МСУ водич

Музејот на современата уметност-Скопје започнува музејско водење низ тековните изложби, секоја сабота од 13 до 14 часот. Водич на турите ќе биде кустосот од Одделот за едукација и музејско водење Бојана Јанева.

Оваа сабота на 12 март ќе ве прошетаме низ две изложби.

Поставката „Се што ни е заедничко“, во која се вклучени актуелни светски и наши уметнички имиња, според кураторките Мира Гаќина и Јованка Попова: „ги анализираат условите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст преку уметнички дела и практики“.

Истовремено, во музејот е во тек и поставката на светски познатиот автор Артур Жмијевски со видео инсталации, курирана од Владимир Јанчевски.

Двете изложби претставуваат автори за кои уметноста е лек во борба против болките во нашите современи општества. Преку уметноста тие зборуваат гласно во име на невидливите, неприфатените, угнетените, сочувствуваат со обичниот човек, кој е во позиција на немоќ пред компликувани државни структури и нудат алтернативни решенија во чија основа е солидарноста и љубовта во ова време.

Билетот за „МСУ водич“ чини 60 денари.