Постојана поставка: Солидарноста – Недовршен проект?

22.02.2014 – 22.02.2016

Скопје не е филм, не е трилер каде ние погодуваме што е главниот настан. Тоа е концетрација на борбата на човекот за слобода, со резултат кој инспирира натамошни борби и неприфаќање на поразот.

Жан Пол Сартр, 1963
Кога Скопје, пред 50 години, беше разурнато од силен земјотрес, трагедијата што го погоди градот, не беше само вест на денот, вест која веќе наредниот ден е заменета со нова, потрауматична, туку тоа беше Настан околу кој се мобилизира огромен потенцијал на сочуство и солидарност, потенцијал кој во себе носеше една утопистичка димензија: проекциите за Скопје не беа само тој да се обнови, проекциите беа Скопје да стане модерен, современ град. Планот на јапонскиот архитект Кензо Танге за ново Скопје беше замислен како нов почеток на една нова иднина, а создавањето на Музејот на современата уметност беше еден вид на симболично отворање кон иднината што требаше да дојде како ветување, како очекување на реализацијата на проективниот, утопистички елан.

Поставката Солидарноста, недовршен проект? замислена е како едно симболично повторување на чинот на создавањето на Музејот преку постапката на „повторното одигрување“ на акцијата на подарување, но и на откупната политика водена од стручниот тим на Музејот. „Повторното одигрување“ (re-enactment) го „реконструира“ оформувањето на колекцијата на Музејот во периодот од неговото формирање 1964 година па сè до денес. Но, „повторувањето“ на создавањето на Музејот не значи враќање или носталгија за минатото, туку е обид да се поентира важноста на овој настан не само во контекстот на минатото, туку пред сè во контекстот на сегашноста. Овде референцата на минатото не е историски пресек направен поради самата историја, туку пред сè зборува за важноста на она што се случило во минатото за нашата сегашност и иднина, но и за важноста да се запрашаме за можноста сè уште да се верува дека некаде, во нас, постои „утопистичка искра која што вреди да се чува“. Утопистичка искра потребна не само за „големи промени“, туку понекогаш потребна само за да може да се издржи во упорноста и понатаму да се брани напуштената или изгубената идеја на солидарноста.


Солидарноста, недовршен проект? опфаќа околу 300 дела од колекцијата на Музејот на современата уметност. После 20 години невозможност да се презентира колекцијата, со реновирањето на дел од просторот, Музејот доби прифарливи услови да прикаже дел од својата богата колекција. Поставката ги истражува врските меѓу уметноста и градот, политиката и историјата, катастрофата и солидарноста трагајќи за визија на една поинаква, динамичена и ангажирана присутност на Музејот во начинот на обликувањето, мотивирањето и поттикнувањето на дискурсот на уметноста и на уметничката критика. Во таа насока, со поставката не се претендира да се даде конечен, затворен поглед на карактерот на колекцијата што ја поседува Музејот, туку да се отворат можности за прикажување на различните аспекти и модуси на развивањето и оформувањето на колекцијата, при што, од една страна, се сака да се укаже на кршливоста на вредностите и непостојаноста на смислата на проективноста, а од друга да се укаже на несопирливата потреба и понатаму да се верува во можноста проективноста да се одвива како отворен, вредносен процес и како посакувана вистина.
Во оваа смисла, поставката е и обид да се отворат и нови, поинакви перспективи на читање на поимот солидарност, поим врз чии темели е изграден токму Музејот на современата уметност во Скопје.

Насловот на поставката Солидарноста, недовршен проект? всушност се повикува на познатата синтагма на Јирген Хабермас Модерната: недовршен проект и е обид критички да се димензионира и ре-дефинира збирката на Музејот: збирка која што содржи голем број на дела кои го носат потписот на солидарноста, потпис испишан врз урнатините на скопскиот земјотрес од 1963 година. Проектот на солидарноста осмислен и аплициран 1964 година, својата кулминација ја достигна во 1970 година кога беше отворена Првата постојана поставка во новиот објект на Музејот. Во колекцијата на Музејот (чие идејно архитектонско решение на тројцата полски архитекти Мокшински, Вјежбицки и Клишевски беше подарок од Полската влада), тогаш се наоѓаа вкупно 2050 дела (слики, скулптури, објекти, цртежи, графики) на 1020 уметници од 40 земји. Во наредните години, иако со намален интезитет, подароци сè уште пристигнуваа, така што во периодот до 1985 година бројот на делата во колекцијата порасна на 3543 дела. Но, и покрај тоа што колекцијата и понатаму се збогатуваше со донации, иницирани преку неколкуте вистински пријатели на Музејот, но и преку писмата што Музејот ги адресираше до одредени уметници, веќе во овој период стана јасно, дека “стратегијата на подарувањето“ треба да се замени со откупна политика на дела од македонски и од странски уметници.

Како треба да се чита ова сознание? Како признание за истрошеноста на проективниот импулс што во себе го содржеше солидарноста (ако солидарноста се чита како ветување и одговорност пред ветувањето Музејот да расте и да се развива како Музеј на меѓународната солидарност)? Или како сознание дека замената на еден проект (подарокот како блискост и внимание) со друг (откупот како оддалеченост и проценка) сепак не значи и напуштање на идејниот хоризонт на солидарноста? Со можност „изгубената“, „прекината“ солидарност во иднина повторно да се воспостави? Прашања што и денеска остануваат отворени, но и одложени за одговорноста да се одговори; не за да се избегне одговорноста на одговорот, туку да се избегне навиката прашањата да го сугерираат начинот на којшто се сака да се чуе, да се разбере и да се прифати одговорот.

Оттука и причината за насловот Солидарноста, недовршен проект? Ако во шеесеттите и седумдесеттите години се оформи меѓународната колекција која понатаму многу бавно и спорадично се надополнуваше, тогаш оправдано се чини и поставувањето на прашањето за перспективите на колекцијата на современата уметност на Музејот. Причината Музејот и солидарноста тематски да се поврзат преку синтагмата недовршен проект, не лежи само во обврската на 50-годишнината од земјотресот во Скопје, со благодарност да се потсетиме на огромната помош и подршка што нашата земја и градот Скопје ја добија од голем број на земји, како од Исток така и од Запад, туку и да се запрашаме за причините што овозможија да прекине и да се заборави проектот на солидарноста. Солидарноста сфатена не само во вообичаеното значење на зборот, туку во нејзиниот утопистички, еманципаторски, демократски потенцијал. А причини се чини дека има секогаш повеќе. Секогаш зад една причина се задскрива друга, она што се чини дека е јасно, очигледно, всушност никогаш не може во потполност да се заокружи, да се поистовети во/со себе си. Секогаш онаму каде што мислиме дека рабовите се добро опшиени, добро затегнати, доаѓа до кинење, до зев од каде се измолкнуваат недоречености кои поттикнуваат повторно да бидат артикулирани, но поинаку, од слични или други причини.

Оттаму, во оваа смисла, и зборот солидарност, којшто е всушност првото име на Музејот на современата уметност, и колку да настојуваме да го ограничиме, локално да го сведеме на прашањата и проблемите поврзани со оваа институција, сепак поради својата полисемичност и повеќесмисленост, но и неизвесноста на неговото циркуларно значење, предизвикана не од дефицитот, туку од инфлацијата на неговата реторичка употреба, е причина овој збор да се отвори за да може да се согледа богаството и разновидноста на неговите семантички и наративни набори. Во и преку тие набори Музејот треба да се ориентира во комплексот на прашањата што проектот на солидарноста ги отвори: одговорноста не само да се прима, туку и да се возврати; да се чува, но и да се проширува искуството на солидарноста како искуство на креативно поврзување и отворање на нови перспективи на заедништво и пријателство (еден вид на „заедница без заедница“), но и како подготвеност да се доведе во присутност и видливост уметничкиот порив за критичко вреднување и трансформирање на стварноста и општеството.

Љиљана Неделковска