Рон Ејти, Акефален монструм

Музеј на современата уметност Скопје

07 – 09. јуни 2019

SKOPJE PRIDE WEEKEND 2019
GLITTERING WOUNDS
– Релации, ранливост, отпор –
 
Викендот на гордоста Скопје 2019 се одржува по седми пат, во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на РМ. Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да создадат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети, што во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни итн.
Со носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект, и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме различни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените, како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста, отаде идентитетската препознатливост.
7 јуни (петок)
21:00 ч.
Акефално чудовиште (Acephalous Monster)
Рон Ејти
+18
Концепт и изведувач: Ron Athey
Режија: Шон Грифин; звук: Опера Повера; уметнички директор, маски: Хермес Питакос; перики: Кристијан Ворен, или The Wig Daddy; видеографија: Грем Колбинс; светло дизајн: Антигона Гонзалес; видео дизајн: Робин А. Едигер-Сето.
Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, Акефално чудовиште, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.
Акефално чудовиште е соло-перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук.
„Не е како мене, повеќе од мене е; стомакот му е лавиринт во кој самиот се изгубил, ме губи и мене со себе, и во кој се откривам себеси како него, со други зборови како чудовиште“, од „Светиот заговор“ на Жорж Батај.
Рон Ејти е икона и културна фигура чиишто почетоци во перформансот се на почетокот на осумдесеттите години, во контекст на андерграунд музичката сцена во Лос Анџелес, како дел од дуото со Роз Вилијамс од бендот „Christian Death“. Во 1990 година, за време на епидемијата со сида, почнува со изложување на индивидуални и групни дела во уметнички простори како LACE, PS122, Highways, Галеријата „Рандолф стрит“ и Институтот за современа уметност во Лондон. Неговите три влијателни дела од трилогијата The Torture Trilogy всушност претставуваат меморијали за сидата и природата на заздравувањето – навлегува во историските архетипи на религиозното сликарство и богопоклонение. Содржински, делото ја обработува смртта и можните начини на лекување. Делата се изложени ширум светот во деведесеттите години, при што одредени теми, на пример таа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот, преиспитувајќи ги границите на уметничката практика. Во 2013 година беше објавена монографија за неговите дела: Pleading in the Blood, уредена од Доминик Џонсон.
Во 2005 и 2018 година соработува во експериментални оперски проекти со сопранистката/музиколог Џулијана Снапер, и Шон Грифин, оперски композитор. Во 2018 година се случува премиерата на Gifts of the Spirit, опера создадена од автоматско пишување во слоеви во реално време, овозможено од Фондацијата „Мајк Кели“ и Музејот „Броад“, а одржана во катедрала од 19 век во Лос Анџелес. Во ноември 2018 година се одржува премиерата на неговото соло-дело во PSNY’s Posthuman seriesAcephalous Monster. Ново дело, резултат на соработка со Касилс и Арша Фатима Хак, беше промовирано на први декември 2018 година во „Биосфера 2“, со наслов Циклично, презентирано од Музејот на современа уметност во Тусон.
За следната година, 2020-та, се подготвува преглед на неговите дела, куриран и организиран од историчарката на уметност и директорка на Школата „Роски“, Амелија Џоунс, а ќе се прикаже во галерискиот простор „Participant, Inc.“ во Њујорк и во други простори, а составен од секвенца на сцена, костими и фотографии.