Наташа Неделкова: Изведувајќи го безличното/Манифестирање на спекулумот

Музеј на современата уметност

07. – 25. мај, 2022

„Изведувајќи го безличното / Манифестирање на спекулумот“ е проект на Неделкова кој се реализира во форма на две видео-инсталации „The Act of Seeing“ и “Manifesting Speculum” во два засебни простори во МСУ-Скопје. Во тие две „црни кутии“ на 3 проекции и 4 екрани ќе бидат претставени рефлексии за женската сексуалност, политичкиот ангажман, насилството и раскажувањето приказни.

Неделкова, потпирајќи се на концепти од Зигмунд Фројд и Лис Иригаре, ја преиспитува можноста за користење на техниките на манифестирање со цел да се визуализира женската сексуалност, која се смета за мистериозна, недостапна, за „црн континент“.

Со овој тематски фокус и на специфичен начин, ова е обид да се направи дополнителен придонес во расветлувањето на овој феномен.

„Низ овие инсталации го изведуваме безличното преку колективно слушање, танцување социјални кореографии и визуализирање позиции на протест. Женската сексуалност, гледана од перспективата на Манифестираниот спекулум, произведува етичко знаење кое е поетско, нетранспарентно и против општествениот поредок и закон. Таа е против опасните репродукции на истото. Ткае заедништво со непознатото што доаѓа, преку слободна игра“, вели Неделкова.

Владимир Јанчевски, еден од кураторите на изложбата, смета дека делата од оваа изложба на Неделкова, се креативно надоврзување на нејзините истражувачки интереси, кои се разработуваат и во некои претходни дела, како и во награденото видео дело „Ткива на идентитет“ претставено на 13.Биенале во 2021 година.

„Во една деликатно исткаена мрежа од видеа поврзани во две видео инсталации, Неделкова на едноставен начин гради една сложена структура, која се обидува да ја преиспита границата на видливото и затскриеното. Осврнувајќи се на значајни аспекти на (без)личното на пресекот помеѓу политичкото и поетското, таа ги открива суптилните релации на можностите нешто да се визуализира и да се манифестира како точка на отпор“, вели Јанчевски.

Неделкова е една од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје. Наедно, Неделкова е избрана од Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста 14 да биде дел од нивната официјалната програма оваа година.

Покрај Неделкова, наградени автори од 13. Меѓународно биенале на млади уметници се и Дарко Алексовски и Дритон Селмани. Наградата на Биеналето подразбира реализација на самостоен проект, а со тоа Музејот на современата уметност, како одговорна институција, ја остварува својата стратешка определба за стимулирање на рецентната уметничка сцена и отворање можности за достојно претставување на новите генерации уметници пред пошироката јавност.

Куратори на изложбата се: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија.

Спонзорирано од ЕВН АД Скопје.