Ѓорѓе Јовановиќ: Пронајдоци за вас, прекрасни луѓе!

Ѓорѓе Јовановиќ со својот најнов проект продолжува да ги истражува формите на социјални структури, создавани во специфичен транзициски период, процес неоправдано долг и длабоко заглавен, со збунувачки идеолошки продукти. Ново развиениот социјален интегритет обединува елементи кои не ветуваат одржливост на подолг рок. Јовановиќ со еден пристап близок на деконструктивното и преку хумор ја разголува продолжената отуѓувачка моќ на некритички увезениот консумеризам чии крајни резултати се неговиот збунет јунак (случаен минувач – сограѓанин) и амбиентот во којшто се движи.

Во процесот на изработка на проектот „Пронајдоци за вас, прекрасни луѓе!“ Јовановиќ интервјуира поголем број на инвентивни „минувачи“ и ги користи нивните идеи обезбедувајќи му на својот краен резултат партиципативен карактер. Со дванаесет „пронајдоци“ тој решава 12 херкулијански проблеми и се обидува да му го „олесни“ животот на сограѓанинот. Тој нè кани да се идентификуваме со сликата што ја има за нас и нашите дневни ритуали. Неговите производи, промовирани во духот на локално развиената топ-шоп култура, се економични и прецизни алатки со карактер и адресираат проблеми поврзани со дигнитетот и самопочитувањето.
Неговиот весел прототип сограѓанин е скромно, но добро опремен минувач со строго определена патека. Јовановиќ не сака да поверува дека ќе се помириме со новонаметнатиот идентитет. Неговиот портрет на случајен минувач низ транзицискиот лавиринт ја ужива неговата симпатија, иако дадена во една ликовно бурлескна форма. Тој внимателно го отцртува „виновникот“ на нашето време-отуѓувачката моќ на глобализираниот продукт, a состојбите во урбаната периферија се само искривена слика (заради грешки во преводот) на „болеста“ на нашата цивилизација. Се чини дека неговите снаодливи јунаци го задржале капацитетот за промени и метаморфоза и трпеливо чекаат некој посилен импулс да ги тргне од трансот на секојдневниот ритуал.

Насочувајќи ја својата акција кон „пазарниот производ“, како клучен елемент на отуѓувањето, кое е според Бодријар „самата структура на пазарното општество“ Јовановиќ самиот произведува непазарни продукти, со мана и карактер.

Кустос: Мира Гаќина

* Изложба на МСУ прикажана во зградата Мала станица на Националната галерија на Македонија.