EN

Хенри Мур, графичарот

Оваа селекција од 80 графики е сведоштво за постојаната фасцинација на Мур од бескрајните можности на графиката. Во 1984 година Хенри Мур му подари повеќе од 200 графики на Британски совет по повод неговото педесетгодишното постоење, со цел да ја збогати неговата збирка. Графичката мапа Мајка и дете беше донирана во 1989 година. Оваа изложба од збирката на Британски совет ги покрива сите главни теми за кои се интересирал Мур во текот на неговата долга кариера, потенцирајќи го неговиот однос кон текстурата, светлото и длабочината на тонот во медиумите бакропис и литографија.

Продавницата за графики во Пери Грин, Хертфордшир, Англија, е дом на повеќе од 6,000 графики на Мур – вклучувајќи ги сите негови работни, пробни отпечатоци како и оригиналните бакарни плочи за бакропис. Мур беше неверојатно продуктивен графичар: издадени се преку седумстотини изданија, а истите се илустрирани и во четиритомната монографија целосно посветена на неговиот графички опус. Овие томови, составени од Жерар Крамер (а подоцна и од неговиот син, Патрик), Алистер Грант и Дејвид Мичинсон, се изворот на архивската референца CGM на секое дело.

 

Графичката уметност е детален процес кој претходно треба добро да се обмисли. Во бакрописот, уметникот црта со игла на бакарна, цинкова или челична плоча која претходно е премачкана со восок отпорен на киселина. Кога плочата се потопува во киселина, линиите на цртежот го отвораат чистиот метал кој еродира и на тој начин се создава изгравираната плоча. Плочата се прекрива со печатарска боја која навлегува во изгравираните линии, површината се чисти со муслин, а вдлабнатите линии остануваат полни со боја. Над плочата се става лист хартија и потоа истата поминува под преса со огромен притисок. Кога ќе се отстрани хартијата, се открива веродостојна слика на изгравираниот цртеж, како одраз во одгледало. Оваа процедура на ставање печатарска боја се повторува за секој отпечаток. Литографијата („пишување на камен“) е поинаков процес. Сликата се црта на голем рамен блок од варовник со масна креда која потоа се фиксира со мешавина од азотна киселина и арапска гума. Каменот се потопува во вода, при што масната креда ја одбива водата. Цртежот ја привлекува масната печатарска боја, додека пак, останатите површини од литографскиот камен остануваат без боја.
Заинтересираноста на Мур за органската форма и природата веројатно потекнува од неговото рано детство кое го поминал во близина на живописните ридови и долини на Јоркшир во северна Англија. Неговите дела изобилуваат со мотиви од светот на природата; графиките кои се изложени овде се: Камен V, 1977 година (CGM 465), Трупци II, 1972 година (CGM 190), Легната фигура покрај морето и карпите, 1978 година (CGM 491). Како резултат на интензивното проучување на Стоунхенџ, мегалитниот споменик од неолитот и бронзената доба во Јужна Англија, Мур создал преку дваесет бакрописи и литографии, во кои спаѓа и Стоунхенџ VIII, 1973 година (CGM 215). Череп на слон е идеја која тој исто така ја има преточено во албум од бакрописи од кои Череп на слон плоча XVI, 1970 година (CGM 129) е прикажан на оваа изложба.

Според Мур темата Мајка и дете е една од неговите „неисцрпни теми“. Оваа тема постојано се проткајува низ неговите дела, понекогаш експлицитно, како во Сликовница, 1967 година (CGM 91), а понекогаш имплицитно со внатрешни/надворешни форми. Тој ја испитува темата неуморно како во однос на човековата природа, така и во однос на композицијата. Mајка и дете XVII, 1983 година (CGM 687), од албумот Мајка и дете, е апстрактно прикажување на нежниот однос: двете фигури се испреплетени и изгледаат речиси како едно битие. Попретставителна верзија на мајчинската приврзаност е прикажана во Mајка и дете V, 1983 година (CGM 675). Поделеноста на цврстата маса во две форми која отсликува поврзаност меѓу двете парчиња е постојан аспект на темата мајка и дете – Мур ја испитува важноста на просторот, бидејќи секоја форма се поврзува со другата, што укажува на заштита, блаженост и блискост, слично како во Идеи за скулптура од дрво, 1973 година (CGM 286).

Со сè подлабокото навлегување во графиката, Мур увиде дека му е потребен посебен простор во ателјето за експериментирање и создавање пробни отпечатоци. Овие ателјеа, како и неговите лични колекции и околината која претставувала инспирација за неговите дела сè уште можат да се видат во Пери Грин, некогашен негов дом и работна средина, а сега и седиште на Фондацијата „Хенри Мур“.
Нема многу записи за изјавите на Хенри Мур во врска со графиката; овие последни зборови доаѓаат од едно радио интервју:

Почувствував силна потреба да работам графика, или печатење, кога открив дека може да се смени отпечатокот без да го изгубиш она што веќе го имаш. Графиката нуди посебни можности. Со неа можеш да си играш со повеќе идеи, а да не ја загубиш изворната, бидејќи можеш да ги задржиш претходните состојби – секако, ги задржуваш сите отпечатоци. Значи, ти дозволува да експериментираш. Кога ќе направиш отпечаток, добиваш нешто што не можеш точно да го предвидиш. Постои мала промена, постои разлика. Разликата е слична како кога грнчарот ја прави глазурата на грнето и потоа го става да се испече, а по печењето бојата е секогаш изненадување. Во графиката го добивате истото изненадување. Не го обмислувате секој чекор логички туку мора да се препуштите и на случајностите кои подоцна е препорачливо да ги искористите.

Сузан Jустас

 

Хенри Мур: Живот и дело

Пери Грин е селце кое се наоѓа на половина пат помеѓу Лондон и Кембриџ, оддалечено една милја од Мач Хедам во округот Хертфоршир. Таму Хенри Мур живее и работи повеќе од четириесет години. Хенри и неговата сопруга се доселуваат во Пери Грин во 1940 година за време на бомбардирањето на Лондон во Втората светска војна, откако нивниот дом во Хемпстед ќе претрпи бомбардерски напад и ќе биде разрушен. Тогаш, Мур е на возраст од четириесет и две години и е добро познат во уметничките кругови, но не и во пошироката јавност. Шест-седум години подоцна тој станува познат не само во Англија, туку и ширум светот.

Рано образование

Хенри Мур е роден во Каслфорд, Јоркшир, на 30 јули 1898 година, и е седмо од осумте деца на Рејмонд Спенсер Мур и неговата сопруга Мери. Тој оди во градинка и основно училиште, и добива стипендија во средното училиште во Каслфорд (по еден неуспешен обид) на возраст од единаесет години. Додека е втора година во средното училиште во Каслфорд, во училиштето пристигнува нова и млада учителка по ликовно, која му станува пријателка и менторка за време на неговиот период на созревање. Алис Гостик е постојано во тек со развојот на уметноста ширум Европа: новитетите од постимпресионизмот, виенскиот сецесионизам и стилот арт нуво, и е свесна дека истите допираат и до нејзините млади ученици. На возраст од шеснаесет години Мур полага за стипендија на локалниот колеџ за уметност, но татко му смета дека тој треба да го следи примерот на неговата постара сестра која е учителка. Меѓутоа, со војната завршува и учителската кариера на Мур. На возраст од осумнаесет години, Мур се пријавува во британската армија и му придружува на 15-от баталјон на лондонската пешадија.

„Музејување“

И покрај напорните вежби на војската, Мур успева да најде време за првпат да ги посети Британскиот музеј и Националната галерија во Лондон. Но, наскоро потоа го испраќаат во Франција. Војната за Мур завршува откако тој и неговите соборци ќе бидат мета на напад со боен отров. Тој дома му се враќа на предавањето, но свесен е дека учителската работа не го исполнува, па се пријавува и добива ветеранска стипендија на Факултетот за уметност во Лидс. На факултетот не постои професор по вајарство, но на инсистирање на Мур се вработува таков професор. На крајот од втората учебна година тој добива стипендија на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон.

Следува период на зголемена активност на Мур – кај него се јавува огромна жед за знаење и наплив идеи, од кои повеќето го наоѓаат своето место во тетратките кои се чуваат и ден денес. Тој ги проучува колекциите во музејот „Викторија и Алберт“ и галеријата „Тејт“, но највеќе го привлекува Британскиот музеј, особено колекцијата на ацтечки скулптури од Мексико. Ова негово проучување тој го нарекува „музејување“. Тој ги чита делата на историчарот на уметност Роџер Фрај и ги проучува делата на вортицискиот уметник Анри Годје-Бржеска. Мур исто така се запознава и со американскиот скулптор Џејкоб Епстајн, и за првпат го посетува Париз во 1923 година.

Лондон и љубовен живот

За време на неговото студирање на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон, Мур ужива поддршка поткрепена со огромен ентузијазам од деканот Сер Вилијам Ротенштајн, кој во 1924 година му издава на Мур препорака за неговото пријавување за работното место професор по вајарство до Советот на округот Лондон: „Тој е исклучителен вајар и учен млад човек чие знаење е од неизмерна вредност.“ Ваквите коментари се многу поважни од погрдните коментари за неговите дела кои следуваат малку подоцна. Во 1924 година, Мур го прифаќа назначувањето за предавач по вајарство на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Во 1928 година ја запознава Ирина Радецки, студентка на катедрата за сликарство, со која се венчава една година подоцна.

За време на 1920-те години Мур е дел од уметничкиот живот во Лондон. Во 1928 година, тој ја добива првата нарачка да направи релјеф за новоотворените канцеларии на Лондонскиот превоз. Неговата прва самостојна изложба, на која ќе бидат изложени четириесет и две скулптури и педесет и еден цртеж, се одржува во галеријата „Ворен“ во Лондон во 1928 година. Подоцна ќе одржи изложба и во галеријата „Лестер“ во 1931 година, на која ќе бидат изложени триесет и четири скулптури и деветнаесет цртежи. Ликовен критичар од лондонскиот весник Морнинг пост ќе напише: „Култот на грдотијата триумфира во рацете на г-дин Мур. Тој го пренесува неговиот апсолутен презир кон природната убавина на жените и децата, а со тоа го лишува дури и каменот од неговата вредност за естетско и емоционално изразување.“

Напад на критичарите

Овие напади започнуваат со одлуката на Мур да не го обнови договорот со Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Тој го прифаќа работното место на Факултетот за уметност во Челзи, каде одново ќе ја воведе катедрата за вајарство и каде предава два пати неделно сè до 1940 година.

За време на триесеттите години, во 1933, 1936 и 1940 година тој одржува повеќе самостојни изложби во галеријата „Лестер“, а учествува со своите дела и во позначајни групни изложби.

Секогаш придружуван од Ирина, а понекогаш и од пријателите, тој често го посетува Париз. Во 1934 година двојката ја прави единствената посета на Шпанија и патувајќи со автомобил ги посетуваат Алтамира, Мадрид, Толедо и Барселона. Во 1934 година тие се селат во куќа во Кингстон, каде поседуваат пет акри имот, со цел Мур да може да ваја на отворено и да ги постави и фотографира скулптурите во природа. Семејството Мур наскоро открива дека нивната куќа се наоѓа во ограничена област со отежнат пристап, поради малата оддалеченост од пристаништето Довер. Тие се враќаат во Лондон, но тогаш завршува професорската кариера на Мур на Факултетот за уметност во Челзи, бидејќи факултетот се префрла во Нортхемптон.

Метрото како засолниште од војната

Во октомври 1940 година семејството Мур се сели во Пери Грин, а набрзо потоа Советодавниот комитет на воените уметници започнува со набавка на цртежите кои Мур ги изработи во метрото кое им беше засолниште од воздушните напади на жителите на Лондон. Овие цртежи, како и цртежите од рудниците, се сметаат за дел од најголемите достигнувања на Мур.

Промената на техники на Мур

На почетокот на кариерата Мур првенствено работи на скулптури од дрво и камен, за кои претходно прави скици на хартија. Тој не прави модели туку ваја директно. Околу 1935 година прави поголеми скулптури, па изработува мали прелиминарни тродимензионални студии познати како макети. Мур често објаснува дека со правењето макети ја проучува формата во неговите раце, го допира обликот и замислува како ќе изгледа скулптурата во предвидената големина. Пред војната, тој ги користи макетите како модели за поголемите скулптури. Меѓутоа, во поствоениот период тие стануваат модели за големите бронзени скулптури, како и за скулптурите од дрво и камен.

По 1935 година, идејата за скулптура сè уште е присутна најпрво на цртеж, а потоа реализирана во мал формат. По создавањето модел од непостојан материјал како восок, глина или гипс, скулптурата ја изработува од метал за да биде трајна. Од овој период, позната е анегдотата дека Мур ѝ ги уништува тавите на Ирина за да го стопи оловото кое му е потребно за лиење. Од овие домашни излиени модели од олово, подоцна професионалните леарници прават репродукции од бронза.

Мур по војната речиси и не прави подготвителни цртежи за скулптурите, иако експериментира со идеите за скулптури во неговите цртежи, па така често може да се следи преминот на некоја негова идеја од цртеж или графика во скулптура и обратно, од скулптура во серија дела на хартија. Мур црпи инспирација за неговите скулптури од природни извори како коски, камења, бисери, школки и парчиња дрво. Тој ги собира сите пронајдени предмети во ателјето, ги складира и ги реди на полиците.

Награди и признанија

Првата ретроспективна изложба на Мур се одржува во Темпл Њусем, Лидс, во 1941 година. Истата година го добива неговиот прв почесен докторат на Универзитетот во Лидс. Во 1946 година се раѓа неговата ќерка Мери, а таа година се одржува и неговата прва меѓународна ретроспективна изложба во Музејот за современа уметност во Њујорк. Негативните критики кои Мур ги добива за неговите дела во триесеттите години се минато, бидејќи во педесеттите и шеесеттите години следуваат само позитивни критики. Следуваат бројни одликувања, почесни звања, награди, чинови и признанија за делото на Мур. Тој ќе прими повеќе од седумдесет награди од дванаесет држави.

Почестен од наградите и признанијата, Мур за возврат ѝ подари на Уметничката галерија на Онтарио преку двесте скулптури и цртежи, како и целата колекција графики во 1974 година. На галеријата „Тејт“ ѝ подари преку триесет поважни дела и колекција графики во 1978 година. На Британскиот музеј, пак, му подари цртежи, а на музејот „Викторија и Алберт“ и Британски совет им подари графички дела.

Дејвид Мичинсон

Раководител на збирката и изложбите на Хенри Мур (Пери Грин)

МИНАТИ ЕВЕНТИ

Предавање на Аманда Боеткис

Понеделник 29/08/ 2022 во 19.00

Кино МСУ – Планински филм на ридот

Уметникот се претставува: Дарко Алексовски

13. 04. 2022

Предавање на Владимир Јанковиќ - Синтетички неба