Новости Мира Гаќина и кустоси на МСУ во посета на Кунстхале Виена
EN

Мира Гаќина и кустоси на МСУ во посета на Кунстхале Виена

Директорката на Музејот на современата уметност- Скопје, Мира Гаќина, заедно со тим куратори е во работна посета на музејот Кунстхале во Виена, каде со тамошниот стручен тим работат на подготовки за претстојната голема изложба со која ќе се претстави нашиот Музеј во почетокот на следната година во престижниот простор на Кунстхале.

 

Во март 2023 година во срцето на Виена, во Кунстхале (кој е дел од Музеум Квартиер) на 1.000 метри квадратни ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на МСУ. Тоа значи дека во една од најпосетуваните европски метрополи, преку ново читање, ќе биде афирмирана драгоцената збирка на нашиот Музеј.

 

„Во Kunsthalle Виена имаме неколку работни средби на кои разговараме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници, претходно веќе беа во МСУ – Скопје, каде почнавме да ја правиме селекцијата, за тоа, кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени следната година во Кунстхале на простор од преку 1000 метри квадратни. Тоа значи дека во една од европските метрополи, преку ново читање, ќе ги афирмираме и нашата драгоцена збирка и градот Скопје“, вели Гаќина.

 

Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да ја осмислат поставката со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку уметничката солидарност.