Џанфранко Барукело, италијанскиот сликар, скулптор, перформер, писател, политичар и фармер, кој по земјотресот на Скопје и на МСУ му го подари своето дело „Потребна доблест“ (1963, комбинирана техника на платно, 190х200см.), почина на 98 години во Рим на 10 јануари 2023 година. Неговото идиосинкратично творештво, кое во многу нешта му претходи на пост-модернизмот и релационата естетика, не припаѓа на ниту еден од естетските канони или на современите главни струења, развивајќи го својот интердисциплинарен пристап во комплексни бележења на процепот меѓу вербалниот и визуелниот јазик. Пријателство со Марсел Дишан, кој го сметал за негов вистински наследник, како и неговата соработка и творечка и идејна блискост со Итало Калвино, Умберто Еко, Ж. Ф. Лиотар и Нани Белестрини, учеството во бурните политички настани во 1960-те години заедно со филозофите Гатари, Ален Жуфре и Лебел , па сѐ до неговата селска еко-фарма во 1970-те години во близината на Рим, ја сочинуваат богатата и возбудлива биографија на единствениот Џанфранко Барукело. Повеќе детали за животниот и творечки пат на Барукело, посетете ја страницата: fondazionebaruchello.com
Џанфранко Барукело, Потребна доблест, 1963, комбинирана техника, 190х200см. МСУ збирка на сликарство, инв.бр. 01864