1/2-4-2019| Што е филм? Сафија Бенхаим

01 / 02 април 2019

Музеј на современата уметност 

 

Редовната филмска и видео програма на МСУ  “Што е филм?” претставува серија на филмски проекции и разговори, со цел долгорочно програмирање, истражување и презентација на извонредни аудиовизуелни дела, кои ја дефинираат широката палета на филмската уметност во целиот нејзин современ спектар.


 

 

Програма:

01.април 2019, 20.00 часот

Магична треска, Сафија Бенхаим (Франција, Мароко, 40’, 2014)

Разговор: Сафија Бенхаим, Кристоф Постик, Кумјана Новакова

Во една грозничава ноќ, дете гледа дух – жена која доаѓа од морето, враќајќи се дома по долг политички прогон. Тивки приказни, бестелесни гласови и визии се мешаат во темнината на ноќта заедно со треската. Детето и дисидентката сега се едно и патуваат заедно до една чудна зграда на изгубени сеќавања. Историјата на деколонизацијата и заборавените политички борби се појавуваат и исчезнуваат. Но, нова борба, арапската пролет во Мароко, го поплавува минатото.

 

02. април 2019, 12.00 часот

Предавање: Што е филм? Сафија Бенхаим, модератори Кристоф Постик и Кумјана Новакова

 

02. април 2019, 20.00 часот

Темна крв, Сафија Бенхаим (Франција, 38′, 2018)

Разговор: Сафија Бенхаим, Кристоф Постик, Кумјана Новакова

 

Една ноќ, еден човек им кажува на своите деца чудна ловечка приказна: за исчезнувањето на неговиот пријател Џонатан, кој отишол сам во шумата следејќи елен со кој бил опседнат. Прогонуван од исчезнувањето, човекот се враќа на лов во далечните планини, на местото каде неговиот пријател исчезнал. Во текот на ноќта човекот слуша елен како доаѓа во шумата и се среќава лице в лице со својот долгогодишен изчезнат пријател, Џонатан. Во мрачната шумата, Џонатан му раскажува за неговата потрага по невидливиот ѕвер.

 

САФИЈА БЕНХАИМ

Како ќерка на марокански политички бегалци, Сафија Бенхаим во своите филмови го истражува прогонот како тема и недефинираната граница меѓу документаристиката и играниот филм со посебен интерес кон приказните за духови. Нејзиниот филм „Магична треска“ ја освои наградата „Tiger Shorts“ на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Ротердам.

 

Кураторка на програмата Што е филм? е Кумјана Новакова.