Новости Голема донација на дела од Симон Узуновски
EN

Голема донација на дела од Симон Узуновски

Музејот на современата уметност доби голема донација – збирка од 55 цртежи, колажи и слики, дела од македонскиот уметник Симон Узуновски, која е резултат на донации од неговите синови Никола и Марко Узуновски.

Ова е една од поголемите и позначајни донации за МСУ од периодот на уметноста во седумдесетите и осумдесеттите години.

Минатата година, Музејот организираше голема ретроспективна изложба „Патот за Волкодери“ со дела од Узуновски на која беа изложени повеќе од 100тина дела, објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвираше широк круг пријатели, колеги, познаници и публика да партиципираат во создавањето или изведбата на повеќе негови дела беа претставени со обемна фото документација, која истовремено го прикажа и времето на 70те години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизација на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.

 

Каталог од ретроспективна изложба:

Симон Узуновски: Патот за Волкодери, 2022

Издавач:

Музеј на современата уметност Скопје, 2022

Текст:

Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски, Лазо Плавевски, Марика Бочварова Плавевска, Владимир Јанчевски

Фотографија:

Станимир Неделковски, Иво Велјанов, Стеван Смилевски – Кокан, Домагој Блажевиќ, Денис Сарагиновски и од документацијата на уметникот

Графички дизајн и уредување:

Илиана Петрушевска

Јазик:

Македонски со англиски превод

Корица и димензии:

мек повез, 22 х 16,5 см

Страници:

320

ISBN 978-608-264-033-4

Познатиот македонски сценограф Крсте Џидров – Џиби ја донираше од својата приватна колекција, серијата концептуални дела од циклусот Белешки на неодамна починатиот уметник Симон Узуновски (1949 – 2018).

Појавата на Симон Узуновски на македонската ликовна сцена во половината на седумдесетите години на минатиот век започнува со работата на слики во традицијата на апстрактниот експресионизам, по што набрзо следи неговиот интерес за концептуалистичките практики на темелно преиспитување на традиционалните сликарски и скулпторски медиуми. Започнувајќи ги своите истражувања со серија објекти изработени со леплива лента (Тркалајки, Марија, Преспа), по кои настануваат бројните апликации со селотејп на стакло и хартија, Узуновски ги реализира неговите познати просторни инсталации во аулата на Филозофскиот факултет и во Дом на младите “25 мај” во Скопје, кои ја означуваат за прв пат во македонската уметност појавата на site-specific инсталациите. Узуновски преку овој опус воспоставува релации во најширока смисла со пост-авангардните движења од средината на 70-те години, со кои беа пробиени конвенционалните јазични бариери во уметничкиот израз. Со циклусот Белешки, во кои спаѓаат и делата донирани од Џидров, Узуновски ги превзема семејните пораки и потсетници за пазарење дневни намирници, воведувајќи го како и со лепливата лента, “баналниот“ секојдневен предмет, или во овој случај исечокот од секојдневниот живот во сферата на уметничкото.

Донацијата на Крсте Џидров Џиби, ја збогатува колекцијата на дела на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што е “тркалајката“ Човек и птица, 8 колажи од циклусот Ливада и објектот Преспа.

 

 

Симон Узуновски, Леб 2 ком., од циклусот Белешки, донација на Крсте Џидров Џиби