EN

Хауард Хоџкин

| Велика Британија |

Роден во Лондон во 1932.

Хауард Хоџкин е англиски сликар, графичар и колекционер. Студира на Школата за уметност Камбервел во Лондон (Camberwell School of Art) и Академијата Бат во Коршам (Bath Academy of Art in Corsham), кадешто подоцна предава до 1966. Од 1966 до 1972 предава и на Високата уметничка школа Челзи во Лондон (Chelsea School of Art in London). Хоџкин ја претставува Велика Британија на Биеналето во Венеција во 1984, а во 1985 година ја добива и престижната Награда Тарнер на Тејт галеријата од Лондон. Во 1997 ја добива и угледната Шекспирова награда, а во 1992 Кралицата Елизабета II го именува со аристократската титула витез.
Сликите на Хоџкин се вообичаено мали во формат и свесно вткаени во традицијата на европското штафелајно сликарство. Тој слика исклучително споро; не ретко се потребни дури и четири или повеќе години да заврши одредено платно. Во текот на тој процес, почетната претстава се заматува и притоа гледачот е повикан да ја дешифрира сликата како своевидна загатка. Во речиси сите свои дела, Хоџкин ја вклучува со исликување и рамката на сликата како рамноправен дел од претставата, покажувајќи ја со тоа својата намера да поигрува со граничната линија на сликата меѓу претставното и објектното. Многу од неговите дела се поради тоа работени на различни дрвени подлоги, како школски табли или врати.
Во 1970-те, Хоџкин, кој критиката најчесто го поврзува со сликарството на Анри Матис, преминува од геометриски колажираната плошност на покомплексно флуидни апстрактни шеми. Тој применува ограничен обем на едноставни форми и знаци за да долови многубројни расположенија: од лирски и поетски до еротски. Паралелно и во иста мерка со сликарското, Хоџкин го негува и своето графичко творештво.

Претставуваме делo на Хауард Хоџкин вклученo во колекцијата на МСУ:
Без наслов, 1986, бакропис во боја, 47,5×64,5cm

Претходни изданија