Пост-Југословени: Егзилот (не) е уште една скала во нечија биографија

msuadmin

In Минати настани, НАСТАНИ, Новости Posted

МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНАTA УМЕТНОСТ – СКОПЈЕ

18- 31. ДЕКЕМВРИ 2020

Музејот на современата уметност – Скопје од 18 до 31 декември го претставува последниот онлајн циклус филмови со наслов „Пост-Југословени: Егзилот (не) е уште една скала во нечија биографија.“

Програмски овој циклус се надоврзува на минатогодишната специјална програма на МСУ филм и видео „Југословенски експеримент(и) ” која што беше посветена на Југословенската филмска авангарда од 60-тите до 80-тите години. Иако не може да зборуваме за хронологија или континуитети во филмот и аудиовизуелната уметност во регионот, авторите и авторките кои се претставени во рамките на оваа програма делат сензибилитети кои се одредени од поетиката на просторот и заедничкото, како и од континуираното присуство на Југославија како историска, политичка и културолошка референца. Концептуално, пост-Југословени не претендира кон програмски мета-наратив, токму напротив – гради на идејата (на Валтер Бенјамин) дека авторите и авторките кои делуваат во транзиција, креираат слики на темпорални конфликти кои имаат за цел да ги разоткријат инструментите и целите на идеологијата на транзиција. Во нашиот контекст, овие филмски слики се едновремено и простори на различни доживувања на историјата, одеци на избришани или поништени истории, сеќавања, искуства, на политичкото, на колективното. Конечно, тоа се и простори преку кои создаваме или барем имаме прилика да создадеме афирмативни колективитети кои имаат потенцијал да црпат од прогресивното заедничко наследство.

Филмовите со кои ќе се отвори програмата – „Журнал 63 – Возот на сенките” на Ника Аутор и „Ти ја имаш ноќта” на Иван Салатиќ – ќе можат да се гледаат во целиот свет од 18 до 31 декември 2020 година. Филмовите „Писмо до татко ми” на Срѓан Кеча и „Родни краишта” на Јелена Максимовиќ ќе бидат достапни од 22 декември, а „Бел Божиќ” на Јосип Лукиќ, „На вода” на Горан Девиќ и „Орослан” на Матјаж Иваншин ќе бидат достапни од 25 до 31 декември.

„Пост-Југословени: Егзилот (не) е уште една скала во нечија биографија“ е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Кураторка на програмата е Кумјана Новакова, а визуелниот идентитет и графички дизајн е на Илиана Петрушевска.                     

Сите филмови се титлувани на англиски и македонски јазик.

Сите филмови можат да се гледаат преку каналот Вимео на МСУ филм и видео програмата (vimeo.com/msufilm).

Програма

18 – 31 декември 2020

vimeo.com/msufilm

Журнал 63 – Возот на сенките

Ника Аутор

Словенија, 2017, 38’

(достапно во целиот свет)

„Журнал 63“ ги следи практиките на самиот новински журнал и се обидува да постави и разбере еден конкретен историски наратив – исечок од снимка направена на

некогаш популарната Белград – Љубљана возна линија, каде бегалците не патуваат

во вагони за спиење туку меѓу тркалата на возот. „Журнал 63“ претставува лебдење во една визуелна историска истрага на железниците и ги истражува општествените промени и промените во визуелизацијата и конструкцијата на филмските слики;            и впечатоците кои произлегле од таквото патешествие во возот. Есеистичките и асоцијативните елементи на „Журнал 63“ го поврзуваат овој историски наратив со нашата потрага по среќата во актуелните општествени констелации, каде копнежот за среќа најчесто е поврзан со идејата за патување некаде – или со потребата

за обезбедување основни средства за преживување. Во нејзиниот концепт за журналот, Ника Аутор ги зема предвид основните традиционални форми на овој жанр и воведува различни содржински слоеви, сврзувајќи ги преку есеистичка нарација и визуелни елементи. Она што го прави „Журнал 63“ посебен е начинот на кој ја поместува границата меѓу традиционалната информативна, обраќачка анти-журнал форма и експерименталниот филм во кој преовладува текстуалноста. Филмот ги води гледачите низ приказната, а сепак им дозволува да ги пополнат празните полиња со нивните лични мисли и впечатоци.

Со филмот „Журнал 63“ Ника Аутор ја претставуваше Словенија на Венециското биенале во 2017 година, курирана од Андреја Хриберник, а како комесар ја потпишува Зденка Бадовинац.

Ти ја имаш ноќта

Иван Салатиќ

Црна Гора, Србија, Катар, 2018, 82’

(достапно во целиот свет)

Откако ќе го напушти бродот на кој работи, Сања се наоѓа во безизлена ситуација и нема каде да оди освен да се врати дома. Бродоградилиштето прогласува банкрот и еден куп работници се отпуштени. Бродовите се покриени со церада и оставени настрана да чекаат посветли времиња. Доаѓа бура. Некој го губи животот. Лука чека да падне ноќта во шумата. Ноќта во која се’ би можело да се промени.

„Ти ја имаш ноќта“ беше премиерно прикажан на Венецискиот филмски фестивал- во програмата Critics’ Week, а потоа прикажуван ширум светот.

22 – 31 декември 2020

vimeo.com/msufilm

Писмо до татко ми

Срѓан Keча

Србија, Велика Британија, 2011, 48’

(достапно во целиот свет)

Обидувајќи се да најде смисла во начинот на кој татко му избрал да умре, авторот на филмот отвора неколку кутии полни со забаталени нешта. Заборавените фотографии, писма и домашни видео-снимки го водат филмот назад во Југославија од 1970-тите години, во времето кога неговите родители станале љубовници. Но патувањето низ годините, до членовите од семејството, изгубените пријатели и места ги открива притаените ужаси од неодамнешните војни во регионот кои се’ уште ги растргнуваат луѓето и семејствата.

Родни краишта

Јелена Максимовиќ

Србија, 2020, 63’

(филмот е достапен во земјите на поранешна СФРЈ)

Една млада жена го открива планинското село на нејзината баба од каде таа побегнала за време на Грчката граѓанска војна. Таму наоѓа урнатини и заборав. Летото ја носи назад во селото, и таа ја чувствува неизбежноста на промените.

25 – 31 декември 2020

vimeo.com/msufilm

Бел Божиќ

Јосип Лукиќ

Хрватска, 2020, 27’

(филмот е достапен во земјите на поранешна СФРЈ)

Градски парк- идеално место за опуштање.

На вода

Горан Девиќ

Хрватска, 2018, 79’

(филмот е достапен во земјите на поранешна СФРЈ)

Портрет на еден поранешен индустриски град преку река која минува низ неговиот центар. Денес, реката е место за опуштање и уживање. Штом луѓето се сретнат околу водата или на речниот брег, тие веднаш се впуштаат во секакви општествени транзициски конфликти. Понекогаш реката ги открива остатоците од минатото кои оставиле траги во водата. Што ќе остане зад нас?

Орослан

Матјаж Иванишин

Словенија, Република Чешка, 2019, 72’

(филмот е достапен во земјите на поранешна СФРЈ) Човекот познат како Орослан умира и веста се шири брзо низ малото село, предизвикувајќи жалење и емоции. Подоцна, дејствата се претвораат во зборови, а зборовите во приказни. Сакајќи да ја надминат тагата и да му се вратат на природниот тек на животот, селаните почнуваат да си ги споделуваат сеќавањата за Орослан, реобмислувајќи го неговиот лик преку нивните приказни.