Сè што ни е заедничко во Солун

MOMus-Experimental Center for the Arts, Солун

17 јули – 15 септември 2019

 

 

“Сè што ни е заедничко” е основното мото во делата на 14 уметници  од Југоисточна Европа во рамки на изложбата организирана од Музејот на современата уметност – Скопје, која од 17. 07. до 15. 09. 2019 ќе биде поставена во МоМУС – Експерименталниот центар за уметност во Солун, Грција.

Изложбата ја испитува несигурноста во различните социјални, политички и културни контексти поврзани со ранливоста и егзистенцијалната непредвидливост во земјите од Југоисточна Европа.

Видео, сликарство, фотографија и инсталации се медиумите кои се користат за да се подигне свеста за општата опасност и да нè натера да го доведеме во прашање начинот на кој ја доживуваме нашата актуелна ситуација и да нè натера да размислуваме како нашите индивидуални визии, одговорности и обврски можат да бидат социјално споделени и да служат на колективни цели.
Куратори на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова од Музејот на современата уметност – Скопје.

Во изложбата се претставени делата на уметниците Ана Адамовиќ (Србија), Лучезар Бојаџиев (Бугарија), Флака Халити и Албан Муја (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу и Антонис Питас (Грција), Рената Полјак (Хрватска), Анри Сала (Албанија / Франција), Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски (Северна Македонија).

Изложбата “Сè што ни е заедничко”  е соработка помеѓу двата музеи како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот, Европа и пошироко. Музејот на современа уметност во Скопје на крајот од септември 2019 година ќе биде домаќин на изложба на дела од колекцијата од  Музејот на современата уметност МоМУС од Солун.
Изложбата е финансиски подржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија и Еуролинк осигурување.