Изложби Тековни Следни Минати
EN

Велимир Жерновски: Отаде црнилото

01/06/ 2018 - 01/07/ 2018

 

Голем број научници тврдат дека луѓето со својата неконтролирана експлоатација на природните ресурси, со своите неконтролирани активности ја нарушиле рамнотежата  на природните услови на Земјата.  Според нив, луѓето со својата способност да ја менуваат природата станале главниот геолошки фактор што доведе до катастрофални нарушувања на природните параметри неопходни за животот на Земјата. Живееме во нова геолошка ера, во ерата на Антропоцен. Нема сомнеж дека оваа нова геолошка ера е овозможена со брзиот развој на капиталистичката логика на производство и на глобалниот модел на капиталот на бескрупулозно искористување како на природните така и на човечките ресурси. Токму поради ова некои научници сметаат дека оваа нова ера треба да се именува како Капитолоцен. Можеби еден од одлучувачките моменти во прилог на тоа дека називот Капитолоцен многу повеќе одговара на сегашната состојба на криза како на еколошкиот, така и на општествениот систем, е фактот што главната пречка за ублажување на последиците од глобалното затоплување е цената што треба капиталот да ја плати ако ја намали емисијата на стакленичките гасови.  А капиталот, како што покажуваат меѓународните иницијативи во врска со климатските промени, не е подготвен да претрпи поголеми загуби. Ако е така, ако Капиталот е поважен од Животот, тогаш која е нашата алтернатива?

Изложбата на Велимир Жерновски  е критика на монструозната логика на капиталот. Алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме  својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело  без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето. Но, Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се така црни“ дека  тие,  и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на којашто ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак,  можат да послужат и како премин кон некој друг универзум. Дали е тоа случај и со капиталот? Дали капиталот е нашата црна дупка што во себе, од една страна, го впива и го уништува и најургентниот апел за зачувување на животот на Земјата, додека, од друга страна, отвора можности, преку енормните инвестиции во вселенската програма, човекот да се надева и да сонува за   други светови? Ова е прашање пред кое на еден луциден начин нè поставува изложбата Отаде црнилото, изложба што, освен од видео инсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции. Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината. Позадината на која тоа се случува е ликовна стилизација на позлатените хексагонални огледала на новиот вселенски телескоп Џејмс Веб, „најмоќниот времеплов“ што според НАСА, ќе може да погледне преку 13,5 милијарди години наназад и да ги види првите ѕвезди и галаксии формирани во раниот универзум. Но, од него не се  очекува само да го продлабочи нашето познавање на настанокот на вселената туку, според предвидувањата, тој  би можел да биде и првиот телескоп што би  „исцртал“ нови вселенски карти на кои би биле означени и сите планети кои еден ден, потенцијално, човекот би можел да ги насели.

„Значи, како што вели Стивен Хокинг, ако мислиш дека си во црна дупка, не очајувај. Има излез”.

Љиљана Неделковска

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023

Ѓорѓе Јовановиќ: Горчлив шеќер

19/09/ 2023 – 16/02/ 2024