Со задоволство соопштуваме дека уметникот Џем А. (@freezemagazine) подари две уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје.
Неговите дела „Подни дела“ (2025) и „Музејот е привремено отворен“ (2025) ќе станат дел од уметничките збирки на музејот.
Со оваа донација, Џем А. го продолжува дијалогот што го започна со својата самостојна изложба во МСУ, отворајќи прашања за улогата на музејот како жив простор на заедничко создавање, грижа и преиспитување.
„Подни дела“ е тековна серија на скулптурални интервенции во форма на модифицирани знаци за претпазливост од „влажен под“. Секој објект содржи прилагодена порака што го имитира институционалниот јазик, истовремено поткопувајќи го неговиот авторитет преку спој на хумор и критика. Преку меметички стратегии, овие знаци функционираат како просторни интервенции чија логика се развива кумулативно и станува појасна со секоја нова средба.
„Музејот е привремено отворен“ е сајт-специфична уметничка интервенција која ја доведува во прашање претпоставената неутралност и стабилност на музејските институции. Поставувајќи низа хумористични и иронични „официјални“ знаци, Џем А. ја користи фразата како метафора за условноста на институционалното функционирање – нудејќи апсурдни, но длабоко точни опсервации за бирократските јазици на културата.
Хуморот во неговата работа функционира како критички механизам: музејот, наместо да се согледува како сериозен и стабилен „храм на културата“, се прикажува како привремен, кревок и условен простор – чија отвореност постои само во рамки на човечките фактори, кризите и административните ограничувања.
Со оваа интервенција, Џем А. го користи музејот како платформа за поширок дискурс за уметничкото производство, критиката и општествената улога на институцијата – отворајќи простор за сомнеж, хумор и дијалог.
Џем А. е познат како креатор на популарната страница за уметнички мемиња @freeze_magazine, но и по своите контекст-специфични инсталации и колаборативни проекти што истражуваат теми на опстанок, отуѓување и иронија во уметничкиот свет.
Неговите дела биле изложени во институции како Louisiana Museum of Modern Art, Barbican Centre, Berlinische Galerie, Museum Wiesbaden, и биле вклучени на documenta 15, Istanbul Modern, Mudam Luxembourg, Klima Biennale Wien, како и на 14. Биенале на млади уметници во МСУ Скопје. Како предавач, тој соработувал со Royal College of Art London, Central Saint Martins, HEAD Genève, HDK-Valand, и Universität der Künste Berlin.