Изложби Тековни Следни Минати
EN

12. биенале на млади: Ќе биде ли доцна ако времето запре?

28/02/ 2018 – 28/03/ 2018

Генералниот концепт околу кој се гради 12. Биенале на млади уметници е во насока на истражување, преиспитување и анализа на феноменот на задоцнетост/задоцнување, ненавременост во поглед на историскиот развој на општествените прилики во земјава во рамките на уметничкиот систем и уметничките парадигми и начинот на кој се одразува во сите негови сегменти (образовни, изложбени, продукциски, претставувачки и сл.) Во таа насока, концептот предлага едно прашање: дали е предоцна да се преиспита, продолжи или прекине една веќе долго време воспоставена тенденција во рамките на уметноста или е време да се размисли за нови стратегии и перспективи?

Наместо фокусот да биде насочен кон развојот на визуелната уметност во споредба со тековите на интернационалната сцена, тој се насочува кон условите за развојот на мислата, креирањето и пренесување на знаењето и општествената улога на уметноста во локалниот контекст. Оттука, во основата на концептот, разработен и елабориран во рамки на дискурзивната програма со учесници од регионот, потоа презентациите на уметниците, дискусиите и кураторските осврти предвидени во каталогот, се поставени прашањата: Како се продуцира знаење во услови на пролонгирана инертност и блокираност на институционалната мрежа и недоволно развиена вонинституционална сцена? Како да се надмине оваа ситуација, со незадоволителни технички и кадровски капацитети за институционално одржување на меморија, но и градење на историска свест? Кои се основните пречки за развивање услови за критичко согледување на минатото и стратешко проектирање на иднината? Како би се поттикнало создавање младински политики кои би ги активирале младите да ја трансформираат генералната апатија и да се создадат интегративни платформи и солидна културна стратегија?

Во тој поглед, концептот на 12-то Биенале на млади уметници излегува од рамката на строго дефинираната изложбена практика, во обид не само да презентира селекција на автори и нивните индивидуални погледи и актуелни интереси преку визуелната продукција, туку да ги лоцира проблемите со кои тие се соочуваат, во услови на недоволно јасна или непостоечка контекстуална рамка. Изложбата ги презентира делата на дваесеттина уметници создадени во последните неколку години, односно дела настанати во периодот од последното издание на Биеналето на млади до денес, погледнати во контекст на презентациите на уметниците и интернационалната дискурзивна програма како основа за дефинирање на едно експериментално компаративно поле.

Една од целите е да покаже дека на маргините на институциите постои раздвиженост кога станува збор за сцената која ја креираат младите и во поглед на продукцијата и во однос на формите на самоорганизираност. Во услови на неинтегрирана и дефрагментирана уметничка сцена, се истакнува потребата да се разгледаат тенденциите, односно да се преиспита како е насочена, поттикната и мотивирана енергијата на младите – дали кон нивно интегративно позиционирање како општествено освестени и социјално проникливи индивидуи способни за остварување и проширување на колаборативниот простор или, пак, изолирано и индивидуално креирање на лични стратегии, со некритичко отворање кон претпоставената современост или пазарна успешност на некои од Западните прерогативи во непрегледната мрежа на остварување без критериуми? Ваквата состојба произлезена од интерелацијата со уметничкиот номадизам, кој во денешно време освен „барањето на инспирација“, подеднакво е условено и од економски причини, го наметнува и прашањето: која е перспективата за младите уметници и културни работници, разгледувајќи ги прекарните услови на работа, изолацијата од конекции и галериски мрежи, несразмерната распределба и концентрација на знаењето, изворите, фондовите и многу други фактори кои ги формираат „позициите на моќ”?

Куратори на Биеналето:

Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова, Владимир Јанчевски

Уметници:

Дарко Алексовски, Барски Брача (Марко Јанев и Филип Велковски), Димче Димески, Иван Дургутовски, Ана Јовановска, Амир Карахасан, Марија Конеска, Бисера Крцковска, Ана Лазаревска, Јана Луловска, Симона Манчева, Марко Гутиќ Мижимаков, Ивана Мирчевска, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, Анастасија Пандиловска, Владан Петрушевиќ, Илија Прокопиев, Никола Радуловиќ, Горан Ристовски, Никола Славевски, Игор Таневски, Немања Трајковиќ, Елена Чемерска и Зоран Шекеров.

 

Регионална дискурзивна програма и презентации на уметници

15.03 (четврток)

17:30 – 17:50

Воведни забелешки од кураторите

17:50 – 19:50

Презентации од уметниците – учесници во Биеналето:

–  Марија Конеска; Барски Брача (Марко Јанев и Филип Велковски); Ана Лазаревска;  Димче Димески; Зоран Шекеров: Симона Манчева; Дарко Алексовски.

19:50 – 20:30

Презентација Засекогаш љубопитни, некои размислувања за уметничкото образование и дискурзивни практики во современата уметностна Ивана Мештров (Сплит/Загреб)

20:30 – 21:10

Презентација Приказна за волшебното огледало на Ана Франговска (Скопје)

21:10 – 21:30

Разговор со двете гостинки и уметниците

 

17.03 (САБОТА)

17:30 – 17:50

Воведни забелешки од кураторите

17:50 – 19:45

Презентации од уметниците – учесници во Биеналето:

Бисера Крцковска; Јана Луловска;  Немања Трајковиќ; Владан Петрушевиќ; Илија Прокопиев и Марија Христова (PrivatePrint);

Никола Радуловиќ; Никола Славевски; Горан Ристовски.

19:50 – 20:30

Презентација Разговор со уметникот и презентација на селектирани делана Адела Јушиќ (Сараево)

20:30 – 21:10

Презентација TWIXTlab: Иницијатива помеѓу современата уметност, антропологијата и општествената реалност, во контекстот на Атина денес на Софија Григориаду (Атина)

21:10 – 21:30

Разговор со двете гостинки и уметниците

 

20.03 (ЧЕТВРТОК)

17:30 – 17:50

Воведни забелешки од кураторите

17:50 – 20:20

Презентации од уметниците – учесници во Биеналето:

Ана Јовановска; Игор Таневски; Доротеј Нешовски; Анастасија Пандиловска; Елена Чемерска; Ивана Мирчевска; Наташа Неделкова; Амир Карахасан; Иван Дургутовски; Марко Гутиќ Мижимаков.

20:20 – 21:00

Презентација “Работа (во уметноста) – дали е можна промена?”  на Данило Прњат (Белград)

21:00 – 21:20

Разговор со гостинот и уметниците

 

АПСТРАКТИ И БИОГРАФИИ

 Софија Григориаду (Атина, Грција)

TWIXTlab: Иницијатива помеѓу современата уметност, антропологијата и општествената реалност, во контекстот на Атина денес.

Публицитетот кој ѝ се даде на т.н. „грчка криза“ низ светот се чини дека брзо ја претвори Атина во привилегирана, понекогаш „егзотична“, дестинација за „кризен“ туризам, како и за многу странски уметници, куратори, антрополози и други истражувачи од општествените науки. Во оваа сфера, интересот на Документа 14 за „учење од Атина“ го доведе градот во центарот на вниманието на меѓународниот уметнички свет.

Во меѓувреме, се појавуваат сè поголем број колективи, простори раководени од уметници и независни проекти. Меѓу нив, TWIXTlab е долгорочен проект, кој е поставен „помеѓу и во меѓувреме“ (between and betwixt)1 современа уметност, антропологија и општествена реалност. Тој презема облик на лабораторија со цел да предложи или да ги поддржи интервенциите во секојдневниот живот преку работилници, семинари, проекции, презентации, дискусии и истражувачки проекти.

За подобро разбирање на сложената и контроверзна улога на Документа во локален контекст, TWIXTLab иницираше двегодишна независна, меѓународна истражувачка програма насловена „Учејќи од Документа“ (Learning from documenta), во соработка со неколку локални и меѓународни партнери. Втората фаза на програмата, „Атинска уметничка опсерваторија” (Athens ArtsObservatory), има за цел да направи мапирање на современата атинска уметничка сцена и документирање на нејзината еволуција.

Во презентацијата, Григориаду накратко ќе го опише контекстот во кој е основана TWIXTlab и сè уште функционира денес. Исто така, разговарајќи за овие две програми, ќе се фокусира на интересите и активностите на TWIXTlab во врска со Атина и промените што се случуваа во градот, нејзиниот имиџ (слика/и) и уметничката сцена.

1* twixt: скратена верзија на betwixt, што значи помеѓу, ниту еднотониту другото. Социјалниот антрополог Виктор Тарнер ја употребил фразата betwixt and between, за да ја карактеризира посредната од три фази од обредот на премин како краен преоден, субверзивен и креативен момент на животниот тек на општествата.

https://twixtlab.wordpress.com/about_eng/

 Софија Григориаду е докторанд по социјална антропологија (Универзитет „Пантеон“ во Атина). Магистрирала на Атинскиот факултет за ликовни уметности (A.S.F.A). Дипломирала на A.S.F.A (2013) како и на одделот за Филозофија, педагогија и психологија на Универзитетот во Атина (2006). Учествувала на повеќе изложби, конференции, истражувчки и уметнички проекти во Атина, Единбург, Истанбул и Бејрут. Има ко-курирано и ко-организирано уметнички проекти и изложби. Организирала и одржувала уметнички работилници и едукативни програми, работела со деца со попреченост и предавала на сликарската работилница A´ на A.S.F.A. Соработува со уметници и антрополози во рамките на TWIXTlab,  уметнички проект кој се наоѓа помеѓу современата уметност, антропологијата и секојдневниот живот.

https://sofiagrigoriadou.wordpress.com

 

Адела Јушиќ (Сараево, Босна и Херцеговина)

Разговор со уметникот и презентација на селектирани дела

За 12-тото Биенале на млади уметници Адела Јушиќ ќе зборува за позицијата на уметникот во Босна и Херцеговина, нејзиното искуство на меѓународната уметничка сцена и ќе претстави селекција на нејзини дела од 2007 год. до денес.

 Адела Јушиќ (1982, Босна и Херцеговина) има завршено постдипломски студии на Академијата за ликовни уметности, оддел Графика во 2007 год. и магистрирала на Демократија и човекови права во Југоисточна Европа на Универзитетите Сараево и Болоња, 2013 год.

Јушиќ има изложувано на стотина меѓународни изложби (Манифеста 8, Мурсија, Шпанија; Видеонале, KunstmuseumБон, Германија;Image Counter Image, Haus der Kunst, Минхен, Германија, Balkan insight, Центар Помпиду, Париз). Има учествувано во многу  програми за престој на уметници (ISCP, Њујорк; Културконтакт, Виена; i.a.a.b,Базел; Museum Quartier, Виена) и на бројни панели, работилници и конференции. Во 2010 год. ја има добиено наградата Млад ликовен уметник за најдобар босански уметник, Henkel Young Artist Price CEE во 2011 год. и специјална награда на Белградскиот Октомвриски салон во 2013 год. Нејзините дела се дел од приватни и јавни колекции. Таа е ко-основач и работела на проекти од културата во Здружението за култура и уметност Црвена од 2010 год. и е една од создавачите на Онлајн архивата на Антифашистичката борба на жените во Босна и Херцеговина и Југославија.

Уметничката пракса на Адела Јушиќ е проникната од нејзиното лично искуство и спомени, како и политиките и феминистичкиот дискурс. Голем дел од нејзината работа го истражува историското насилство врз жената, учеството на жените во Антифашистичката борба во Југославија, Југословенските војни и тажната реалност вкоренета во нив.

 

Ивана Мештров (Сплит/ Загреб, Хрватска)

Засекогаш љубопитни, некои размислувања за уметничкото образование и дискурзивни практики во современата уметност

Ова предавање ќе нагласи некои актуелни прашања за состојбата со уметничкото образование од перспектива на историски преглед, како и од лично искуство како предавач на историја на уметност и теорија во рамките на академијата и неформалната и неинституционална едукативна рамка (Програма за кураторска платформа – основана во 2008 год. во Загреб, Mediterranea XVI-Young Artists Biennial Errors Allowed во Анкана, ко-курирано во 2013 година, долгорочните соработки со Академиите за ликовни уметности во Сплит и Загреб).

Ивана Мештров е кураторка и историчарка на уметност од Загреб, Хрватска. Во моментов е предавач на Катедрата за историја на уметноста на Факултетот за хуманистички и општествени науки при Универзитетот во Сплит. Таа е една од основачите на Слободни врски / Loose Associations современи уметнички практики како и на образовната платформа Кураторска платформа / Кураторска платформа.

 

Данило Прњат (Белград, Србија)

Работа (во уметноста) – дали е можна промена?

Целта на разговорот „Работа (во уметноста) – дали е можна промена?“ е  во контекст на Биеналето на млади да отвори разговор со публиката и учесниците на тема производствените односи во рамки на кои денес се ситуира работата на младите уметници, бидејќи ова поле се повеќе се трансформира во правец на замислена „самоодржливост“ базирана на работата во креативните индустрии или на производството на специфичен тип на роба за уметнички пазар (уметнички колекции).  Разговорот ќе опфати кратко воведно излагање со референца на историскиот оквир во рамки на кој се конструирала работата на уметникот како специфичен тип на работник/ произведувач во однос на контекстуалната детерминација низ која поминал.  Дијалошката форма, пропратена со примери од актиелните начини на самоорганизација на уметничката продукција, ќе настојува да ги освести механизмите низ кои овие доминантни модели оперираат. Целта на разговорот е заеднички, и во колектив (како што е единствено можно да се мисли на промена), да се обидеме да отвориме нов хоризонт на работата во уметноста која би подразбирала работа на општествена еманципација која нема да ги репродуцира постоечките политички односи и  нема да се базира на експлоатација од било кој вид.

Данило Прњат (1982, Црна Гора) е визуелен уметник кој живее и работи во Белград. Тој учествувал на многу домашни и групни изложби, конференции, разговори и  реализации на (уметнички) проекти, кои ги истражуваат политиките на партициптивните практики и колективната работа. Во својата работа, настојува да ги надмине воспоставените граници на уметноста, како и односите помеѓу уметноста и општествената реалност преку интервенција на полето на економијата. Во моментов е докторанд во завршна година на отсекот PhD in Communication/Art and Critical Thought на European Graduate School (EGS) во Сас-Фе во Швајцарија. Својата критичка работа, базирана на анализа на либералната култура, ја објавува првенствено на порталот „ДеМатеријализација на уметноста“.

 

Ана Франговска (Скопје, Македонија)

“Приказна за волшебното огледало”

Си биле младите уметници од Македонија кои постојано имале желба да се огледуваат во волшебното огледало во градот кое на сите Македонци им давало поинакви перспективи за себе си. Помини од кај огледалото, погледни во него, се гледале себе си како високо обучени академски автори кои имале многу мултимедијални познавања како одлична основа за себеидентификување во уметноста. Појди, ѕирни во огледалото, гледале прекрасни и широк спектар можности за соработка со колегите, кураторите, институциите, Министерството за култура, разновидните културни организации. Трет пат, огледалцето покажувало како тие патуваат насекаде низ светот, без финансиски ограничувања и посетувале најрецентни и најсовремени изложби, остварувале комуникација и станувале дел од значајни уметнички вмрежувања, креирајќи дела кои не покажувале техничко-технолошка немоќ… уште какви се не слики им нудело тоа огледало, но им правело извртена слика и голема дискрапанца помеѓу очекувањата и можностите. Приказната за огледалцето е само иронија, но дали суштината за проблемите на младите автори лежи во дел од циничните визии во огледалото и во социо-општествениот контекст во кој егзистираме, или пак малку и во амбициите, волјата и пожртвуваноста?

Ана Франговска (1978, Скопје) е кустос и креативен и динамичен уметнички професионалец со четиринаесет годишно кураторско искуство, едукаторско и истражувачко искуство во современата визуелна уметност. Таа е вработена како куратор во Националната галерија на Македонија веќе 10 години. Поседува ефективни вештини за воспоставување на односи со јавноста, вклучувајќи и доставување формални презентации, писмена комуникација, како и планирање и спроведување на уметнички маркетинг кампањи. Меѓународни кураторски проекти – избор: „Есенција на егзистенцијата“ (заедно со Маја Чанкуловска –Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски), изложба на современа македонска уметност, куќа за уметност и луѓе Лауба, Загреб, 2015; „Утопија“ меѓународна концепциска изложба, Мултимедијален центар Мала станица, Скопје, 2015; „Во потрага по заедничко тло“ (заедно со Бојана Јанева Шемова), македонска современа уметност, Центар за современа уметност, Баку, Азербејџан; „Transfiguring“, групна концептуална изложба на современата македонска уметност, Чешки центар Прага, Прага, Република Чешка, 2014; „Breat и Sault“, групна концептуална изложба на современата македонска уметност, Палата Porcia, Виена, Австрија, 2013; „Silentio Pathologia“, Елпида Хаџи- Василева, Павилјон на Република Македонија на 55та Меѓународна ликовна изложба – ла Биеналето ди Венеција, Италија, 2013 година; „Црно и бело или не“, групна изложба на современата македонска уметност, CAM, Casoria музеј на современа уметност, Наполи, Италија, 2013; „Перцепција“, MC Gallery, Њујорк, САД, 2012 година; „Одлучувачки критериуми за избор“, Фламанско Министерството за надворешни работи, Белгија, 2008; „Источните соседи“, Културен центар Вавилон, Утрехт, Холандија, 2006; Нове Франговски ретроспектива на Таксим Sanat галерија, Истанбул, Турција, 2006; „Уметничка размена“ 2004, Културен центар на Angels Gate, Сан Педро,Лос Анџелес, САД, 2004 година; 10 македонски уметници во есенски салон, Париз, Франција, 2002 и др.

Илија Прокопиев, Тираницид-Визуелна ре-контекстуализација на мермерната римска верзија на скулптурата Хармодиус и Аристогитон, 2015 / Ilija Prokopiev,"Tyranicid, Visual Re-Contextualization of the Marble Roman Version of the Sculpture Harmodius and Aristogiton”, 2015

Никола Радуловиќ, Книгата на Склавин, Капсула за радијација известува за локацијата: Народна Република на Склавин, Година 1981 / Nikola Radulovikj, Book of Sclavin, Capsule Radiation Report Location: People’s Republic of Sclavin, Year 1981, 2016

Симона Манчева, Фабриката Фени, 2017 / Simona Mancheva, Feni Industry, 2017

Немања Трајковиќ, Вавилон, 2018 / Nemanja Trajkovikj, Babylon, 2018

Зоран Шеќеров, Титоизам; Помеѓу носталгија и желба, 2017 / Zoran Shekerov, Titoism: Between Nostalgia and Desire, 2017

Никола Славевски, Победа над љубовта, 2017 / Nikola Slavevski, Won Over the Love, 2017

Марко Гутиќ Мижимаков, Што ли сакаат (Скица), 2018 / Marko Gutkj Mizhimakov, What Do They Want (A Sketch), 2018

Марија Конеска, „Добро сум!“, 2016 / Marija Koneska, "I’m Well!", 2016

Доротеј Нешовски, Уметноста не е тоа што го сакате, 2017 / Dorotej Neshovski, Art Is Not What You Want, 2017

Јана Луловска, "Aliquots", 2017 / Jana Lulovska, "Aliquots", 2017

Игор Таневски, Врската меѓу можностите и љубовта, 2018 / Igor Tanevski, The Realatinship Between Possibilities and Love, 2018

Елена Чемерска, Се е смешно кога имате чувство на тумор, 2018 / Elena Chemerska, All is funny when you have a sense of tumor, 2018

Горан Ристовски, Седи и дозволи си отсутност, 2018 / Goran Ristovski, Sit and Let It Be Absent , 2018

Димче Димески, Од циклусот: Очите се прозорци на душата, 2015/ Dimche Dimeski, From the cycle Eeyes are Window/s of the Soul, 2015

Иван Дургутовски, Имате млеко?, 2017 / Ivan Durgutovski, "Got Milk?", 2017

Дарко Алексовски, Нежно фатени пеперутки, 2017 / Darko Aleksovski, Gently Caught Butterflies, 2017

Владан Петрушевиќ, "Përdore Alfabetin Qirilik", 2017 / Vladan Petrushevikj, "Përdore Alfabetin Qirilik", 2017

Бисера Крцковска, Евокативни слоеви, 2016 / Bisera Krckovska, Evocative Layers, 2016

Барски брача (Марко Јанев и Филип Велковски) Вечно, 2018 / Barski Bracha (Marko Janev&Filip Velkovski), Eternally, 2018

Анастасија Пандиловска, Аглите да се допрат, 2018 / Anastasija Pandilovska, To Bring Corners Touching, 2018

Ана Лазаревска, Пронаоѓање на единство во место на постојан дуалитет, 2018 / Ana Lazarevska, Finding a Unity in a Place of Permanent Duality, 2018

Ана Јовановска, Кога мислите на сликарство, мислите на нешто вакво?, 2018 / Ana Jovanovska, When you think about painting, do you think about something like this?, 2018

Амир Карахасан, Наташа Неделкова и Ивана Мирчевска, Потребен е оптимизам!, 2018 / Amir Karahasan, Natasha Nedelkova, Ivana Mirchevska, "Optimism is Needed!", 2018

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023