Биенале на млади 2015

Традиционално, целта на Биеналето на млади уметници од основањето па до денес е да воспостави простор каде младите со помош на институционалната и финансиска подршка ќе ја претстават својата креативност пред пошироката публиката.

Со оглед на тоа дека секое биенале е во потрага по нова конфигурација, нова форма и теми XI-то издание на Биеналето на млади уметници, овој пат го изоставува кураторскиот концепт и тема и дава можност на самите уметници преку своите дела да креираат визуелна приказна на рецентната ликовна сцена. Без отстапки и кршење на поставените критериуми, дел од селектираните автори се млади уметници кои досега не биле присутни на ликовната сцена. Во согласност со ова, делата за ова Биенале не се продуцирани специјално за оваа изложба со што е направен обид да се понуди пообјективен увид на творештвото во овие две години, од што можеби ќе произлезат некои неочекувани откритија. Намера на ова биенале е да се направи компарација на македонската современата уметност во однос на поканетите седум уметници од регионот и пошироко со свои селектори од компетентни институции од современата уметност, со што се дава меѓународна димензија на оваа традиционална, групна презентација. Се создава можност за истражување и размена на нови идеи, искуства и на тој начин се прави дистинкција помеѓу креативните предлози на странските уметници и домашната ликовна сценa.

На овогодинешното Биенале селектирани се четиринаесет македонски и седум странски талентирани млади уметници кои се претставени во еден заеднички изложбен простор како меѓусебен дијалог на различни медиуми, вклучувајќи фотографија, видео, инсталација, објекти и сликарство.

Во своите дела тие се справуваат со хумористични баналности и уникатности од секојдневните искуства на непосредното опкружување, се разбира како социјално критични, како интимна позиција на индивидуи сместени во овој бескомпромисен свет, откривајќи ги личните приказни во разиграната магијата на своите дела, создавајќи нови или паралелни светови.

Благоја Варошанец

кустоси: Ива Петрова, Мира Гаќина, Благоја Варошанец