Марина Лешкова: Приказна за изгубениот рај

04.09.2012 – 21.09.2012

Веќе оддамна позната во јавноста, повремено отсутна од ликовната сцена, Марина Лешкова, за неа и за мене, како куратор, ова е еден нов процес низ кој ги развиваме нашите нови искуства, теории и лични доживувања, како и моќта на поврзувањето на ликовните елементи со емоции и сенс на повторно ново навлегување во авторската духовна сфера.
Експресионистичката апстракција е главната насока во делата по која се движи Лешкова. Изразот на внатрешната потреба и интерпретацијата на духовната и психолошката потреба го следиме преку апстрактните ликовни форми, односно со појавата на надреалистичката поетика, како и декоративните шари, симболи и знаци кои говорат за нејзината индивидуална човечка драма.

Почетокот на оваа трета фаза (Маркирани доживувања) во нејзиното творештво, уметницата делумно се бори да ја занемари поетската форма, да се оддалечи од оној домен кајшто нејзиниот лапидарен израз произведе поетски доживувања кои синтетизираат една духовна содржина, затоа се стремеше да се надополни со едно пошироко согледано и подетално опфатено пространство што беше инспиративен вруток за нејзиното творештво.
Марина Лешкова поседува еден одреден вид на експресивност. Посткубистичките третмани, геометриската апстракција, а имајќи ја во предвид и средновековната византиска уметност, средновековното фреско сликарство, ги воведува во еден ликовен амбиент каде што владеат знакот, симболот и архетипските претстави, со чувство на сопствен однос на мотивот и инспирацијата, кој таа ги има кон животот и е еднаков на начинот на којшто се изразува.
Композицијата и бојата ја коинституираат идејата. Марина претендира кон симболично модифицирање на хармонијата на бојата и обликот. Ваквата тематска определеност го воспоставува начинот на ликовната транскрипција. Златната и сребрената, бои што ја рефлектираат светлината, се испреплетуваат и често се сретнуваат во делата на Лешкова. Како традиционални ‘неликовни‘ материјали тие даваат посебен ефект. Тоа го проследуваме во ‘Фрагменти’ дела од циклусот ’Ранливи икони‘, 1997/98.
Бојата доминира во оваа третта фаза од нејзиното творештво. Како средство за експресивно изразување, со бојата ни ја пренесува и ни ја раскажува целата ‘прикаска’(врзана за оваа фаза), со првото дело за кое Лешкова вели ‘Ние забораваме да се обѕрнеме кон минатото останувајќи глуви за неговите пораки, слепи за неговите (Патокази)’.
Во наредните дела, има расветлување и прочистување на бојата, што станува изразно средство само за себе.
Колористичко – естетската авантура продолжува во ликовната страст за автентичноста на уметничкиот сензибилитет, вткаени на големи површини, динамичен замав и спротивставување на топлите и студените бои.
Бојата, симболите, знаковноста како елементи се клучни моменти кои ги следиме низ серијата платна. Појавувањето на зајакот и ангелот, значењето на тие симболи, како симболи за возвишеното, убавото и носталгија по изгубеното (Рајска врата, Низа од години).
Допрена од прекрасната поезија на Ацо Шопов, ја согледуваме духовната авантура, раздвижените сетила на уметничкиот сликарски опус, надополнет од патувањата низ континентот Европа, интензивниот ритам на живот со саканиот, проткаен со милион прекрасни доживувања, љубов и збиднувања, како битен фактор, вели Лешкова, за воспримање и соочување со нејзините дела.
Жолта – свелината, бела – чистината, црвена – љубовта, сина – верноста. Бојата како симбол за уметниковото емотивно изразување, како и доминантноста на симболите, инспирирана и од катедралите, медитеранот, азурот, музеите, сето ова како едно визуелно доживување од патувањата, Лешкова умешно и впечатливо ни го пренесува. Сликарството е најверната врска меѓу загубеното и апсолутната уметност.
Просторната димензија ја пронаоѓа со бојата (портокаловата, жолтата), која ја има скоро во сите дела, парцијални сегментни (вертикални или хоризонтални) засекувања, една парелела со делата на Марк Ротко.
Геометриските форми се тие што не сака да ги избегне и се присутни како знак од сета онаа патувачка авантура и (така наречените) збиднувања.
Сликата ја упростува, станува монохромна, сведена на комплементарно сликарство, изразено со трансцедентална вредност на човечкиот дух. Во монохромното прекривање на сликата, бојата го покажува возвишеното и безпредметното. Со ова Лешкова најлесно се доближи до светските автори кои релативно се нејзин идол во конституирањето на нејзиниот севкупен опус.
Можам слободно да кажам, за творештвото и изложбата на Марина Лешкова, дека штафелајното сликарство сѐ уште егзистира, кај неа дури и со позитивен и блескав впечаток следејќи го развојот на нејзината приказна од почетокот до крајот, а ќе заклучиме, како што ни говори и толкувањето на Линда Ноклин, дека постојат големи женски уметници кои имаат големо влијание и слободно изразување во светот на уметноста.
Кустоc: Ива Петрова