Изложби Тековни Следни Минати
EN

Глигор Стефанов: Грабење во просторот

19/06/ 2019 - 16/09/ 2019

 

Кратка хронологија:

Кон крајот на 70-те години Глигор Стефанов експериментира со разновидни материјали како гипс, коноп за лиење, отпадна волна и слично. Тоа е најбитната секвенца што реферира на насоки кон амбиенталната поставеност на неговите дела што се совпаѓа со мигот што ја иницира неговата определба практикувана понатаму.

Периодот 1980-1981 г. главно го посветува на циклусите „Низи“ и „Денки“. Првиот е во знакот на комбинација на јаглен или туш со колажни решенија, додека вториот со јута, керамика итн. 1981 г. е битна бидејќи тогаш настанаа двете дела што се наоѓаат во колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје од овие два циклуса, редовно третирани како репери на релевантноста на неговото творештво во младоста. Сепак, најбитен момент беше, како што вели тој, перформансот на плоштадот во Кавадарци. Всушност, се работи за четири поединечни инсталации реализирани со свежи листови нанижани на гранки и коноп, „конструкции“ поставени на дрвени греди.

1982 г. се обидува да ги декрошира „денките“ во неколку дела наречени „Сандак скулптура“ во кои теракотата е помешана со слама „врамена“ со дрво. Понатаму работи спирали и објекти како варијанти на спојот на памукот со други материјали, најчесто дрво. Така доаѓа до „Вртено“, односно интервецијата со памук во дворот на МСУ, Скопје, со исклучителна знаковност не само на вертикалниот објект туку и на белината на доминантниот материјал. Истата година ја изведува интервенцијата со трева во амбиентот на касарната во Пазин (Хрватска) за која негативите се уништени, па ја илустрираме само како скица.

Затоа во 1983 г. тој повторно е поканет да има самостојна изложба на цртежи во Домот на културата во Пазин. Тие се аплицирани на ѕид во облик на низи. За колонијата во Крушево создава помали објекти со гранки, коноп, памук и трева. Сепак таа година и следната година се одбележани со т.н. „Линеарни интервенции“. Првата се случи во Домот на младите „25 мај“, Скопје со јаглен, лозови гранки, метална жица и рибарски конец, а интенцијата е да ја одбегне дводимензионалноста и на неконвенционален начин да се освои просторот. Втората се конципира во Студенскиот центар во Загреб (1984 г.) со слични материјали, но и со пастелни бои нанесувани на ѕидовите од тула, а потоа со идентичен пристап преку спирални „линии“ се навлегува во просторот. Овој тип размислувања најексплицитно е доловено на третата изложба во малата галерија на Студенскиот културен центар во Белград.

Следува изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“ кога во Домот на младите „25 мај“, Скопје ја монтира монументалната исталација со претходно направени објекти во 1982 г. Од 1984 г. потекнуваат и неколкуте летала опфатени како „просторен белег“, но и со поединечни наслови, а дел од нив се направени во следните години. Со нив ја бранеше и неговата магистерска работа во Белград 1985 г. Исто така учествуваше на значајни манифестации, а акцентот на нив беше ставен на самостојната изложба во МСУ, Скопје, а токму тогаш беше прикажано и неговото реперно дело „Летало над леталата“ (1986 г.).

Претходната 1985 г. беа создадени „Грабење во просторот“, „Пробој во просторот“ и „Чекорење во просторот“, поединечни дела што функционираат како групација (на изложбата „Уметноста и критиката во средината на осумдесеттите“ во Сараево 1986 г.). Во Загреб се случи истото на изложбата прикажана во Галеријата за современа уметност под наслов „Од чудотворноста на ливадата до радоста на живеењето, шест македонски уметници“, а потоа во Скопје, Белград и Кавадарци, 1986 г. Таа година во рамките на изложбата „Шемов-Фидановски“ со Драган Петковиќ содаваат интегрално дело (скулптура-слика). Овој тип на интеграција и амбиентална поставеност ја потенцира кореспонденцијата што нуди поглед кон неговите релативно сложени концепти (применети и во инсталацијата на Биеналето на млади во МСУ, Скопје, 1987 г.). Во 1988 г. ја постави  скулптурата од теракота „Порта“ во надворешниот дел во близина на влезот на Домот на младите „25 мај“, Скопје (без никаков повод таа беше остранета после определено време).

Сламата и дрвото (повремено и акриликот му се основен материјал на леталата што ги создава по неговото заминување во Лондон 1989 г. Во Whitechapel Art Gallery го изложуваше „Леталото што слета“. Тогаш се настанати „Небески сили 1 и 2“, серијата цртежи од циклусот ангелски чинови „Серафими“.

1990 г. обликува објекти со слама на дрво или со акрилик на платно, како што се„Ангел-престол (тркало)“ и другите три под наслов „Серафим 1,2 и 3“, а на крајот „Просторен Серафим“. Со гранки и стебла во Грајздел ја реализира најголемата инсталација „Херувимски крилја“ (15х11х27 м) , при што ја додава едновечерната инсталација со свеќи. Во 1991 г. ја остварува инсталацијата за Циренцестер преку насловените дела „Ангел-Херувим“ (со повеќе нијанси на слама, трева, дрво и батериски светилки) и „Ангелска енергија“ (со слама, гранки и акрил на платно). Во Даблин (Ирска) со слама ја конципира инсталацијата на ѕид „ Ангел пазител“ (слама и дрво), а потоа во Лајцестер (Англија) ја поставува инсталацијата со свежи и со суви листови врзани и нанижани на гранки.

По повеќе од една година 1993 г. преку скици се подготвува за учеството на Венециското биенале (заедно со Петре Николоски). Тоа беше првото претставување на самостојна Македонија. Во непосредната околина на Џардини на самиот влез тој своите објектни со слама ги постави на дрвјата со слама, трева и памук чии асоцијации веќе беа дефинирани како Серафими, Херувими, Престоли. Нивната визуелна моќ беше рефлектирана не само преку димензиите, туку и преку рефлексијата на користениот материјал што е основниот чинител на знаковноста.

Во 1994 г. во Германија учествува со „Ангели-Престоли“ (слама, трева, памук на дрво), а ова дело е сега во сопственост на Националната галерија на Македонија, Скопје. Слични предизвици со идентичен наслов ги пренесува во циклусот цртежи настанати во 1995/96 г. Тие веќе се работени во Канада кадe што живеe.

По повеќегодишна пауза ја продолжува својата уметничка кариера не само по галериите во Винзор туку и на други локации. Се претставува со „Линеарниот Серафим“ и „Ангел тркало со четири крилја“ (слама на дрво и акрилна боја на ѕид), а во 2003 г. како да се навраќа на поранешните облици во слама на дрво во делото „Борба со ветерот“, 2005 г. во САД, Cazenovia NY ја прикажува инсталацијата „Гнездена структура“ (трева и градинарска мрежа, 8х3х2 м), a пoтоа во Winner Gallery во Виндзор со трева и конопен конец е обликувано „Осиното гнездо“. Додека во Ла Сејл (Канада) перфомативно на земја ја поставува „Змиестата форма“ (од слама и мрежа долга 17 м.), а потоа ја пали и како последен чин е „отисокот“ на црната линија резултат на горената форма. Во овој период продолжува со „Просторните гнезда“ како елипсасти форми на раздвижени структури (слама, кал од лепак од зајачка кожа, глина на дрво, со унифицирана димензија 62х62х10).

Со слична логика се конципирани и неколкуте дела од 2006 г. насловени како „Вселенско гнездо“ со нешто поголеми димензии. Тоа важи и за „Вселенско гнездо“ од 2008 г. подготвено според негов нацрт за изложбата „Венеција виа МКЦ“, овој пат со два сегмента со свежи пиперки и со тутун.

Повторно по неколкугодишна пауза интервенира со слама и градинарска мрежа на делото „Гнездена структура 2“ во Кембриџ (Канада). Две години подоцна за Articite Gallery во Виндзор го гради „Гнездото“ со слама и градинарска мрежа. Во 2014 г. ја заокружуваме неговата дејност со инсталацијата што е дел од манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Македонскиот црковно културен центар во Мисисага (Канада).

За новите инталации изработени за ретроспективата ќе се анализира во монографијата, додека овој парцијален преглед нуди информации што се потребни при првите контакти со нив.

Стефанов според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години.

Кустос на проектот: Марика Бочварова Плавевска

 

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023

Ѓорѓе Јовановиќ: Горчлив шеќер

19/09/ 2023 – 16/02/ 2024