ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА: Викенд на гордоста – Скопје 2022

Музеј на современата уметност

02. јуни – 02. јули, 2022

Викендот на гордоста во Скопје годинава се одржува по десетти пат, а неговата цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети кои од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни. 

Доколку тргнеме од претпоставката дека интерсекционалноста е клучната парадигма преку која се конструираат и перформираат сите идентитетски позиции, вклучително и родовите и сексуалните идентитети, со програмата сакаме да понудиме повеќеслојна критика на бинарниот родов систем, хетеронормативноста и националистичката хомофобија, како и на пресечните точки на опресивните, дисциплински режими на моќ со класата, етничката припадност, расата и здравјето. Квир особеноста, или настраноста, како почетна идеја на Фестивалот, означува начин на живот, уметност на стилизација на сопствениот и колективниот живот, политичка алатка и став преку кој се дава отпор против доминантните модели на моќ/знаење со кои одредени сексуални и родови идентитети се оркестрираат и регулираат како „нормални“, додека други, пак, како „настрани“ и „изопачени“. Квир политичката и културна ориентација се занимава со критичко истражување и проблематизирање на нашите желби и копнежи за конформизам и нормалност, вклучително и на хегемонските претпоставки и вредности за љубовта, интимноста, сродството, отелотворувањето, капиталистичката конкурентност и еготизам, комодитетскиот фетишизам, како и современите дискурзивно-материјални перформативи на нацијата-држава.  

Фокусот на програмата на Викендот на гордоста е насочен кон културните и уметнички перформативни практики, вклучително и визуелни и современи уметнички практики преку кои се обработуваат теми како што се отелотворувањето, афектот и субјективитетот со посредство на различни медиуми. Изборот се заснова врз нашата посветеност на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство, и како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства. Одовде, доколку политичката идеологија и хегемонските културни модели ги пренесуваат сопствените наредби врз телата на граѓаните, при што ги оформуваат нивните емоционални ориентации и сензибилитети (естетскиот домен), телото и афектните и емоционални односи стануваат клучно место за обмислување и создавање на отпорот и алтернативните животни форми. Со други зборови, хетеронормативната идеологија и маскулинистичкиот културен поредок функционира преку перформансите и ритуалите со кои се мобилизираат и кореографираат нашите движења, енергии, желби, афекти и телесни потенцијали и со кои се регулираат односите меѓу телата во социјалните простори. Преку уметноста на перформанси и телесната уметност се мобилизираат токму ваквите притисоци на моќ врежани врз нашите тела, и субверзивно се пренасочуваат во алтернативни и ненормативни насоки. Телото, во критичките феминистички и квир перформативни практики, претставува бојно поле на кое се актуализираат и оспоруваат односите на моќ.   

Тематскиот фокус на СПВ 2022 е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА. Овогодишниот кураторски избор на фестивалската тема се потпира на феминистичкото и квир наследство и тековниот придонес во теоријата, уметноста и политиката, а кое ги поставува телесноста, субјективитетот и афектите како централни оски на критика, мобилизација, изведба и промислување.

Славчо Димитров, куратор на Викенд на гордоста – Скопје (текстот е извадок од уводот во каталогот за фестивалот)


Изложба: „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија

Изложбата претставува резултат на заеднички истражувачки и кураторски проект на Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски. Истражувањето и изложбата се фокусираат на различни изведувачки, танцови и кураторски практики, односно перформативни аспекти во полето на уметноста и вон него, во Северна Македонија. Овие пракси го поставуваат на сцена, она што ние го нарекуваме, „другото тело“, чија другост е поставена во однос на институционализираните уметнички рамки, на нормативни и хегемонистички (био) политички апарати (Фуко) и „распределба на сензибилното“ (Рансиер), и, конкретно, на сексуалните и родовите режими на политика на тела. Оваа архива на современи квир/феминистички перформативи во Македонија ќе го опфати периодот од последните 4 декади, поточно од 70те години на 20 век до денес. Во рамки на истата се истражуваат и се вклучени различни уметнички перформативни практики, кои ние ги забележуваме како феминистички перформанси и пракси во рамки на визуелните и изведбените уметности, квир перфоманси, секојдневни квир и клупски кореографии во 90-тите и денес, зачетоците на родовите студии и теорија, политички перформанси, фестивалот за квир уметности, култура и теорија Скопје Викенд на гордоста, како и други фестивали и пракси кои ги истражуваме и читаме во полето на поставениот проблем и тема. 

Учествуваат: Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Сендс Мареј Васинк, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Мирко Попов, Зоран Ристевски – Бејбе, Ивана Драгшиќ, Соња Исмаил, ТЕМПЛУМ, Евро-Балкан институт, Институт за општествени и хуманистички науки Скопје, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, Дарио Барето Дамас, Викторија Илиоска, Лора Фер, Прва па Женско, ФРИК Фестивал, Скопје Прајд Викенд и др.

Куратори: Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски


Програма на настани во Музејот на современата уметност

 02 јуни (четврток)
Изложба: „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“

02 јуни (четврток)
Александар Георгиев

„Одеци на С“ (Echoes of. S)
пејзажно-кореографско дело

 02 јуни (четврток)

Христина Иваноска
„Документот што недостасува: Перформанс бр. 6 (Ќерка)“, 2017/2022

 03 јуни (петок)

Џули Толентино и Стош Фила (Julie Tolentino & Stosh Fila)

Перформанс-инсталација и процесен перформанс
.bury.me.fiercely.

Во соработка со: Ивана Драгшиќ, Јован Јосифовски, Александар Георгиев, и Јован Гаковски

*Презентација и разговор со Џули Толентино

 4 јуни (сабота)

Дејвид Хојл (David Hoyle)
„Дејвид Хојл: Во живо во Скопје“

 7 јуни (вторник)

Јасмина Тумбас
Предавање: „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“


Куратор на фестивалот: Славчо Димитров
Тим на фестивалот: Славчо Димитров | Стефан Богески | Љубомир Фаизов | Мања Величковска
Медиумски покровител: Медуза
Skopje Pride Weekend е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а во партнерство со Локомотива, Музеј на современа уметност – Скопје, КСП Јадро, Tiiiit!Inc. и Терапија.
Поддржувачи на Skopje Pride Weekend се: Министерство за култура на Северна Македонија | Heinrich Böll Stiftung | Friedrich Ebert Stiftung | US Embassy Skopje | Ambassade de France en Macédoine du Nord | Фондација Отворено Општество Македонија | Sigrid Rausing Trust.

Изложбата Екстатични тела е поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија преку Програмата Уметност Институција Политика Тело/УПИТ на Локомотива како и од програмата на ЕУ-Креативна Европа/Life Long Burning проект

фотографија: Соња Ставрова