Половина час пред официјалното отворање на меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ (Sa so si amenge jekhethane/All That We Have in Common) МСУ ја нуди можноста за вовед во делата на изложбата со личен кустос – водич на 8 ноември, во 19.30 часот.
Изложбата се организира во партнерство со 14. Европско номадско биенале за современа уметност – Манифеста. Куратори се: Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Дилејн Ле Бас (Англија), Ахмет Кадри (Северна Македонија), Сеад Казанџиу (Албанија), Лубош Котлар и Роберт Габрис (Словачка), Рома Џем Сешн Уметнички Колектив – Мустафа Асан, Мо Динер, Милена Петровиќ (Северна Македонија/ Швајцарија/Србија), Нихад Нино Пушија (Босна и Херцеговина/Германија), Андре Јено Рацш (Германија), Емилија Ригова (Словачка), Цеија Стојка (Австрија), Ден Тарнер (Англија) и Дурмиш Ќазим (Северна Македонија).
Музејот на современата уметност – Скопје е лоциран на простор кој е органски дел од градската целина во која со години живее ромската заедница, која често е предмет на политичко и општествено исклучување, мисинтерпретации, шпекулации и предрасуди. Темите со кои се занимаваат уметниците Роми во оваа поставка отвораат различни прашања поврзани со системското насилство врз Ромите и останатите маргинализирани заедници, кризата на идентитетските политики, родова нееднаквост и мигранската криза. Целта на изложбата е да ја прошири политичката имагинација вон стереотипната претстава и преку споделено знаење од меѓународно познати и домашни уметници да артикулира поинакви начини на себепретставување и да ги централизира и направи видливи игнорираните и недостапни маргинализирани наративи за Ромите.
Љубезно ве замолуваме да го потврдите Вашето ценето присуство за оваа музејска тура на електронската адреса:
muzejnasovremenaumetnostskopje@gmail.com
Насловната илустрација: Нихад Нино Пушија, Таму долу каде што духот се среќава со коската, 1995-тековен проект,Серија фотографии
Објавено: Со дозвола на авторот