За нас Мисија и визија Историја Зграда Библиотека Вработени
EN

1963

На 26 јули 1963, рано наутро во 5.17, катастрофален земјотрес го разруши заспаното Скопје. Сликите и вестите од оваа катаклизма, во која загинаа повеќе од 1000 луѓе, се најдоа на првите страници од светските медиуми. Потребата за мобилизација во надминувањето на уништувачките последици беше огромна и со планетарни димензии... “Скопје не е филм, тоа не е трилер во кој го насетуваме главниот настан. Тоа е концентрат на човековата борба со природата, но и резултат што вдахнува за нова борба, а не за прифаќање порази”. Жан Пол Сартр, 1963

ПРВИТЕ ДОНАЦИИ

Светската и југословенската заедница покажаа солидарност и спремност да ја помогнат обновата на Скопје. Како значаен дел од оваа солидарност во Скопје почнаа да пристигнуваат и првите спонтани донации на дела од повеќе европски и југословенски уметници. Такви на пример беа донациите на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо и германскиот графичар Хап Грисхабер, како и оние од приватната колекција на хрватскиот колекционер Герхард Ледиќ. Уште една спонтана реакција во овој период уследи и од познатиот црногорски и српски уметник Петар Лубарда, кој ги подари сите дела од неговата самостојна изложба во таа 1963 година.
Напоредно со овие индивидуални гестови, дојде и до организирани акции поттикнати од Меѓународното здружение на ликовни уметници (AIAP), кое упати апел до уметничките асоцијации и индивидуални уметници во светот да помогнат во создавањето колекција на уметнички дела со која ќе ја поттикнат културната обновата на градот. Првата таква акција ја организираше италијанската секција на AIAP, а со истата цел во Франција е формиран Комитет за помош на Скопје, кој го раководи познатиот писател и историчар Жан Касу; во Комитетот во Англија учествуваат сликарите Денис Боуен, Кенет Коуц-Смит, Питер Брд и скулпторот Џеси Воткинс.

Основањето на новиот музеј

Овие првични донации и активности, како и оние што следеа потоа од меѓународните здруженија на критичарите (AICA), музеите (ICOM) и други организации и поединци, придонесоа во Скопје да пристигне, само неколку месеци по земјотресот, една забележителна збирка од над сто уметнички дела. Овој податок, здружен со ентузијазмот и визионерството на неколку врвни македонски политичари и редица уметници и личности од јавниот живот, ја покренаа идејата за формирање на Музеј на современата уметност. Во Иницијативниот одбор, којшто требаше да ја спроведе оваа идеја, влегоа триесет истакнати личности од јавниот и културниот живот на Македонија и Југославија

МСУ - АРХИТЕКТОНСКО ЗДАНИЕ

Комисијата за изработка на основачката програма на Музејот на современата уметност на своите први состаноци во есента 1963 година ја подготвува идејната скица за идната зграда на МСУ.
Полскиот архитект и урбанист Адолф Циборовски, за локација на Музејот го предлага брдото Кале во средиштето на скопската долина. Изборот на локацијата е мотивиран од урбанистичкиот план за Калето кој е замислен да се уреди како комплексен парк-музеј, во кој Музејот на современата уметност ќе доминира над градската панорама како средишен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје.

ИЗЛОЖБИ

Иако на почетокот нема свои посебни простории, младиот и посветен тим на МСУ, организира повеќе повремени изложби во различни галериски простори во Скопје. Посебно значаен и успешен за афирмирањето на новата институција во јавноста е периодот од 1966 до 1970 година, кога Музејот успева да добие изнајмен галериски простор во центарот на Скопје, кадешто организира динамична изложбена активност.
Овој тренд ќе добие уште поголем квалитет со отворањето на новата зграда и со поставувањето на првата Постојана поставка, во која е за прв пат интегрално претставена музејската колекција. Во својата интезивна изложбена активност, МСУ до денес има организирано над 1.000 домашни и меѓународни проекти, меѓу кои спаѓаат и претставувањето на Биеналето во Венеција (1976, 1993, 2003 и 2005) и бројни изложби на македонската уметност во културни центри како Париз, Лондон, Рим, Минхен, Токио, Стокхолм, Атина, Белград, Загреб, Софија, Сараево, Солун и други.