Годишна програма на Музејот на современа уметност
EN

Годишна програма на Музејот на современа уметност

Почитувани пријатели на современата уметност,

Благодарејќи на успешниот и професионален тим, Музејот на современата уметност – Скопје успеа да ги искачи своите високи цели еднакви на светските музејски центри. И покрај двете исклучително тешки пандемиски години во кои беше ограничена нашата слобода, музејот продолжи да пулсира како светилник, пренесувајќи ја најважната порака: 

Не ја заборавајте уметноста!    

Со поддршка на Министерство за култура на Р.С. Македонија и на нашите долгогодишни партнери и подржувачи, нема да се стесниме и гласно ќе кажеме: „Горди сме на сработеното и одговорно тврдиме дека и оваа година продолжуваме со забрзан ритам да продуцираме уметничка програма, која ги следи современите трендови“.


Затоа што – Ние сме музеј со големо М, ние сме Музеј на современата

Еве и зошто:

МСУ е веќе препознаен на светската уметничка мапа.

МСУ стана ко-партнер со Манифеста, номадско биенале за современа уметност, едно од 4те најзначајни биеналиња во светот.

МСУ стана членка на единствената глобална мрежа експерти од музејската дејност –CIMAM (Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност) во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.

МСУ продуцираше поставки во кои изложуваа светски познати и домашни докажани уметници.

МСУ како симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје, повторно го интензивира трендот на аквизиции и донации на значајни дела од познати автори и со тоа за кусо време ја збогати својата уметничка колекција.

МСУ покрај изложбената дејност, во континуитет продолжи со постојана едукација и претставување на надоаѓачките генерации уметници. Меѓународното „Биенале на млади уметници“ е одличен показател за тоа.

МСУ ја степенуваше важноста и на едукативната програма преку проектот „МСУ Школо“,  едуцирајќи нова генерација публика, како да го препознае убавото во уметноста.

МСУ има и свој „МСУ водич“, кој на посетителите им ја доближува современата уметност.

МСУ со „МСУ Кино“ има своја репертоарска филмска програма, во чии рамки публиката може да погледне наградувани и светски познати филмски дела.

МСУ преку дискурзивната програма обезбеди светски реномирани теоретичари и професори, и им ги доближи нивните искуствени знаења на нашата публика.

Со уште позасилено темпо, музејот и оваа година продолжува да качува позитивни вертикали.

А еве и зошто:

Веќе напролет Ви ја претставуваме изложбата од колекцијата на МСУ: „Аквизиции – Донации“. Куратор на поставката е Ива Димовски, соработник куратор Бојана Јанева. Предвидени се самостојни изложби на млади уметници, победници на Биеналето на млади уметници: Дарко Алексовски и Наташа Неделковска, куратори се: Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски. Кураторката Љиљана Неделковска е задолжена за самостојната изложба на Лазо Плавевски со наслов „On thin ice“.

Во летниот период во рамки на својата програма во музејот ќе биде отворена самостојна изложба на светски реномираниот турски уметник Ахмет Огут, курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова. Во најжешкиот месец од годината во месец јули предвидено е отворено студио и заедничка изложба на полските уметниците Артур Жмијевски и Павел Алтхамер. Летото е резервирано и за изложбата на Фестивалот Skopje Pride Weekend и серија настани поврзани со овој проект.

Наесен, кураторските ветерани, Зоран Петровски, Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски, Лазо Плавевски и Марика Бочварова-Плавевска, ќе ја отворат големата ретроспективна изложба на уметникот Симон Узуновски.

Петтото издание на меѓународната изложба „Се’ што ни е заедничко и оваа година ќе се реализира пред новогодишните празници и во соработка со европското номадско биенале Манифеста и ќе биде дел од официјалната програма на неговото 14то издание. Кураторки тим се Мира Гаќина Ивановска и Јованка Попова. Годината ќе ја заокружиме со самостојна изложба на младиот уметник, еден од победниците на Биеналето на млади уметници, косовскиот уметник Дритон Селмани.

Покрај изложбената дејност продолжуваме во истиот ритам со едукативните програми. Уметникот Никола Узуновски и годинава е задолжен за „МСУ Школо“. Кураторката Бојана Јанева, неуморно продолжува со нејзиниот „МСУ водич“. Музејот се грижи и за својата разиграна, најмлада и најсимпатична публика за која уметницата Јулија Манојловска го подготвува проектот Уметност за најмалите“. Во април почнуваме со предавањата од Интердисциплинарната програма, курирана од Тихомир Топузовски и во соработка со Артан Садику.

И покрај годинашната обемна програма, музејот со полна пареа се подготвува за соработката со престижниот простор Кунстхале Виена (кој е дел од Музеум Квартиер) во срцето на Виена, каде во 2022/2023 година на 1.000 метри квадратни ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на МСУ. Во една од најпосетуваните европски метрополи, преку ново читање, ќе биде афирмирана драгоцената збирка на нашиот Музеј.

МСУ СКОПЈЕ | MOCA SKOPJE