bau1haus

Музеј на современата уметност Скопје

05. – 21. 11. 2019

По повод стогодишнината на вајмарскиот Баухаус,  Музејот на современа уметност во Скопје во соработка со Амбасадата на Германија во Скопје, претставува 50 фотографии за архитектура на берлинскиот фотограф Жан Молитор од Германија и од светот, кои ја прикажуваат архитектурата на Модерната во сите нејзини најразлични аспекти.

Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на Модерната, која од 2016 г. научно е поддржана од историчарката по архитектура, д-р Каија Фос. Во проектот  „bau1haus“, Молитор има за цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Притоа, тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење.

Областа на истражување се протега од Вајмар, каде што во 1919 г. е основано легендарното уметничко училиште Баухаус, преку цела Европа до Африка, Америка и Азија. Изложбата на фотографии патува во места каде што луѓето со децении живеат со своите архитектонски богатства, но можеби не се секогаш свесни за нив. Речиси секаде има изненадувачки траги на Модерната: меѓу Берлин и Кабул, Штутгарт и Тел Авив, Санкт-Петербург и Хавана, во Гватемала или во Букаву во Конго се наоѓаат секогаш одново врвни дела на градежната уметност без кич.

Изложбата во различни комплекси се доближува до целиот спектар на модерното градење. Во центар на вниманието не се архитектонските икони како мајсторските куќи во Десау, туку пред сѐ згради што го документираат меѓународниот дух на времето во нивното секојдневие, меѓу нив, станбени површини, кина, училишта, населби, театри, вили, болници, бензиски пумпи и индустриски градби. Тие ги отсликуваат и итните прашања на првата половина од 20 век: нова мобилност, социјална градба на станови, градска хигиена, медицинска грижа како и настојувањето за образование и активности во слободното време.

Преку висококвалитетни црно-бели фотографии, прочистени од секакви влијанија што пречат, Молитор се концентрира со трезвен поглед на естетиката на архитектурата.

Снимени од малку издигната позиција, се чини дека зградите со своите јасни линии, заоблени фасади и стаклени агли лебдат речиси безвременски.

 

Жан Молитор

Роден на 23 август 1960 г. во Берлин

Неговата професионална пасија го носи од Гренланд преку Русија до африканскиот континент, Азија и до далечната Јужна Америка. Снима неколку документарни филмови за германската телевизија.

На 15 години Жан го добива своето прво јавно признание за успешна фотографија во здружението „Млади фотографи“. Подоцна следи стручно образование за фотограф и камера-асистент. Следно се студии по уметничка фотографија на Универзитетот за графика и дизајн за книга во Лајпциг.

По успешно завршените студии во 1993 г. Жан Молитор е ангажиран како слободен фотограф за познати фирми и институции насекаде во светот. Во овој период работи првенствено репортажи за печатени медиуми и телевизиски продукции, автор е на фотографии на повеќе публикации на книги и се ангажира во многу меѓународни социјални непрофитабилни проекти (Белорусија, Украина, Куба, Централна Африка, Авганистан, Кенија, Нигер).

По подолги работни престои во Јужна Америка и Кина, од 2009 г. Жан Молитор сѐ повеќе ѝ се посветува на фотографијата за архитектура. Денес тој важи и за амбасадор на таканаречената „Лајпцишка школа“ и доаѓајќи од ова уметничко опкружување го развива сопствениот стил.

Космополитот од Берлин ги бара и наоѓа своите објекти и инспирации во целиот свет.  Индивидуалните изложби во Европа, Азија, Африка и Америка (2007-2019) зборуваат за надкултурната ориентација на неговата креативност.

 

Модернизмот и влијанијата на Баухаус во Македонската архитектура

Во рамките на изложбената поставка на берлинскиот фотограф Жан Молитор, поместен е избор на  фотографии кои упатуваат на неколку значајни градби извлечени од ткивото на Скопје. Тие се само дел од градбите кои сведочат за начинот на кој Скопје ја апсорбира естетиката на европските авангардни правци, Модерната, Интернационалниот стил или сѐ она што Молитор широко го вбројува во „Баухаус“, а мислејќи пред сѐ на новата функционалност, новата совршена естетика и новиот метод на обмислување и создавање архитектура.

Оваа архитектура во Скопје се создава во неколку наврати; во скромен обем, но со извонредно значење за прв пат се се појавува во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941 г.). Истовремени со градбите кои сѐ уште носат белези на академизмот и неговите локални подваријанти, делата на Иблер и Злоковиќ во Скопје храбро ја воведуваат естетиката на европската авангарда. Повоениот период (1945-1963 г.) веќе добива широк модернизациски карактер и додава нов, обемен архитектонски слој кој во себе ги обединува предвоените искуства и новите истражувања и стекнати знаења. Речиси без исклучок во делата на Леви, Ранковиќ, Брезоски, Петричиќ и др.,  доминира естетиката на едноставни, „бели“ волумени и големите застаклени површини. Ваквиот начин на архитектонско изразување и обмислување на просторот во континуитет продолжува да опстојува и во периодот на постземјотресната обнова и изградба на Скопје (1963- раните 1980-ти години), овојпат како еден од мноштвото можни архитектонски јазици (структурализам, метаболизам, брутализам итн.).