Жељко Кипке: Поздрави од Загреб

25.10.2012 – 19.11.2012

Поздрав од Загреб е прикаска за невидливиот Загреб во четири целини. Клетви врз неговите културни институции, ревизија на некогашните собиралишта на уметниците, надзор над главниот полициски двор или поставување фиктивни споменици на неговите најатрактивни плоштади и паркови се сегменти на невидливата преобразба на хрватската метропола.
Споменатите програми настануваа цела една деценија и подолго. Отпрвин Клетви во форма на слика, па субјективен филм за галериите што повеќе не постојат на картата на градот или се преселиле на други локации (Невидливи галерии), потоа тајна камера насочена кон полицискиот двор каде што полни две години се градеше дом на тајните служби (Надзорна камера) и на крај ретрофутуристичка серија слики за масонскиот заговор во рамките на Европската унија (Трета ретрофутуристичка изложба: Поздрав од Загреб).
Наведените проекти само ги следеа збиднувањата во општественатa, односно на политичката арена на Загреб. Помалку забележлива, речиси невидлива, но од голема полза на долги патеки, поради што требаа да го поминат »уметничкото крштевање«. Станува збор за бизарни врски што требаше однапред да се забележат, потоа да се провоцираат, повремено да се контролираат и никако да не се забораваат. До толку повеќе, притоа беше пожелно да се користат сите расположливи медиуми, од древните техники, како што е акупунктурата (Клетви) сè до банални илустрации (Трета ретрофутуристичка изожба: Поздрав од Загреб). Дискретната мрежа на уметничкитe провокации e дел од тајната мрежа на градот – станува збор за невидливи мерки што еден урбан комплекс го разликуваат од друг. Колку се побизарни, толку е подинамично секојдневието на некоја метропола.

ЖЕЉКО КИПКЕ (Чаковец, 1953) е хрватски сликар, писател, кој повремено дејствува и на подрачјето на филмот. Во почетокот се занимава со примарно и аналитичко сликарство, а од 1982 година во своите платна внесува експресивност. Бил член на Работната заедница на уметниците, неформална група што дејствуваше во Галерија Подроом (Podroom) и Галерија на проширени медиуми во Загреб (1978–1981). Во првата половина на осумдесеттите снима кратки филмови во С8-формат, во кои ги документира сопствените акции во јавните простори. Ја претставувал Република Хрватска на Венециското биенале во 1993 година, а две години подоцна и на Биеналето во Каиро. Пишува есеи и критики за експериментален филм и за ликовната практика во дневниот печат и во списанија. Полноправен член е на Меѓународното здружение на ликовните критичари (AICA) од 1997 година. Селектор е на павилјонот на Хрватска на 52-то Венециско биенале во 2007 година. Во последно време снима кратки филмски приказни засновани врз сништата и коинциденциите. Објавил девет книги – од збирки на теоретски статии и есеи за современата уметност, збирки критички раскази, до едногодишниот дневник , каталог на сништа и книга на коинциденции. Живее во Загреб.