Изложби Тековни Следни Минати
EN

Петар Лубарда

Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, Музејот на современата уметност Скопје го претставува делото на Петар Лубарда, најзначајниот црногорски уметник и еден од влијателните сликари на територијата на поранешна Југославија во децениите по Втората Светска Војна.

Во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, меѓу кои, 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи што опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.

После подолго време, публиката ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите.

Во време на кризи, катастрофи и воени судири кои го обременуваат современиот свет, сметаме дека е важно потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје и за важноста на меѓународната соработка кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски. Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска.

Изложбата се организирана како резултат на заедничката соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Република Северна Македонија, амбасадата на Црна Гора и Музејот на современа уметност – Скопје под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.

Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска помош на Министерството за култура и медиуми на Црна Гора.

Биеналето на млади уметници, кое Музејот на современа уметност – Скопје со повремени прекини го организира од 1987 година е една од најзначајните и највиталните манифестации за современа  уметност во Македонија. Основната цел на Биеналето е да ги открие, афирмира и критички да ги артикулира креативните и инвентивни уметничките процеси и практики.

„Будење“ е темата на новото, 14. Меѓународно биенале на млади уметници, кое оваа година добива уште поширок меѓународен карактер, со учесници од Италија, Романија, Норвешка, Србија, Австрија, Белгија, Албанија, Унгарија, Косово, Црна Гора, Шведска, Словенија, Турција. Музејот на современата уметност ќе назначи жири комисија, која доделува награда за најдобро авторско дело во вид на самостојна изложба што се реализира во наредната година по одржувањето на Биеналето.

Една од значајните новини на изложбата е едукативниот центар чија цел е во генерирањето знаење, да го поттикне етаблирањето на младите уметници на современата уметничка сцена и да ги препознава и развива нивните потенцијали. Оттука, проектот освен изложбена има и едукативна програма, со која низ редица активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес што ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во идното ангажирање и претставување пред јавноста.

На 14. Биенале на млади уметници ќе учествуваат 38 уметници, делумно по избор на кураторите на годинешната изложба, и делумно на јавниот конкурс објавен летото 2022 година:

Џем А (Германија), Ујхази Адриен (Унгарија, Србија), Шофу Вонг (Австралија), Милена Галици (Италија, Белгија), Габриеле  Гандини (Италија), Елена Гелева (Р.С.Македонија), Рино Даути (Косово), Надица Дојкоска (Р.С.Македонија), Серхат Емрулаи (Р.С.Македонија), Клелија Живковиќ (Р.С.Македонија), Ана Јовановска (Р.С.Македонија), Јован Јосифовски (Р.С.Македонија), Аријана Кадиќ (Црна Гора), Јулија Кастелучи (Р.С.Македонија), Лумтурие Крашники (Косово), Наџа Крачуновиќ (Србија), Герта Ксаферај (Албанија), Милан Кујунџиќ (Србија), Ана Лехбаумер (Австрија), Ана Ликар (Словенија), Јулија Манојловска (Р.С.Македонија), Симона Манчева (Р.С.Македонија), Николо Масини (Италија), Фатима Моалим (Шведска), Малина Монча (Романија), Сара Мускалу (Романија), Јана Николовска (Р.С.Македонија), Жозефин Остлунд (Шведска), Чади Реда (Швајцарија), Ананда Серне (Норвешка), Ива Станковска (Р.С.Македонија), Сара Танасковиќ (Србија), Игор Таневски(Р.С.Македонија), Славица Танеска (Р.С.Македонија), Мануел Този (Австрија), Ана Трајковска (Р.С.Македонија), Јируи Фанг (Италија) и Риџет Ферати
(Р.С.Македонија).

Куратори на 14. Биенале на Млади се Никола Узуновски, Ива Димовски и Бојана Јанева

Насловна фотографија: Игор Таневски, „Состојби“, 2023, дигитален печат

 

Концепт за ликовен израз

 

Во предавањето насловено „Концепт за ликовен израз“, професорот Душан Перчинков ќе се осврне на различните фази на креативниот процес со акцент на концептот како нешто што е дел и од практичното приближување кон формирањето на дефинитивниот ликовен израз. Ставајќи го во контекст на едно сложено линеарно, но и нелинеарно развивање на процесот, концептот за визуелен израз ќе биде претставен преку примери од светската историја на уметност, вклучувајќи класични и модерни автори како Рембрант, Пикасо, Мондријан и др.

Разговорот ќе го води Владимир Јанчевски

Влезот е бесплатен.

 

Душан Перчинков (Скопје, 1939), е еден од најзначајните и автентични македонски уметници. Дипломирал на АЛУ во Белград во 1963 година, а магистрирал на истата академија во 1966 година. Во периодот од 1966 – 1969 година делува како слободен уметник и професор во неколку основни училишта. Од 1972 година е асистент во кабинетот за ликовно образование при Архитектонскиот факултет во Скопје, а во 1980 година започнува да работи на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како професор по цртање и сликање, сѐ до неговото пензионирање.
Во 1978 година заедно со Петар Хаџи Бошков, Томо Шијак, Марко Погачник и Дружината од Шемпас, ја претставува СФР Југославија на Биеналето во Венеција. Покрај сликарството, Перчинков од 1973 година активно истражува и на полето на графиката, а неговите графички мапи се одликуваат со софистицирани, сложени и концептуално обмислени содржини.
Од 1980 своите идеи ги реализира и како тродимензионални уметнички објекти. Во неговите дела Душан Перчинков, внимателно и на оригинален начин ја набљудува околината (пејзажот, урбаните средини), создавајќи меки надреалистички претстави со едноставни знаци и облици, кон крајот на шеесеттите години се ориентира кон апстрактни строго геометриски композиции со пастелен колорит, со препознатлив авторски израз ликовната уметност. Делата на Перчинков се застапени во колекциите на бројни музеи и галерии во земјата и странство.

Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и наградата „11 Октомври“ за сликарство во 1969 година.

 

Предавањето е дел од Интедисиплинарната програма на МСУ – Скопје под наслов „Без/редие во светот на уметноста“, која се реализира во рамки на Годишната програма финансиски поддржана од Министерството за Култура на Република Северна Македонија.

 

Културен џетлег – Музеите во/и регионот

Музејот на современа уметност заедно со Проектниот простор Press To Exit го организираат предавањето на Аленка Грегорич, уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана.

 

Една од најстарите и најразвиените организациски структури во уметничкиот систем е музејот. Основата на професионално работење на музејот: стратегија поврзана со колекцијата, програма, изложбени активности, комуникација со јавноста, издаваштво, едукација и маркетинг, претставуваат дел од кохерентнo изградена визија. Но, денес, кога се чини дека музеите покажуваат особен интерес кон маркетиншките начини и средства за промовирање на колекциите и содржините поврзани со истите, неопходно е да се биде свесен за опасностите на маркетинг ориентираните приоди во создавањето на музејските стратегии. Земјаќи ги предвид стапиците на западните модели на уметничките институции, треба да се спомене највпечатливиот елемент – музејската архитектура, која уште од деведесеттите триумфира над музејската содржина. Деведесеттите беа декада кога „ѕвезди-архитекти“ дизајнираа музеи кои промовираа модел на архитектонска доминантност, каде архитектонскиот дизајн наместо да го надополнува – се натпреварува, па дури и надвладува над содржината во музејската зграда. Тери Смит го опишува овој тип на архитектура како „destination architecture“, архитектура за забава или забавен парк, каде целта е да се трансформираат современата архитектура и уметноста во атракција. Како надополнување на привлечната „погодна за селфи“ архитектура, овој тип на  „вчудоневидувачки” музеи, нудат и бесплатен пристап до низа удобности кои ги нуди музејот како составен дел од неговиот ентериер: простории за социјализација, ресторани и продавници.

На запад, музеите беа градени како нов тип на забавни паркови, следејќи го моделот на трговските центри. Во земјите на поранешна Југославија, трговските центри беа градени како нови забавни паркови. Како последица на постојаниот недостаток на финансиски средства за музејски градби, повеќето музеи во регионот, парадоксално, ги избегнаа опасностите кои доаѓаат со западните трендови – модел на музеј со инфраструктура за активности за релаксирање и урбанистички планови за обнова на запуштените градски квартови преку изградба на атрактивни музејски комплекси во улога на нови забавни паркови.

На овој начин повеќето музеи останаа „заробени“ во старите или надминатите архитектонски зданија кои не дозволуваат современи приоди во архитектурата, со што беа принудени да се фокусираат на нивните колекции, изложбени активности и темата на содржината. Како резултат на тоа, тие се релативно непривлечни за меѓународниот уметнички туризам и неговата публика која постојано се зголемува, но го наоѓаат своето место на светската мапа на значајни уметнички институции, како резултат на нивните извонредни програми и концепти кои произлегуваат од нивните изложбени стратегии. Многу музеи во регионот на поранешна Југославија создадоа и развија кураторски и изложбени програми осврнувајќи се на нивните специфики, како и на анализирање и критичко вреднување на воспоставените западни примери.

 

Аленка Грегорич е историчарка на уметноста, кураторка и писателка. Од 2003 до 2009 година таа е директорка на Шкуц галеријата во Љубљана, а од 2009 уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана (City Art Gallery Ljubljana) и CC Tobacco 001 (и двата простори дел од Музеј и галерии Љубљана). Во 2009 била кураторка на Словенечкиот павилјон на 53. Венeциското биенале, како и ко-кураторка на 28. Графичко биенале во Љубљана. Во 2011 била ко-кураторка  (заедно со Гилит Еилат) на 52. Октомвриски салон во Белград, а во 2014 била една од кураторите на „Курирано од_Виена“. Курирала бројни самостојни и групни изложби во Словенија и надвор од неа. Освен тоа, авторка е на бројни есеи, критики и колумни објавени во книги на уметници, каталози и други публикации, а била и уредничка на каталози и книги на уметници. Предмет на нејзин интерес е одговорноста на оние кои ја создаваат современата уметност, како и на културните институции и нивната улога во современото општество.

 

Настанот е поддржан од Амбасадата на Република Словенија во Скопје.

 

Целта на овој иновативен проект е да ја стимулира јавната свест за важноста на природното наследство на Северна Македонија и на уметничката вредност на нејзиниот биодиверзитет, особено со основањето на новиот национален парк Шар Планина на границите со Косово и Албанија што ќе ја зголеми целосната површина на  заштитено подрачје до 14%.

 

За да го постигнат ова, двајцата италијански уметници, Роберто Геци и Антонио Масаруто, кои отсекогаш работеле „низ“ и „во“ природната животна средина, дојдoa во Северна Македонија за да ги создадат своите дела на терен, во интеракција со богатaта македонска фауна и флора. Проектот на тој начин овозможи да се повлече интересна паралела помеѓу прекрасната природа на двете земји.

 

Работата на уметниците е поделена во две фази: подготвително-креативна и изложбена фаза.

Во првата фаза (од 18 до 26 април о.г. – 22 април е меѓународниот ден на планетата земја), уметниците престојуваа во Националниот парк Шар Планина. Откако идентификуваа најсоодветни локации, Роберто Геци се зафати со инсталации насочени кон создавање „натурографии“ на одредени локации кои комуницираат со екосистемите, а пак Антонио Масаруто создаде скулптури и инсталации инспирирани од типичната фауна на локалната средина, со собирање на природни материјали веќе присутни на теренот.

Креативната фаза на проектот е комплетно документирана и е дел од завршната изложба, заедно со самите дела. За време на подготовката на делата се одржаа и организирани тури од студенти по ликовни уметности и дизајн.

 

Втората фаза, која се одржува во месец октомври 2022 (од 8ми заклучно со 26ти), е наменета за изложување на делата во просториите на Музејот на современа уметност во Скопје. Од истата ќе следува и каталог. Делата на уметниците се поставуваат со акцент на дијалог (концептуален и/или визуелен) со колекциите кои се веќе присутни во музејот.

 

ЗА УМЕТНИЦИТЕ

 

Сликарското и инсталационо творештво на Роберто Геци кое отсекогаш се засновало на неговиот силен интерес за природниот пејзаж (истражен преку пикторијално  претставување но и по пат на теренско експериментирање) се движи од еден појдовен, научен пристап кон органската реалност за потоа да достигне концептуална форма преку самата материја.

Натурографии, во суштина, се дела кои произлегуваат од студии и експерименти врз природни, најчесто неконтаминирани животни средини, и чиј што наслов го содржи во себе основниот концепт и на конечниот резултат и на процесот на творење. Вториот е всушност составен дел од делото, во патувањето до потеклото на односот помеѓу уметникот и природата, каде што носечки столб е интимниот сооднос помеѓу нив.

Уметникот создава со природата, но, истовремено, ја надгледува секоја фаза на создавање: од определувањето на почетните варијабли, до временскиот фактор, па се до конечната форма. Работата на Роберто Геци секогаш започнува од проучувањето на животните средини кои ќе станат терен  за создавање на инсталациите.  По истражувањето на животната средина (од естетска, физичка, хемиска и биолошка гледна точка) и изработката на точен графички проект, уметникот го избира материјалот, најсоодветната ткивна матрица за инсталацијата на која природата ќе дејствува со текот на времето. Оваа фаза е проследена со производство, инсталација на држачите и набљудување се до моментот на извлекување и конзервација, што се одвива кога ткаенините  ја завршиле својата интеракција со тлото во кое се потопени/закопани. Овој тип на модус операнди е отворен за повеќе интерпретации, од филозофска, уметничка и научна гледна точка.

Всушност, се работи за необична продукција  на мешани естетски канони (природно-човечки), симболични валенти (уметникот кој ја делегира “реактивната” компонента на природата), етичките аспекти, тенденцијата за разбирање и дијалог со пејзажот и неговото заштитување.

Покрај нивната неприкосновена уметничка содржина, натурографиите во себе вклучуваат и други значења. По својата внатрешна природа како збирка на “матрици”, тие се корисни индикатори за дефинирање на здравствената состојба на водниот, почвениот и воздушниот екосистем, за да можат да станат прелиминарна алатка која ќе се користи, заедно со класичните научни методологии, во испитувањата и лабораториските анализи, алатка која може да го одреди квалитетот на животната средина во која живееме, секогаш претставена со сложен и динамичен систем. Натурографијата може да дејствува како инструмент за мапирање и следење на територијата и биодиверзитетот кој ја карактеризира и разликува.

Всушност, тие се способни да го покажат капацитетот за раст и регенерација на елементите кои сочинуваат одредена средина: метода на одгледување, но не во услови на контролиран медиум во лабораторија туку во своето природно живеалиште.

 

 

Скулптурното и инсталационо творештво на Антонио Масаруто се храни со спонтани инспирации од природното наследство во кое работи. Домородни материјали, растителни материи, органски и неоргански, но исто така и културен и емоционален печат на пејзажот и на иконографските традиции конотирани во најкласичната уметничка традиција стануваат конкретниот материјал со кој што работи и матрица на естетското истражување, способно да ги спои вистинското и имагинарното, ехото на историјата со наговестувањата за иднината. Масаруто се поврзува со местото. Нуркајќи се целосно во него, тој го тестира и ги впива во себе неговиот субјект, суштината. Заради тоа, тој работи на својот експресивен потенцијал и, во инстинктивното градежно дело кое потекнува од неговото длабоко познавање на животинската морфологија, тој создава химерички ентитети кои лебдат помеѓу мимезата и митот. Неговите суштества, скицирани како скелети и примитивни или пак подетални форми кои обликуваат целосни солидни тела, изгледа како да си играат со времето.

Некои изгледаат како “фантастични битија”, кои, од една страна, ја eвоцираат силата на зооморфните суштества од класичната култура или бестијари од средновековната меморија но, од друга страна, во нивното раѓање од пејзажот – уште пред да се случи експлицитното истражување за нематеријалните мемории на територијата, тие стануваат потенцијални битија на пост-апокалиптичното утре.

Со апсолутна почит кон еколошкиот контекст, сè се реализира со природни материјали: ефимерни и преодни. Затоа времето е исто така она што неразумно распаѓа, ја брише и ја уништува човековата способност да гради убави и смели фасади.

Не постои ништо трајно. Нема слава во уметноста, туку слава на природата која дава сè и зема сè назад.  Од сите овие дела, можеби само документите и дигиталната меморија ќе останат да го хранат човековото око, во играта на вечно враќање,  и восхитувачкиот  човечки капацитет да ги зграпчи моменталните присуства и моќите во природни и виртуелни форми.

 

 

Свртувајќи го вниманието на неоткриените вредности содржани во големото и речиси потполно запуштено пространство, кое лебди над крововите и панорамата на Скопје, Музејот на современата уметност сака да предупреди на опасностите од кои Калето би можело многу брзо да прерасне во уште една жртва на агресивниот турбо капитализам, но и да трасира идеи и насоки за уредувањето на овој извонредно драгоцен јавен простор во името на општиот интерес на граѓаните на Скопје.

“Кале, културна тврдина” се занимава со архитектонско-урбанистичките аспекти на централното скопско брдо во потегот од тврдината до француските гробишта. Во постоечката ситуација, Калето го обележуваат две големи културни зданија: Средновековната тврдина и Музејот на современата уметност. Но и покрај нивните потенцијали за комплексна културна, едукативна, туристичка и рекративна понуда, Калето и овие зданија постојат во меѓусебно изолирани простори, со големи површини на дива и непристапна зелена површина, неадекватни привремени градби и со еден збор без соодветно урбанизирана содржина. Проектот Кале, културна тврдина е насочен кон барањето идејни решенија кои би ги поставиле основите за трансформација на Калето во едно гравитациски силно културно средиште.

Проектот се состои од:

> конференција > петок, 07.10. 2016, од 10,30 – 15,30 (програмата е во продолжеток на информацијата);

> изложба на магистерски и додипломски трудови на оваа тема одбранети на Арх. Факултет во Скопје > 07. – 17. 10. 2016;

> меѓународен конкурс за помлади архитекти за идејни решенија на оваа тема > ноември 2016 – февруари 2017

Вториот проект посветен на скопското Кале, насловен е “Скулптурално” и опфаќа осум скулпторски и site-specific инсталации во околината на Музејот на современата уметност. Како што упатува насловот, изложбата поаѓа од скулпторскиот медиум и истражувањето на неговите можности за интеракција и за обликување на отворениот јавен простор. Проектот е во извесна смисла потсетување на успешните и популарни “Интервенции во простор” кои во неколку наврати беа организирани во МСУ во средината на 1980-те години под водство на Симон Шемов и Кочо Фидановски. Целта на “Скулптурално” е да го иницира користењето и во иднина како редовна манифестација или во вид на поединечни проекти музејскиот парк и поширокиот простор на Калето за ефемерни скулпторски, архитектонски или мултимедијални проекти.

На изложбата се застапени следните уметници: Петар Хаџи Бошков; Симон Шемов; Јован Шумковски; Нада Прља, арх. Даниел Серафимовски; арх. Дејан Ивановски; Игор Тошевски и парот ОПА, односно Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска.

ПРОГРАМА на конференцијата:

7-ми октомври 2016 год.

10.30 – 10.35 Лазе Трипков, директор, НУ Музеј на современата уметност; (поздравно обраќање)

10.35 – 11.00 Зоран Петровски,НУ Музеј на современата уметност;
„Кале, културна тврдина“

11.00 – 11.30 Влатко П. Коробар, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ;
„Калето – град помеѓу градови“
(локалитетот Кале и неговиот простор во планската
документација на градот Скопје; место, улога и значење)

11.30 – 11.45 Дамјан Цингарски, архитект, вработен во Општина Центар;
„Локалната самоуправа и просторот на Калето“
(актуелните општински политики за просторот на Калето)

11.45 – 12.00 Аљоша Шопар, архитект, вработен во Град Скопје;
„Калето на градот“
(актуелните градски политики за просторот на Калето)

12.00 – 12.15 пауза за кафе / освежување

12.15 – 12.45 Ана Ивановска Дескова, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ;

„За вредноста на објектот на МСУ и неговата околина“

Музејот на современата уметност е еден од симболите на светската солидарност кон разурнатото Скопје – поради колекцијата на подарени уметнички дела од преку 40 земји во светот, но и поради изградбата на објект кој нив би ги вдомил, повторно во духот на меѓународата солидарност.
Позицијата на „храм на уметноста“ сместен на своевиден Акропол високо над градот, а во непосредна близина на средновековната тврдина, сведочи за неговата улога на статусен објект, која музеите на современа уметност и ја добиваат во втората половина на 20-тиот век. Позицијата на изолиран објект сместен во поширок зелен простор ги следи/претставува континуитет со постулатите на Модерната од една страна, а од друга отвара простор и упатува кон можноста за анимирање на околината во парк на модерната и современа скулптура. Денес, објектот е сеуште доволно флексибилен да вдоми различни поставки, а околината сеуште недоволно артикулирана да одговори на првобитната замисла. Оттука се наметнува потребата од нејзина ревитализација и ставање во функција на музејот, но и на една поширока културна и уметничка целина.

12.45 – 13.15 Јован Ивановски, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ, проследено со кратки излагања на студентите учесници во истражувањето;

„Проектански стратегии за Калето“

Во текот на речиси 70 годишната образовна и истражувачка активност на Архитектонскиот факултет во Скопје, повеќе генерации наставници од различни катедри и во повеќе наврати се занимавале со проучување на просторот на скопското Кале. На покана и во соработка со Музејот на современата уметност од Скопје, последните истражувачки проекти за овој простор се работени во рамки на темата насловена „Архитектонско репроектирање на објекти, места и простори“, a како завршна задача на студентите од вториот циклус на студии во учебните 2013/14 и 2014/15 година. Актуелната состојба на просторот на Калето, кој ниту е поврзан ниту е функционален и во кој не се ускладени односите помеѓу природниот пејзаж, архитектурата и јавниот простор, претставуваше поттик за негово ново читање, толкување и обликување. Основна цел на овие истражувања преку проект(ирање) беше да се тестира цел спектар на архитектонски стратегии (од прагматични до радикални), кои би биле насочени кон изнаоѓање на нови содржини и облици во кои постојните елементи на просторот истоверемено би биле и заштитувани (конзервирани) и развивани (менувани). Една поширока дискусија и интерпретација на добиените резултати е замислено да претставува појдовна точка за разговор во врска со можните иднини на овој вреден градски простор.

13.15 – 13.30 пауза за кафе / освежување13.30 – 14.00 Мароје Мрдуљаш, архитект, уредник на магазинот за архитектура и култура – ОРИС; Загреб, Р. Хрватска;

„За културните институции и нивните контексти во Хрватска“

Од втората половина на 20. век до денес, зградите за култура во Хрватска и посебно музеите се често градени како дел од стратегијата на урбаниот развој и ревитализацијата. Но, гледиштата за нивното учество во урбаниот живот се менуваат. Во периодот на модернизацијата, симболичко-културното значење на музеите ги следеше амбициозноста на архитектурата, а реализацијата на музеите често значеше и “завршен збор“ или “довршување“ на урбаната физиономија. Тие акции кои кулминираат со Музејот на современата уметност во Загреб не го поставуваа прашањето на елитистичкиот карактер на изложбените институции. Со преминувањето во пост-индустриската фаза, која во Хрватска коинцидира со пост-социјалистичкиот период се појавуваат нови пракси на урбаната ревитализација насочени кон рециклирање на напуштени, отфрлени или недовршени комплекси. Тие пракси се редовно проследени и со нов однос кон карактерот на институциите кои се осмислуваат структурно и архитектонски како понагласено инклузивни системи. Предавањето на оваа тема нема амбиција за градње на синтеза, туку нуди синоптички преглед на модерната и современата институција и на нејзините контексти.

14.00 – 14.30 Лучезар Бојаџиев, ликовен уметник кој работи со лични толкувања на општествените процеси, со градската визуелност и интервенции во јавниот простор, а се изразува преку инсталации, фотографии, објекти, цртежи, видео и перформативни предавања; Софија, Р. Бугарија;
„Места на мудроста“

Теоријата вели дека во еден град (земја, култура итн.) постојат места на заедничка меморија. Ова може да бидат музеите, спомениците, плоштадите, храмовите, светите места, местата на трагични настани и што уште не. Овие локации може да се обележани или необележани, означени од фолклорот или историјата; со помош на зборови, бајки или објекти: со помош на документација на уметнички настани итн. – тоа зависи од културата, градот и заедниците. Но иако местата ги споделуваме, меморијата за тие “места“ не мора да значи дека се споделува. Напротив, меморијата е различна и може да биде потполно спротивна. Во град со конфликтна меморија на заедниците, малцинствата, групите и колективите, фамиллите или индивидуалците ја сочинува всушност урбаната материја. Ова е основа за дијалог и преговарање во користењето на јавниот простор на еден град. Секој нов настан, секоја нова позиција, секое ново уметничко дело и секоја нова интервенција во јавниот простор претставува нов слој поставен врз другата “меморија“.

14.30 – 15.00 Отворена дискусија;
(медијатор – Зоран Петровски, МСУ)

15.00 – 15.30 – заклучоци од конференцијата;
– најава на меѓународниот архитектонски конкурс;
– најава на изложбата/настанот Скулптурално;
– затворање на конференцијата.

15.30 – 16.00 коктел

8ми – октомври 2016 год.

12.00ч СКУЛПТУРАЛНО – изложба

13.00ч “Christo & Jeanne-Claude: Beauty is Yours, Money is Ours, Publicity is for All”, предавање на Лучезар Бојаџиев за уметноста на Кристо и Жан-Клод по повод отворањето на изложбата Скулптурално институција и на нејзините контексти.

 

Организатор / локација: НУ Музеј на современата уметност, Скопје

Куратори: Зоран Петровски и Јован Ивановски

 

Изложбата „Ретро: телесни ретроспективи“ на уметницата Јана Јакимовска е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво.

 

„Ретро: телесни ретроспективи е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е ,јас’, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност? ,Ретро…’ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања.“ – Јана Јакимовска, ликовна уметница

 

„Кај нас, феминизмот во ликовната уметност може да се проследи низ неколку индивидуални ликовни ангажмани кои пристапуваат кон актуелните проблеми со разновидни методолигии и неологизми. Една од најдоследните претставници на оваа струја во македонската современа сцена е секако придонесот на уметницата Јана Јакимовска, која речиси сиот свој визуелен опус од изминати 20 години го посветува кон третирање на разновидни проблеми поврзани со родовата еднаквост и социјалната инклузија на жената во „современото“ и „демократско“ општество. Една од главните карактеристики на феминистичкиот пристап на Јакимовска е вклучување на сите сетила во чинот на гледање и последователно уривање на границата помеѓу субјектот и објектот.“ – Ана Франговска, куратор

Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс. Голем дел од рецентното творештво и’ се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во современото општество. Имала 20 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип. Учествувала на преку 80 изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Учествувала на 18 ликовни симпозиуми во Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип.

 

Проектот и изложбата Ослободување-на-просторот ги отвора прашањата што во последниве години ги наметна насилната преобразба на идентитетот на Скопје. Во популистички агресивната градежна офанзива наречена „Скопје 2014“, што го окупира средиштето на градот со недогледни колони на накитени стиропорни фасади и помпезни бронзени споменици, архитектурата и урбанизмот беа злоупотребени за крајно фриволно располагање со јавниот простор и за заробување, потиснување или негирање на претходните архитектонски достигнувања. Предлогот на кураторите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска и четирите тимови архитекти собрани околу проектот Ослободување-на-просторот, кој во организација на МСУ беше претставен во македонскиот павилјон на 16. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2018 година, поаѓа од враќањето и новото осмилување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.

 

Поставката Ослободување-на-просторот третира четири различни проекти изработени од четири тимови архитекти во соработка со кураторите:

 

“Непријатна блискост“ го реконципира објектот на ЦК СКМ, односно Владата на Република Северна Македонија. Автори: Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов.

 

 

 

“Повторно поврзување“ го обликува просторот помеѓу комплексот ПОШТА. Автор: Александра Шулевска. Соработници: Марта Бруши да Фонсека Галјардо и Леа Брадашевиќ.

 

 

 

 

“#Ослободување #Поврзување #Прочистување #Репрограмирање“ го третира платото пред МНТ. Автори: Дејан ИвановскиФилип Јовановски. Соработници: Сања Аврамовска, Валбона Фејза, Мирослав Пејовски.

 

 

 

 

“Дестратификација Скопје“ ја преформулира фасадата и содржината на зградата на НА-МА. Автори: Марина Торнатора, Отавио Амаро, Благоја Бајковски, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука. Соработници: Сесилија Копола, Матео Милано, Давиде Вилари и Стефано Вилари.

 

 

Извадоци од уводот во каталогот на кураторите Марија Мано Велевска и Слободан Велевски:

 

Среде виорот на глобалните текови и локалните специфични состојби, Ослободување-на-просторот се обидува да одговори и на најконтроверзната тема сеприсутна во архитектонскиот, но и целокупниот јавен дискурс на Република Македонија во изминатите неколку години, директно предизвикувајќи ја екстензивната градежна активност на централното градско јадро на Скопје – прозаично кодирана под името Скопје 2014 (СК 2014).

(…)

Проектот Ослободување-на-просторот развива проектантско-аналитички пресек низ тековната состојба на определени урбани фрагменти во централното подрачје на градот Скопје. Рамката на дејствување предвидува преиспитување на клучни аспекти на СК 2014 и преобмислување на неговите просторни ефекти, преку автономни архитектонски проекти што имаат за цел ретроактивно да ја регенерираат целината на градскиот колектив, поаѓајќи од евидентирање и препознавање на неговите просторни и програмски анкерни точки.

Проектот се базира врз убедувањето дека:

– Скопје 2014 не е проект;

– Единствена вредност на Скопје 2014 е дека тој постои, во материјална смисла;

– Професионалната архитектонска јавност не дава никакви насоки како во просторна смисла треба да го третира „наследството“ што зад себе го остави процесот на реализација на Скопје 2014;

– Соочувањето со проблемите што произлегуваат од просторните интервенции мора да започне со методолошки утврдени постапки на современото архитектонско проектирање како што се согледување на изградениот контекст, проекти што дејствуваат синхронично со постојните и новите општествени потреби и градење на современиот градски простор како инклузивен и мноштвен систем на вредности.

(…)

Основната техника што ја користи концептот наречен „Ослободување на просторот“ е типично архитектонска: создавање проекти што носат идеја за простор што обединува, ослободува и што во моментов не постои. При користењето на архитектурата како алатка во обликувањето на „кореографијата на секојдневното живеење“, согледана е можноста да се поправат негативните трансформативни ефекти од СК 2014; градот јасно да ги дефинира, во материјална и симболичка смисла, сопствените вредносни особини на современост, а идејата за исклучивост и просторна сегрегација вткаена во СК 2014, неговата претенциозност и несмасност докрај да се детотализираат. Со тоа, површноста на СК 2014 што е исклучена од секаква значајна содржина суштинска за архитектонската продукција, би трансгресирала, создавајќи етичка релација со градот каде што перформативните особености на просторноста служат на вистинските потреби на урбаното живеење во појмовната и појавната смисла на себеидентификувањето.

(…)

Покрај поединечните проекти создадени специјално по повикот за „Ослободување на просторот“ од четири тима архитекти од младата генерација кои покажаа свеж и прогресивен поглед во холистичкото гледање што го сугерира темата, беа вклучени и други актери во градо-градењето на Скопје: од искусни локални архитекти кои самите се школувани и формирани како млади архитекти во времето кога херојски се создава Модерната архитектура на градот; преку фотографи кои низ својот објектив го бележат неговото растење и менување; до низа други професионалци кои прецизно и/или креативно се одѕиваат во комплексното вкрстување на идеи и практики инспирирани од градот Скопје.

 

Трибината организирана во текот на изложбата има за цел да го поттикне дијалогот во јавноста и да побара политички и општествен став околу прашањата иницирани со проектот Ослободување-на-просторот.

 

Генералниот концепт околу кој се гради 12. Биенале на млади уметници е во насока на истражување, преиспитување и анализа на феноменот на задоцнетост/задоцнување, ненавременост во поглед на историскиот развој на општествените прилики во земјава во рамките на уметничкиот систем и уметничките парадигми и начинот на кој се одразува во сите негови сегменти (образовни, изложбени, продукциски, претставувачки и сл.) Во таа насока, концептот предлага едно прашање: дали е предоцна да се преиспита, продолжи или прекине една веќе долго време воспоставена тенденција во рамките на уметноста или е време да се размисли за нови стратегии и перспективи?

Наместо фокусот да биде насочен кон развојот на визуелната уметност во споредба со тековите на интернационалната сцена, тој се насочува кон условите за развојот на мислата, креирањето и пренесување на знаењето и општествената улога на уметноста во локалниот контекст. Оттука, во основата на концептот, разработен и елабориран во рамки на дискурзивната програма со учесници од регионот, потоа презентациите на уметниците, дискусиите и кураторските осврти предвидени во каталогот, се поставени прашањата: Како се продуцира знаење во услови на пролонгирана инертност и блокираност на институционалната мрежа и недоволно развиена вонинституционална сцена? Како да се надмине оваа ситуација, со незадоволителни технички и кадровски капацитети за институционално одржување на меморија, но и градење на историска свест? Кои се основните пречки за развивање услови за критичко согледување на минатото и стратешко проектирање на иднината? Како би се поттикнало создавање младински политики кои би ги активирале младите да ја трансформираат генералната апатија и да се создадат интегративни платформи и солидна културна стратегија?

Во тој поглед, концептот на 12-то Биенале на млади уметници излегува од рамката на строго дефинираната изложбена практика, во обид не само да презентира селекција на автори и нивните индивидуални погледи и актуелни интереси преку визуелната продукција, туку да ги лоцира проблемите со кои тие се соочуваат, во услови на недоволно јасна или непостоечка контекстуална рамка. Изложбата ги презентира делата на дваесеттина уметници создадени во последните неколку години, односно дела настанати во периодот од последното издание на Биеналето на млади до денес, погледнати во контекст на презентациите на уметниците и интернационалната дискурзивна програма како основа за дефинирање на едно експериментално компаративно поле.

Една од целите е да покаже дека на маргините на институциите постои раздвиженост кога станува збор за сцената која ја креираат младите и во поглед на продукцијата и во однос на формите на самоорганизираност. Во услови на неинтегрирана и дефрагментирана уметничка сцена, се истакнува потребата да се разгледаат тенденциите, односно да се преиспита како е насочена, поттикната и мотивирана енергијата на младите – дали кон нивно интегративно позиционирање како општествено освестени и социјално проникливи индивидуи способни за остварување и проширување на колаборативниот простор или, пак, изолирано и индивидуално креирање на лични стратегии, со некритичко отворање кон претпоставената современост или пазарна успешност на некои од Западните прерогативи во непрегледната мрежа на остварување без критериуми? Ваквата состојба произлезена од интерелацијата со уметничкиот номадизам, кој во денешно време освен „барањето на инспирација“, подеднакво е условено и од економски причини, го наметнува и прашањето: која е перспективата за младите уметници и културни работници, разгледувајќи ги прекарните услови на работа, изолацијата од конекции и галериски мрежи, несразмерната распределба и концентрација на знаењето, изворите, фондовите и многу други фактори кои ги формираат „позициите на моќ”?

Куратори на Биеналето:

Ивана Васева, Бојана Јанева-Шемова, Владимир Јанчевски

Уметници:

Дарко Алексовски, Барски Брача (Марко Јанев и Филип Велковски), Димче Димески, Иван Дургутовски, Ана Јовановска, Амир Карахасан, Марија Конеска, Бисера Крцковска, Ана Лазаревска, Јана Луловска, Симона Манчева, Марко Гутиќ Мижимаков, Ивана Мирчевска, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, Анастасија Пандиловска, Владан Петрушевиќ, Илија Прокопиев, Никола Радуловиќ, Горан Ристовски, Никола Славевски, Игор Таневски, Немања Трајковиќ, Елена Чемерска и Зоран Шекеров.

 

Регионална дискурзивна програма и презентации на уметници

15.03 (четврток)

17:30 – 17:50

Воведни забелешки од кураторите

17:50 – 19:50

Презентации од уметниците – учесници во Биеналето:

–  Марија Конеска; Барски Брача (Марко Јанев и Филип Велковски); Ана Лазаревска;  Димче Димески; Зоран Шекеров: Симона Манчева; Дарко Алексовски.

19:50 – 20:30

Презентација Засекогаш љубопитни, некои размислувања за уметничкото образование и дискурзивни практики во современата уметностна Ивана Мештров (Сплит/Загреб)

20:30 – 21:10

Презентација Приказна за волшебното огледало на Ана Франговска (Скопје)

21:10 – 21:30

Разговор со двете гостинки и уметниците

 

17.03 (САБОТА)

17:30 – 17:50

Воведни забелешки од кураторите

17:50 – 19:45

Презентации од уметниците – учесници во Биеналето:

Бисера Крцковска; Јана Луловска;  Немања Трајковиќ; Владан Петрушевиќ; Илија Прокопиев и Марија Христова (PrivatePrint);

Никола Радуловиќ; Никола Славевски; Горан Ристовски.

19:50 – 20:30

Презентација Разговор со уметникот и презентација на селектирани делана Адела Јушиќ (Сараево)

20:30 – 21:10

Презентација TWIXTlab: Иницијатива помеѓу современата уметност, антропологијата и општествената реалност, во контекстот на Атина денес на Софија Григориаду (Атина)

21:10 – 21:30

Разговор со двете гостинки и уметниците

 

20.03 (ЧЕТВРТОК)

17:30 – 17:50

Воведни забелешки од кураторите

17:50 – 20:20

Презентации од уметниците – учесници во Биеналето:

Ана Јовановска; Игор Таневски; Доротеј Нешовски; Анастасија Пандиловска; Елена Чемерска; Ивана Мирчевска; Наташа Неделкова; Амир Карахасан; Иван Дургутовски; Марко Гутиќ Мижимаков.

20:20 – 21:00

Презентација “Работа (во уметноста) – дали е можна промена?”  на Данило Прњат (Белград)

21:00 – 21:20

Разговор со гостинот и уметниците

 

АПСТРАКТИ И БИОГРАФИИ

 Софија Григориаду (Атина, Грција)

TWIXTlab: Иницијатива помеѓу современата уметност, антропологијата и општествената реалност, во контекстот на Атина денес.

Публицитетот кој ѝ се даде на т.н. „грчка криза“ низ светот се чини дека брзо ја претвори Атина во привилегирана, понекогаш „егзотична“, дестинација за „кризен“ туризам, како и за многу странски уметници, куратори, антрополози и други истражувачи од општествените науки. Во оваа сфера, интересот на Документа 14 за „учење од Атина“ го доведе градот во центарот на вниманието на меѓународниот уметнички свет.

Во меѓувреме, се појавуваат сè поголем број колективи, простори раководени од уметници и независни проекти. Меѓу нив, TWIXTlab е долгорочен проект, кој е поставен „помеѓу и во меѓувреме“ (between and betwixt)1 современа уметност, антропологија и општествена реалност. Тој презема облик на лабораторија со цел да предложи или да ги поддржи интервенциите во секојдневниот живот преку работилници, семинари, проекции, презентации, дискусии и истражувачки проекти.

За подобро разбирање на сложената и контроверзна улога на Документа во локален контекст, TWIXTLab иницираше двегодишна независна, меѓународна истражувачка програма насловена „Учејќи од Документа“ (Learning from documenta), во соработка со неколку локални и меѓународни партнери. Втората фаза на програмата, „Атинска уметничка опсерваторија” (Athens ArtsObservatory), има за цел да направи мапирање на современата атинска уметничка сцена и документирање на нејзината еволуција.

Во презентацијата, Григориаду накратко ќе го опише контекстот во кој е основана TWIXTlab и сè уште функционира денес. Исто така, разговарајќи за овие две програми, ќе се фокусира на интересите и активностите на TWIXTlab во врска со Атина и промените што се случуваа во градот, нејзиниот имиџ (слика/и) и уметничката сцена.

1* twixt: скратена верзија на betwixt, што значи помеѓу, ниту еднотониту другото. Социјалниот антрополог Виктор Тарнер ја употребил фразата betwixt and between, за да ја карактеризира посредната од три фази од обредот на премин како краен преоден, субверзивен и креативен момент на животниот тек на општествата.

https://twixtlab.wordpress.com/about_eng/

 Софија Григориаду е докторанд по социјална антропологија (Универзитет „Пантеон“ во Атина). Магистрирала на Атинскиот факултет за ликовни уметности (A.S.F.A). Дипломирала на A.S.F.A (2013) како и на одделот за Филозофија, педагогија и психологија на Универзитетот во Атина (2006). Учествувала на повеќе изложби, конференции, истражувчки и уметнички проекти во Атина, Единбург, Истанбул и Бејрут. Има ко-курирано и ко-организирано уметнички проекти и изложби. Организирала и одржувала уметнички работилници и едукативни програми, работела со деца со попреченост и предавала на сликарската работилница A´ на A.S.F.A. Соработува со уметници и антрополози во рамките на TWIXTlab,  уметнички проект кој се наоѓа помеѓу современата уметност, антропологијата и секојдневниот живот.

https://sofiagrigoriadou.wordpress.com

 

Адела Јушиќ (Сараево, Босна и Херцеговина)

Разговор со уметникот и презентација на селектирани дела

За 12-тото Биенале на млади уметници Адела Јушиќ ќе зборува за позицијата на уметникот во Босна и Херцеговина, нејзиното искуство на меѓународната уметничка сцена и ќе претстави селекција на нејзини дела од 2007 год. до денес.

 Адела Јушиќ (1982, Босна и Херцеговина) има завршено постдипломски студии на Академијата за ликовни уметности, оддел Графика во 2007 год. и магистрирала на Демократија и човекови права во Југоисточна Европа на Универзитетите Сараево и Болоња, 2013 год.

Јушиќ има изложувано на стотина меѓународни изложби (Манифеста 8, Мурсија, Шпанија; Видеонале, KunstmuseumБон, Германија;Image Counter Image, Haus der Kunst, Минхен, Германија, Balkan insight, Центар Помпиду, Париз). Има учествувано во многу  програми за престој на уметници (ISCP, Њујорк; Културконтакт, Виена; i.a.a.b,Базел; Museum Quartier, Виена) и на бројни панели, работилници и конференции. Во 2010 год. ја има добиено наградата Млад ликовен уметник за најдобар босански уметник, Henkel Young Artist Price CEE во 2011 год. и специјална награда на Белградскиот Октомвриски салон во 2013 год. Нејзините дела се дел од приватни и јавни колекции. Таа е ко-основач и работела на проекти од културата во Здружението за култура и уметност Црвена од 2010 год. и е една од создавачите на Онлајн архивата на Антифашистичката борба на жените во Босна и Херцеговина и Југославија.

Уметничката пракса на Адела Јушиќ е проникната од нејзиното лично искуство и спомени, како и политиките и феминистичкиот дискурс. Голем дел од нејзината работа го истражува историското насилство врз жената, учеството на жените во Антифашистичката борба во Југославија, Југословенските војни и тажната реалност вкоренета во нив.

 

Ивана Мештров (Сплит/ Загреб, Хрватска)

Засекогаш љубопитни, некои размислувања за уметничкото образование и дискурзивни практики во современата уметност

Ова предавање ќе нагласи некои актуелни прашања за состојбата со уметничкото образование од перспектива на историски преглед, како и од лично искуство како предавач на историја на уметност и теорија во рамките на академијата и неформалната и неинституционална едукативна рамка (Програма за кураторска платформа – основана во 2008 год. во Загреб, Mediterranea XVI-Young Artists Biennial Errors Allowed во Анкана, ко-курирано во 2013 година, долгорочните соработки со Академиите за ликовни уметности во Сплит и Загреб).

Ивана Мештров е кураторка и историчарка на уметност од Загреб, Хрватска. Во моментов е предавач на Катедрата за историја на уметноста на Факултетот за хуманистички и општествени науки при Универзитетот во Сплит. Таа е една од основачите на Слободни врски / Loose Associations современи уметнички практики како и на образовната платформа Кураторска платформа / Кураторска платформа.

 

Данило Прњат (Белград, Србија)

Работа (во уметноста) – дали е можна промена?

Целта на разговорот „Работа (во уметноста) – дали е можна промена?“ е  во контекст на Биеналето на млади да отвори разговор со публиката и учесниците на тема производствените односи во рамки на кои денес се ситуира работата на младите уметници, бидејќи ова поле се повеќе се трансформира во правец на замислена „самоодржливост“ базирана на работата во креативните индустрии или на производството на специфичен тип на роба за уметнички пазар (уметнички колекции).  Разговорот ќе опфати кратко воведно излагање со референца на историскиот оквир во рамки на кој се конструирала работата на уметникот како специфичен тип на работник/ произведувач во однос на контекстуалната детерминација низ која поминал.  Дијалошката форма, пропратена со примери од актиелните начини на самоорганизација на уметничката продукција, ќе настојува да ги освести механизмите низ кои овие доминантни модели оперираат. Целта на разговорот е заеднички, и во колектив (како што е единствено можно да се мисли на промена), да се обидеме да отвориме нов хоризонт на работата во уметноста која би подразбирала работа на општествена еманципација која нема да ги репродуцира постоечките политички односи и  нема да се базира на експлоатација од било кој вид.

Данило Прњат (1982, Црна Гора) е визуелен уметник кој живее и работи во Белград. Тој учествувал на многу домашни и групни изложби, конференции, разговори и  реализации на (уметнички) проекти, кои ги истражуваат политиките на партициптивните практики и колективната работа. Во својата работа, настојува да ги надмине воспоставените граници на уметноста, како и односите помеѓу уметноста и општествената реалност преку интервенција на полето на економијата. Во моментов е докторанд во завршна година на отсекот PhD in Communication/Art and Critical Thought на European Graduate School (EGS) во Сас-Фе во Швајцарија. Својата критичка работа, базирана на анализа на либералната култура, ја објавува првенствено на порталот „ДеМатеријализација на уметноста“.

 

Ана Франговска (Скопје, Македонија)

“Приказна за волшебното огледало”

Си биле младите уметници од Македонија кои постојано имале желба да се огледуваат во волшебното огледало во градот кое на сите Македонци им давало поинакви перспективи за себе си. Помини од кај огледалото, погледни во него, се гледале себе си како високо обучени академски автори кои имале многу мултимедијални познавања како одлична основа за себеидентификување во уметноста. Појди, ѕирни во огледалото, гледале прекрасни и широк спектар можности за соработка со колегите, кураторите, институциите, Министерството за култура, разновидните културни организации. Трет пат, огледалцето покажувало како тие патуваат насекаде низ светот, без финансиски ограничувања и посетувале најрецентни и најсовремени изложби, остварувале комуникација и станувале дел од значајни уметнички вмрежувања, креирајќи дела кои не покажувале техничко-технолошка немоќ… уште какви се не слики им нудело тоа огледало, но им правело извртена слика и голема дискрапанца помеѓу очекувањата и можностите. Приказната за огледалцето е само иронија, но дали суштината за проблемите на младите автори лежи во дел од циничните визии во огледалото и во социо-општествениот контекст во кој егзистираме, или пак малку и во амбициите, волјата и пожртвуваноста?

Ана Франговска (1978, Скопје) е кустос и креативен и динамичен уметнички професионалец со четиринаесет годишно кураторско искуство, едукаторско и истражувачко искуство во современата визуелна уметност. Таа е вработена како куратор во Националната галерија на Македонија веќе 10 години. Поседува ефективни вештини за воспоставување на односи со јавноста, вклучувајќи и доставување формални презентации, писмена комуникација, како и планирање и спроведување на уметнички маркетинг кампањи. Меѓународни кураторски проекти – избор: „Есенција на егзистенцијата“ (заедно со Маја Чанкуловска –Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски), изложба на современа македонска уметност, куќа за уметност и луѓе Лауба, Загреб, 2015; „Утопија“ меѓународна концепциска изложба, Мултимедијален центар Мала станица, Скопје, 2015; „Во потрага по заедничко тло“ (заедно со Бојана Јанева Шемова), македонска современа уметност, Центар за современа уметност, Баку, Азербејџан; „Transfiguring“, групна концептуална изложба на современата македонска уметност, Чешки центар Прага, Прага, Република Чешка, 2014; „Breat и Sault“, групна концептуална изложба на современата македонска уметност, Палата Porcia, Виена, Австрија, 2013; „Silentio Pathologia“, Елпида Хаџи- Василева, Павилјон на Република Македонија на 55та Меѓународна ликовна изложба – ла Биеналето ди Венеција, Италија, 2013 година; „Црно и бело или не“, групна изложба на современата македонска уметност, CAM, Casoria музеј на современа уметност, Наполи, Италија, 2013; „Перцепција“, MC Gallery, Њујорк, САД, 2012 година; „Одлучувачки критериуми за избор“, Фламанско Министерството за надворешни работи, Белгија, 2008; „Источните соседи“, Културен центар Вавилон, Утрехт, Холандија, 2006; Нове Франговски ретроспектива на Таксим Sanat галерија, Истанбул, Турција, 2006; „Уметничка размена“ 2004, Културен центар на Angels Gate, Сан Педро,Лос Анџелес, САД, 2004 година; 10 македонски уметници во есенски салон, Париз, Франција, 2002 и др.

Дејвид Хокни е светски познат англиски уметник кој подеднакво успешно создава дела во медиумот на сликарството, цртежот, графиката, сценографијата и фотографијата. Студирал на Уметничкиот колеџ во Брадфорд (Bradford College of Art) и на Кралскиот уметнички колеџ (Royal College of Art) во Лондон. На почетокот на шеесеттите години во своите дела ги комбинира апстрактниот и фигуративниот израз, вклучувајќи и текстуални пораки и претстави превземни од  популарната култура, што придонесува критиката често да го смета, заедно со Питер Блејк, Ричард Хамилтон и Р.Б. Китај, за еден од главните претставници и претходници на појавата на поп-артот. Но неговата уметност е сепак изразито индивидуална и ги надминува овие категоризации. Мајсторската леснотија и врвниот рафинман со кои ги слика неговите живописни и весели пејзажи, а особено неговите бројни портрети што се засновани на белешките од неговиот живот, личните односи во хомосексуалните врски, патувањата и литературните интереси. Покрај сликарството, Хокни како изразито талентиран цртач, својот израз го наоѓа и во графиката во која има создадено повеќе големи тематски серии. Користењето со фотографијата во неговите инвентивни пејзажни фото-колажи, е исто така детерминирано од неговата склоност кон цртежот и настојувањето овој механички медиум да го третира како сликарска техника.

Во рамките на збратимените градови Скопје и Брадфорд по основањето на Музејот на современата уметност, во 1964 год. е организирана групна изложба  Ликовни уметници од Братфорд, селекција од 21 автор меѓу кои и младиот Дејвид Хокни, која се вбројува меѓу привите групни изложби на уметникот. Поврзаноста на Хокни и МСУ, продолжува со донацијата на

две дела лично од авторот за колекцијата на Mузејот во 1967 год.:

 

  1. Портрет, цртеж, туш на хартија, 35х42,5 см, инв.бр.1502
  2. Пејсаж, офсет во боја на хартија, 40х37 см, инв.бр.2367

 

Презентирани се на изложбите:

 

-Подарени дела 26.07.1967-26.07.1968, МСУ- Скопје

-Избор на подарени дела од колекцијата на МСУ-Скопје, 1969

-Подарени дела 1967-1970 МСУ- Скопје

-Постојана поставка на МСУ – Скопје, 1970

-Меѓународна изложба на цртеж од дарителите на МСУ, МСУ, Скопје 1973

– Современ британски цртеж, МСУ, Скопје, 1982

-Од Пикасо до Калдер, 1985-1986, Сараево, Загреб, Белград и Приштина

-Поп Арт,избор од колекцијата на МСУ-Скопје, 2003

-Британска колекција во Музејот на современата уметност-Скопје, 2005

-Постојана поставка на МСУ-Скопје, 2014