Презентација на Антон Видокле: Бесмртност за сите

Музеј на современата уметност

20. декември, 2019, во 19 часот

Руската филозофија позната како ‘Космизам денес е речиси заборавена во целост. Нејзините утописки начела кои го комбинираат Просветителството со Источната филозофија, како и Руската ортодоксна традиција со Марксизмот, инспирирале повеќе значајни Советски мислители кои подоцна стануваат неподобни и жртви за време на Сталиновата репресија. Во трите дела на овој филмски проект, уметникот Антон Видокле го проследува влијанието на Космизмот во дваесетиот век препознавајќи ја  неговата важност и денес. Во првиот дел, Видокле се враќа на основните размисли на Космизмот (Ова е Космос 2014). Вториот дел ја истражува поврзаноста помеѓу космологијата и политиката (Комунистичката Револуција беше Предодредена од Сонцето 2015) и делот број три го воспоставува музејот како место за повторно оживување, што всушност е основната идеја на Космизмот (Бесмртност и Воскреснување за Сите 2017).

Комбинирајќи есеи, документарен филм и перформанс, Видокле упатува на текстовите на основоположникот на космизмот Николај Федоров и други филозофи и поети. Неговиот пристап со камерата се осредоточува на препознавање и истражување на Космизмот и неговите влијаниа во остатоците на Советската уметност, како и во архитектурата и инженерството, при тоа движејќи се од степите на Казахстан па се до музеите на Москва. Музиката користена во оваа филмска трилогија е на John Cale и Éliane Radigue, придружувајќи ги сликите потикнува копнеж за поврзаност, општествена еднаквост, материјална преобразба и бесмртност како срж на Космичката идеја.

АНТОН ВИДОКЛЕ е уметник како и главен уредник на списанието e-flux. Видокле е роден во Москва, денес живее и работи во Њујорк и Берлин. Неговите дела се претставени на многу меѓународни манифестации како Документа 13 и 56 Биенале во Венеција. Филмовите на Видокле се прикажании на фестивалот во Берген, Шангајското биенале, 65 и 66 Берлинале, Центарот Помпиду, Тејт, Музејот Гараж, Биеналето во Истанбул, Стеделик Музејот и многу други.