Новости Нова донација: Павел Алтамер и Артур Жмиевски
EN

Нова донација: Павел Алтамер и Артур Жмиевски

Зголемената меѓународна активност, која МСУ интезивно ја развива веќе подолго време со изложбени проекти, гостувања во рамките на дискурзивните програми, интер-музејското и професионално вмрежување, како и присуството на музејските проекти во најугледните светски списанија, како Артфорум, Фриз, е-флукс и др., отвори простор за поголема видливост на МСУ и поттик за нови прилози во неговата меѓународна збирка, создадена врз принципот на солидарност. Па така, по донациите на рускиот колектив „Ч’то делат“, холандскиот уметник Јонас Стал и германските уметници Јана Детмер и Моника фон Ешенбах, музејот неодамна се здоби и со десет нови подароци, цртежи и колажи од светски реномираните полски уметници Артур Жмијевски и Павел Алтамер, дела настанати како резултат на нивниот концепт „отворено студио“; колаборативен процес на креирање колажи во „живо“ реализиран во една од галериите на музејот во период од 01 до 15 јули 2022 година.

Во две недели на заедничката работа, уметниците создадоа повеќе колажи на картон користејќи акрилни бои и визуелен материјал позајмен од стари историски книги, географски атласи, мапи, постери, фотографии школски табели, анатомски илустрации и сл. Посетителите беа повикани да понесат сопствени материјали и на тој начин да учествуваат во создавањето на делата. Резултат од резиденцијата се колажи со густи слоеви на ескпресивна и надреална сликовност. Од колажите отсуствува директниот политички ангажман или социјалната критика, карактеристични за индивидуалните творештва на двајцата уметници, а наместо тоа, делата ја претставуваат спонтаноста и импровизацијата во сликарската креативност на двајцата пријатели. Нивното пријателство датира уште од студентските денови во студиото на Грегорш Ковалски на Ликовната академија во Варшава. До сега, тие имаат реализирано бројни заеднички проекти, резиденции и работилници низ светот.