Предавање на Клер Бишоп

Музеј на современата уметност, скопје

Клер Бишоп – Интервенции: Уметноста на политичката синхронизација

Понеделник, 21 Јуни, 2021 во 19:00 часот

Музејот на современата уметност – Скопје во рамките на Интердисциплинарната програма продоложува со циклусот онлајн предавања под наслов „Без/редие во светот на уметноста“.

Предавањето на Клер Бишоп насловено „Интервенции: Уметноста на политичката интервенција“, овозможува историска и теоретска анализа на „интервенцијата“ како уметничка стратегија, дефинирајќи ја како самоиницијативен и нарушувачки акт  во јавната сфера (сфатена како физички и виртуелен простор). За „интервенцијата“ најважен  е политичкиот тајминг, идеја која Клер Бишоп ја теоретизира како форма на конјуктурна анализа (пристап втемелен на автори како Грамши и Хол) и медиумската циркулација. Првите појави на овие делувања се во Латинска Америка кон крајот на 1970-тите, кога слабеењето на диктатурите овозможуваат уметниците да го искористат јавниот простор и медиумите во момент на сеопшта политичка неизвесност.  Интервенциите како уметничка стратегија повторно се појавуваат од 2010 година како одговор на возобновувањето на десничарскиот национализам кој е придружен со нови форми на активизам и несогласувањa (Русија, Куба, САД). Преку овие делувања се покренуваат прашања во врска со (1) можноста  интервенциите да се спротивстават на изобличувањата и дисторзиите во медиумите (2) вредноста да се нарушува и да се прави трансгресија во однос на хомогенизирањето од алтeрнативните десни движења и (3)  воспоставување на  модел на уметник кој е привилегиран  преку уметноста на интервенциите.

Клер Бишоп e професорка по историја на уметност на  The Graduate Center, CUNY  во Њујорки се смета за оригинален мислител и креативен толкувач на современата уметност.  Има докторирано на  универзитетот Есекс во 2002. Нејзината дисертација издадена како ,,Инсталациона уметност: критичка историја“ станува неопходен ресурс за секој кој има интерес во опсегот на оваа тема, а нејзиното едитирано издание „Партиципиација“ е вреднувано како исклучително дело.  За книгата Артефицијални пеколи: партиципативната уметност и политиката на набљудувањето (2012) ја добива престижна награда за уметничка критика Frank Jewett Mather во 2013 година. Бишоп е авторка и на два влијателни есеи, „Антагонизам и релационата естетика“ (објавено во спианието Октомври, 2004 година) и Општествениот преврат: Соработката и нејзините недостатоци (Артфорум, 2006). Нејзините книги и написи се преведени на повеќе од дваесет јазици. Бишоп е уредник и сорабтник на списанието „Артфорум“.

Автор на проектот Без/редие во светот на уметноста е Тихомир Топузовски.