уметност Скопје

19. мај 2021 – 01. септември, 2021

На 13. Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“, кое се отвори на 19 ти мај, изложени се дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… меѓу нив, уметници, со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и Италија

Биеналето е во организација на Музејот на современата уметност – Скопје и како мултидисциплинарен настан е еден од значајните настани од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори, преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачка генерација уметници и куратори.

Оваа година, биеналето се прошири вон архитектурата на МСУ, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот Музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња. Така, на19 мај, се случи отворање на изложбената поставка во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај, публиката беше поканета да ги погледне делата на млади уметници, кои се изложени во Музејот на Македонија, додека на 21 мај се случи отворање во Природонаучниот музеј. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи беше отворена за посетители на 22 мај.

Со свои дела се претставени уметниците: Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Jован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделковa, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров.
/ˈwɒndəlʌst/ значи да се патува бесцелно од место до место. Кога ќе се тргнеме настрана целта на патувањето, било заради туризам или работа, останува чиста форма на движење, како основна функција на целиот живот и енергија. Под притисокот на живеењето како фиксни субјекти на капитализмот принудени сме да произведеме вредност што може да се потроши. Да се троши енергијата бесцелно е да се живее во непочитување на овој системски погон, да не се следи кодот на логиката на капиталот. Така, желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација.
Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост. Затоа што она што го цениме како уметност секогаш е чин што означува пауза, прекин и пукнатина во она што е веќе дадено во нашиот адаптиран сетилен систем. Во потрага сме по уметноста што не го репродуцира значењето на сегашноста. Ја сакаме уметноста којашто го навестува она што во сегашната состојба на знаење е неотповикливо. Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење. Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички.

Цел на Биеналето е да го насочи вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња на локалната и интернационална уметничка сцена, да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација, и да создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена. Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес кој ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста. На еден од младите уметници, кои ќе изложуваат на Биеналето, селектиран од тричлено жири, ќе му се овозможи продукција и организација на самостојна изложба во МСУ во следната 2022 година.