„Заборавените македонски уметници“ започнува со изложбата на плакати од Михајло Арсовски

Заборавените во МСУ
Михајло Арсовски е првиот автор од циклусот Заборавените македонски уметници. Овој циклус има за цел да го истакне значењето на македонските уметници кои придонеле за формирање на уметничката сцена надвор од татковината, но, за жал, во неа не се доволно застапени, ниту им е оддадена почитта што, секако, ја заслужуваат. Уметници кои не смеат да останат заборавени не само поради културното наследство што го оставиле зад себе, туку и заради идните генерации кои на овој начин ќе имаат можност, можеби за првпат да се запознаат со нив.
Оттука МСУ секоја година ќе се залага за презентирање по еден автор.

Влијанија
Од една страна, во 50-ттите големиот наплив на уметноста на плакатот, како мејнстрим и субкултура што се развиваше и покрај притисокот на комунизмот во Полска, а, од друга страна, појавата на поп културата во САД, секако, беше императив за голем дел од уметниците во тогашна СФРЈ да креираат импресионирани од новите бранови. Појавата на тотал дизајнот во 60-ттите години како систематска методолошка форма на дизајнот, интегративно дејствуваше кај Михајло Арсовски (влезници, покани, плакати, ентериерно уредување), водејќи се од личните доживувања и потреби, за да ја обликува уметничката сцена.

Михајло Арсовски е роден на 9 јули 1937 година во Скопје, во фотографско семејство, левичари, кое по Втората светска војна се сели во Загреб. Веќе кон средината на 60-ттите години создава свој препознатлив визуелен јазик со спојување на колажот, фотомонтажата, типографските цитати, често потенцирајќи го токму пикторалното и визуелното влијание. Тој е еден од најавтентичните пионери на графичкиот дизајн од 60-ттите години, признат по своите смели визуелни решенија, чија иновативност може да се препознае и денес кај дизајнерите во Хрватска. Со спојот на слики од високата и поп културата тој е, секако, зачетник на постмодернизмот во графичкиот дизајн. Неговиот опус се карактеризира со изразен личен став, отпор кон конвенционалните решенија и храбра критичка дистанца од тогашната актуелна ликовна сцена.

 

„Македонската уметничка сцена може и треба да научи како да го надградува својот курикулум на уметнички и едукативен план, како основа за поинакво развивање. Арсовски дома е идеја што лично ја имав зацртано пред себе во 2014 година. Нејзината конечна реализација во МСУ ме прави дополнително горд, бидејќи на овој начин се испишува поновата историја на Музејот, во склоп на новоотвореното одделение за архитектура и дизајн, што ќе понуди музеолошка обработка на дела од областа на дизајнот и архитектурата и нивно соодветно третирање. Никогаш не е доцна…“ – изјави Лазе Трипков директорот на Музејот на современата уметност.

Повеќе за изложбата на следниот линк: Михајло Арсовски – плакати